Во Белград има сешто — од театар во некогашна шеќерана до справи за мачење
Во Белград има сешто, од театар во некогашна шеќерана до справи за мачење.
Препорачано
Кога пристигнав во престолнината на Србија, судејќи според хотелот „Палас“ во кој престојував, веќе знаев што да очекувам. Стара градба од 1920-те, во собата телевизор од 1990-те, пепелник (во Србија се пуши внатре), во тоалетот туш со разлабавен држач, но сѐ е чисто. Ја фрлив торбата, па излегов на прошетка за да го искористам времето.
Комбинацијата од бруталистичката архитектура и старите средноевропски градби го прави Белград тежок. Зданијата се моќни, важни. Сѐ е начичкано со детали: графити, слогани и хумористични досетки. Секој стар дел, нов дел, паркинг, парк, урнатина — сѐ се вклопува, дури и контејнерот има своја приказна. Белград не е симетричен, а не ни треба да биде. Пасажите, дворовите и кафулињата го трупаат јавниот простор, кој сепак успева да дише. Има неокласична градба, па одеднаш се појавува некоја урнатина со мурал.

Првин го посетив Филозофскиот факултет, каде што начекав куп пораки на прозорците. По трагедијата во Нови Сад, со масовните протести низ Србија, факултетот стана еден од пунктовите на студентскиот отпор.
Неодамна, исто така, беше пронајдено тело на студентка пред зградата на Филозофскиот факултет. Криминалистичката полиција влезе во Ректоратот, од каде што одзеде снимки и сервери. Студентите и професорите тоа го доживеаја како дополнителен притисок врз универзитетската автономија, особено по сведоштвата дека во Ректоратот полицијата легитимирала присутни луѓе и сликала лични карти.
Стоев некое време пред стаклото, читајќи ги залепените крилатици. Над влезот имаше транспарент со пораката: „Не е филозофски да ќутиш“.

Потоа ја прошетав славната „Кнез Михаилова“, па откако се стемни, отидов во неколку препорачани локали, како „Берлин Монро“ и „Гувернанта“ — добри места за љубителите на рокенролот и, општо, на алтернативата.
Некои од ликовите што ги запознав таму веќе биле во наши андерграунд места. Еден шанкер ми рече дека, штом сум од Македонија, ќе ми налее малку повеќе за истата цена.
За жал, немав време да посетам многу препорачани места, како „Квака 22“, „Драгстор Београд“, „Дорќол плац“, „Електропионир“ и други, но има и другпат.

Кога се враќав кон хотелот, почна да истура дожд. Првото нешто што го забележав е дека нема пешачки премин на секоја раскрсница како кај нас. Понекогаш треба да поминеш еден километар за да преминеш улица, што веројатно е поради практични причини, со толку возила.
Градскиот превоз е бесплатен, има и кинески автобуси како нашите. Колку што разбрав, Белград губи тешки пари со ова, но веројатно економската стратегија е да привлече повеќе туристи. Насекаде се вејат српски знамиња. Таксито е доста скапо.
Следниот ден, по списокот на нешта што треба да се видат, посетив некои историски знаменитости. Бев и на Калемегдан, во кој има, од воени експонати до тезги на кои се продаваат чорапи со слики од Путин, Ким Џонг Ун и од Никола Тесла.
Во казаматите на Воениот музеј на Белградската тврдина имаше изложба со средновековни справи за мачење, па и за заштита, како: разни казнени справи, појас на невиноста, кршач на колена, железна чевла со ѕвонче итн.

Храната во Белград е добра, барем таму каде што јадев. Има и арапски, кинески, индиски, секакви ресторани. Традиционалната кујна е комбинација од домашната традиција со османлиски, австроунгарски и со пошироки балкански влијанија. Секако, пробав и српска шљивовица-препеченица, дуњеваќа, ракија од кајсија и српски крафт-пива. Србија има развиена сцена на мали крафт-пиварници, особено со голем избор на ИПА, но и со други стилови.
Хајлајтот ми беше театарот КПГТ. Се наоѓа во урнатините на некогашна шеќерана. Внатре има огромен шанк, во просторија полна со ќошиња што се користат и како мини-сцени за претстави. Играше „Болва в уво“, напишана од Жорж Фејдо, во режија на Љубиша Ристиќ. Настапи и познатата македонска актерка Ана Костовска, што ми дојде како супер изненадување.
Оваа претстава всушност била дипломска на српскиот режисер во 1970-те и е позната низ Балканот. Адаптирана е и кај нас, во Драмскиот театар.

Следниот ден заминав со грдо чувство. Сѐ ми дојде премногу. Белград е тежок за варење од прва. Кога престојуваш таму во краток период, а сакаш да искусиш сѐ, останува вкусот, но ништо не легнало како што треба. Потребно е подолго време, што јас го немав.
Железната чевла
„Оваа чевла била измислена во Австрија кон крајот на 17 век и иронично потсетува на удобните домашни папучи од нашето време. Се затегала со завртка, која го притискала стапалото и го принудувала да се собира. Степенот на притисок зависел од тежината на злосторството.
Осудениот бил теран да оди низ градот со ѕвонче околу вратот, за да се привлече внимание кон носењето на чевлите, болката што ја предизвикувале и, со тоа, кон тежината на неговото дело.
Замислете да пешачите со километри во чевли што се шест броја помали од вашето стапало“, вели описот на една од справите за мачење во казаматите на Калемегдан.


