ФОТО: Владимир и Дијана починаа од коронавирус во растојание од 10 дена, зад себе оставија 13 деца

Фото: Фејсбук

Дијана Родикова од Василиков во Украина починала во понеделникот од последиците на коронавирусот и тоа само девет дена откако битката со истата болест ја изгубил нејзиниот сопруг Владимир (44). Двајцата имале пет деца и биле старатели на уште осум, кои во рок од само неколку дена останаа без двајцата родители.

Владимир почина на 20 март, еден месец пред својот 45-ти роденден. Дијана не знаела дека нејзиниот сопруг починал. Лекарите се плашеле да и кажат, за да не и се влоши состојбата.

-Мама прва се разболи на почетокот на месецот. Почна да кашла, крена температура и се жалеше дека нема сила. Три дена потоа и кај тато се појавија истите симптоми. Набргу беа тестирани и за двајцата пристигна истиот резултат. Болниците се толку полни што лекарот рече дека не може да ги хоспитализираат додека сатурацијата не им падне под 80. Дури кога на тато му падна сатурацијата на 79, Итната помош дојде и го зема, раскажува најстарата ќерка Александра, која сега ќе преземе грижа за децата.

Александра вели дека Владимир три дена бил во едно одделение, а потоа го префрлиле на интензивна нега. Три дена подоцна, во болница завршила и нејзината мајка. Таа вели дека на почетокот мајката болеста ја поминувала полесно од татко и, кој целото време се жалел на огромни болки.

-Лекарите рекоа дека тато се борел… Сепак, маската со кислород веќе не помагала. Прво тато го ставија на респиратор, а потоа и мама. На 20 март, точно во 21 часот, тато почна да се гуши. Се пробаа, но немаше спас, вели Александра.

Фото: Фејсбук

Таа се плашела како нејзината мајка ќе ја поднесе веста за смртта на Владимир, па било договорено ништо да не и кажуваат. И таа се борела со опасната болест, по што одлучиле да ја префрлат во болница во Киев. За време на транспортот дошло до застој на работата на срцето.

-Докторот ме повика и ми рече: „Моли се нејзиното срце повторно да зачука“, вели Басија Володарскаја, нивната кума.

Таа вели дека Александра чекала пред болницата за да ја донесат мајка и на интензивна нега.

Лекарите цела ноќ се бореле да и го спасат животот. Успеале да и ја подигнат сатурацијата на 90 и да и го стабилизираат притисокот. Ја ставиле во кома и апаратите дишеле место неа, бидејќи нејзините бели дробови веќе не функционирале. За жал тогаш нејзините бубрези почнале да откажуваат.

-Докторот ме повика на 28 март и рече дека има пет отсто шанси да се извлече. Рече да очекуваме лоши вести за време на вечерта. Плачев цело време. Тој ден некако го избуткав. Се слушнав со лекарите еден час после полноќ, но сатурацијата и паѓаше, како и притисокот, раскажува Басија.

За жал, утрината на 29 март, во 6.20 часот и на Дијана срцето престана да чука.

Додека Владимир и Дијана се бореле за живот, 11 деца од нивниот дом биле сместени во Домот за деца без родители. На нив им било соопштено дека нивниот татко умрел, но децата се надевале дека Дијана ќе се извлече. Никој немал срце да им каже дека и таа е во многу лоша состојба.

Фото: Фејсбук

За жал, едно од девојчињата на Фејсбук прочитало статус на пријателка на нејзината мајка и сфатила дека таа починала. На крајот на сите морало да им се соопшти вистината.

-Кога стигнавме во Центарот за социјална работа сите веќе плачеа. Знаеа дека веќе ги нема. Веднаш прашаа што ќе биде со нив. Најстарата ќерка Александра има 21 година и е венчана, па сака да ја преземе грижата за нив, но сакаат да и доверат само три деца, нејзините биолошки сестри и браќа. Не се знае што ќе биде со останатите, вели кумата.

Кумата вели дека проблемот е и во куќата, бидејќи Владимир избегал од Донецк и неговата куќа е уништена за време на конфликтот. Куќата во Василиков каде фамилијата живеела и припаѓа на државата и им е дадена на користење.

Кумата вели дека набргу ќе започне хуманитарна акција за да им обезбеди на децата покрив над главите. Александра се надева дека ќе успее да ги задржи сите браќа и сестри, како и децата на кои нејзините родители им беа старатели. Сега им претстои сериозна битка, но таа не планира да се откаже од децата.

Извор: Телеграф.рс

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот