ФОТО | Здравствениот инспекторат затвори амбуланта во „Козле“ – патогените од мијалникот оделе во олук
Државниот здравствен и санитарен инспекторат ќе издаде решение со кое на ЈЗУ Клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“ ѝ се забранува да користи една од просториите како амбуланта. Досега во оваа просторија се планирало и во периодот од неколку денови се прегледувале пациенти на одделението за туберкулоза.
Но, ДСЗИ констатираше дека ова се правело надвор од прописите, затоа што мијалникот во амбулантата наместо да биде поврзан со канализација – бил поврзан со олук кој не водел до канализациска мрежа. „Слободен печат“ доби фотографија од конкретната амбуланта и како тоа било изведено. Вработените се жалат дека патогените од мијалникот оделе директно во олукот, што е надвор од сите прописи.
Просторијата се наоѓа на прв кат и претходно била користена како административен простор, но заради зголемен обем на работа на Б одделот имало потреба да се пренамени во амбуланта.
Со оглед на тоа што законската регулатива предвидува секоја ординација да има проточна топла и ладна вода и одвод, при пренамена е спроведена вода, но за одводот немало техничка можност да се изведе прописно заради кое на имровизиран начин одводот е приклучен на олук.
Од страна на ДСЗИ ќе се издаде решение со кое на установата ќе ѝ се забрани користење на просторијата како амбуланта сè додека не се изведе одводот прописно, приклучен на канализациска мрежа, велат од Државниот здравствен и санитарен инспекторат за „Слободен печат“.
Исто така инспекцијата ја задолжи Комисијата за интрахоспитални инфекции да се состанува пред и во текот на секој градежен зафат и да носи предлог-мерки со цел спречување да се појават интрахоспитални инфекции.
Освен ваков иновативен изум, за поврзување на олук без канализација, има и други места во болницата каде што се изведени слични зафати.