„Францускиот“ ќе помине во Собрание, но пред Собрание потешко

Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Опозицијата смета дека Урсула фон дер Лајен при обраќањето пред пратениците ќе се обиде со убави зборови да ја амортизира уцената со која Македонија е соочена и порача дека го почитуваат нејзиното време, но и дека го почитуваат и своето достоинство и знаат што е добро за Македонија.

Жестоко ќе биде денеска пред Собранието, но и во пленарната сала каде треба да почне расправата за Информацијата за францускиот предлог, како и при најавеното обраќање на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во парламентот. Опозицијата оцени дека Лајен при обраќањето пред пратениците ќе се обиде со убави зборови да ја амортизира уцената со која Македонија е соочена и порача дека го почитуваат нејзиното време, но и дека го почитуваат и своето достоинство и знаат што е добро за Македонија. Иако е извесно дека францускиот предлог ќе добие поддршка од Собранието, опозицијата најави дека преку аргументирана дебата ќе се обиде да го разобличи „штетниот“ предлог и ќе гласа против.

Левица ги повика граѓаните на масовен протест и блокада пред Собранието. Неофицијално се најавува дека пред Собранието ќе има трактори, булдожери и други превозни средства во обид да се спречи усвојувањето на францускиот предлог.

За текот на седницата вчера поладне претседателот на Собранието Талат Џафери закажа координација со шефовите на пратеничките групи.

Според информации од Собранието, се очекува седницата да трае два дена. Информацијата за францускиот предлог пред пратениците се очекува да ја образложи претставник од Владата, по што ќе почне собраниската расправа. Според најавите, во расправата ќе учествуваат речиси сите пратеници од опозициските ВМРО-ДПМНЕ и од Левица. Се очекува Џафери да ги свика координаторите на пратеничките групи да направат последен обид Собранието да донесе усогласени заклучоци по Информацијата за францускиот предлог. Предлог заклучоци за францускиот предлог до Собранието достави и пратеникот од ДС Павле Трајанов, како основа за дебата за усогласени заклучоци. Доколку пропадне обидот власта и опозицијата да се усогласат за заклучоците, тогаш мнозинството и пратениците од албанскиот блок ќе ги изгласаат заклучоците предложени од власта. Нема информации дали ако нема договор, Трајанов ќе ги повлече своите предлог-заклучоци или Собранието ќе гласа за двата предлог-заклучоци. Извесно е само дека врз предложените заклучоци не ќе може амандмански да се интервенира.

Пратеникот Антонијо Милошоски повтори дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат за заклучоците само ако Владата прифати корекција на преговарачката рамка.

-Заклучоци за оваа бенигна информација би имале смисла само доколку истите ги прифати Владата, а имаат за цел да се направи корекција, а не прифаќање на францускиот предлог. Корекција, со којашто од францускиот предлог ќе се исфрлат билатералниот протокол и сите други уцени вклучувајќи ја измената на Уставот, коишто Македонија ќе ја внесат во еден ретрограден процес на политички кризи и тензии во следните 10 години. Во таков случај би имало смисла да се градат заклучоци, а Владата да го направи обидот до Брисел и до Париз да ги искаже своите сериозни забелешки, овој предлог да го одбие.  Дипломатијата потоа треба да се вклучи поактивно, не во барање предлог којшто нуди можност за фотографирање во Брисел и за политички кризи дома, туку предлог којшто нуди предвидливост на процесот на европеизација на државата. Сите други заклучоци би биле само алиби зад кои Владата би сакала да се сокрие и да каже дека го прифаќа предлогот бидејќи мнозинството пратеници гласале „за“ – вели Милошоски.

Тој повтори дека Владата е единствениот орган којшто може да одбие или прифати преговарачка рамка. Во пресрет на обраќањето на Фон дер Лајен пред пратениците, Милошоски вели дека во Македонија досега се обратиле Хавиер Солана, Баросо, Романо Проди, Могерини, Ангела Меркел, комесарите Хан и Оли Рен и дека сите имале слични обраќања.

– Македонија 20 години има одлични обраќања од политичарите од Брисел и нема никаква придобивка. Напротив, во овој моментот сме соочени со уцена што утре ќе се обиде, веројатно со убави зборови да ја амортизира и сегашната претседателка на Европската комисија. Го почитуваме нејзиното време, но си го почитуваме и своето достоинство – знаеме што е добро, а што не е добро за Македонија и сметаме дека овој преседан, каде што од земја кандидат се бара да ревидира историја и да промени Устав за воопшто да може да почне преговори, е понижувачки – смета Милошоски.

СДСМ порача дека ВМРО-ДПМНЕ е синоним за блокади, деструкции и бојкоти и дека прави сè за земјава да не стане дел од ЕУ.

– Со заклучоците кои СДСМ ги поднесе се гарантира безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на Македонскиот народ, за кои со ЕУ во ниту еден момент не се преговара. Бараме овие заклучоци да бидат единствени заклучоци за сите политички субјекти во Собранието – рече пратеникот на СДСМ Миле Талевски.

Иако за прифаќање на францускиот предлог се потребни 41 глас, се очекува тој да добие поддршка од околу 70 пратеници, односно од владејачките СДСМ, ДУИ, Алтернатива и ДПА, како и од опозициските Алијанса за Албанците и Беса. Против францускиот предлог се ВМРО-ДПМНЕ и Левица, додека неизвесно е како ќе се изјаснат четирите пратеници од ЛДП, ДОМ и од ДС.

Од ВМРО-ДПМНЕ повторија дека и да помине францускиот предлог во Собранието, преговорите нема да почнат поради уставните промени. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, преку Фејсбук порача:

„Информацијата и фарсата во Собрание може да ви помине, но промена на Уставот не! Вечер во 19 часот пред Влада, преку МНР до Собрание! Ултиматум, НЕ благодарам!“

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот