Германската амбасадорка во Бугарија, Ирене Марија Планк / Фото: Sofia Economic Forum

„Францускиот предлог“ е ставот на 27-те земји-членки на ЕУ, вели германската амбасадорка во Софија

Бугарија и Северна Македонија не се во билатерален спор, вели амбасадорката, која е децидна дека Берлин не е подготвен за повторни преговори за „францускиот предлог“

„Францускиот предлог“ за Северна Македонија, кој предвидува вклучување на Бугарите во уставот на земјата, нема да биде повторно разгледуван и преговаран, изјави денеска германската амбасадорка во Софија, Ирене Марија Планк. Во интервју за државната телевизија БНТ, таа коментираше дека „овој договор е резултат на унифициран консензус на сите земји од ЕУ и тој е основа Северна Македонија да започне преговори за членство во Унијата“.

„Ова не е билатерално прашање, како што често слушаме. Ова е ставот на 27-те членки на ЕУ“, рече амбасадорката.

Планк додаде дека Берлин не е подготвен повторно да преговара за таканаречениот „француски предлог“.

„Не. Верувајте ми, ако имаше нешто такво, ќе знаев“, одговори таа на прашањето за ова.

Амбасадорката Планк рече дека владеењето на правото е „исклучително важен аспект“ во преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ.

Другата важна точка во овој процес, според неа, е тоа дека „договорите мора да се почитуваат и спроведуваат“.

Во врска со темата за изградбата на Коридорот 8 и неговото регионално значење на Балканот, Планк коментираше дека „неговата изградба не напредува на начин на кој би сакале“.

„Мицкоски треба да знае дека Македонија не може да зема средства од Коридорот 8 и да ги пренасочува кон изградбата на Коридорот 10 и поврзувањето меѓу Северна Македонија и Србија“, рече Планк.

Но таа во разговорот за БНТ рече дека сè уште е оптимистка во врска со изградбата на Коридорот 8 по состанокот на министрите за транспорт на Бугарија и Северна Македонија што се одржа во Истанбул.

„Потоа, она што го слушам е дека успеале да најдат решение во врска со преговорите за изградбата на тунелот на границата меѓу вашите две земји“, рече таа, додавајќи дека изградбата на објектот е важна не само за подобра поврзаност, туку и „за стабилноста во Украина“.

„Овој коридор е многу важен за Украина во контекст на руската инвазија“, рече амбасадорката.

Оваа недела Планк се најде во центарот на вниманието откако присуствуваше на еден од протестите во Софија предизвикани од апсењето на опозицискиот градоначалник на Варна (член на Продолжуваме со промената), што доведе до многу остра реакција од бугарското Министерство за надворешни работи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот