ФОТО | Револуционерно следење на пациентите: Апликација на телефонот помага во лекувањето на една од најопасните болести

Profimedia
Фото: Профимедиа

Истражувачите од Универзитетскиот колеџ во Лондон (УКЛ) и Слободната кралска болница во Лондон започнаа со тестирање на апликација за паметни телефони развиена за да овозможи следење на пациентите со заболување на црниот дроб по излегувањето од болница, објави „УКЛ њус“ (UCL News). Овој систем, наречен CirrhoCare, е наменет за подобрување на следењето на состојбата на цирозата на црниот дроб кај луѓето кои биле во болница и имаат 37 отсто ризик повторно да завршат во болнички кревет во рок од еден месец.

Пилот студија од 2020 година, во која беа вклучени 20 пациенти и 20 контролори, покажала дека апликацијата го намалила повторниот прием во болница за 38 отсто по 10 недели, но исто така го подобрила користењето на ресурсите во самата болница.


Новото тестирање ќе следи повеќе од 200 пациенти.

– Во моментот е ограничено следењето на пациентите со цироза на црниот дроб кои се отпуштени од болницата. Се сведува на закажани состаноци на секои неколку недели. Се открива дека на луѓето им е неопходен прием дури кога е предоцна – изјавил професорот Раџ Мукерџи од Медицинскиот факултет на UКЛ.

– Овој иновативен пристап во кој го користиме CirrhoCare ги одредува знаците на рано пропаѓање на црниот дроб за пациентите веднаш да ја добијат неопходната помош. Целта е да се спречат честите хоспитализации, но и да се подобри откривањето на оние на кои итно им е потребна помош. Бројот на смртни случаи поради заболување на црниот дроб се зголеми за четири пати од 1970 година и продолжува да се зголемува – објаснил тој.

 

Пациентите кои ќе учествуваат на тестот ќе добијат паметен телефон со СИМ-картичка и апликација CirrhoCare, како и паметен часовник кој ќе овозможи следење на пулсот, притисокот и температурата и лична вага која ќе ја мери тежината, но и течностите во телото.

Овие апарати, до кои ќе имаат пристап и лекарите, ќе го снимаат и спиењето на пациентите, како и нивната физичка активност, а пациентите ќе мора повремено и да одговараат на прашања во апликацијата за тоа како се чувствуваат и колку течности испиле. Податоците се анализираат со алгоритми кои утврдуваат дали има некакви компликации.

– Открив дека имам замастен црн дроб при рутинско давање крв. Се чувствував добро, но мојата состојба брзо се влоши, па се вклучив во истражувањето. Тоа беше многу корисно за мене, се чувствував како некој да ме следи 24 часа на ден. Имаше неколку повици бидејќи мојот крвен притисок беше толку низок, поради што тие беа загрижени. Апликацијата ме натера да спијам доволно, што мислев дека не го правам. Исто така, повеќе следев што јадам. Искрено, се чувствував добро користејќи го и ми беше жал кога морав да го вратам – раскажала Памела Еверет (71) од Холборн, која има цироза на црниот дроб.

Тимот предводен од Мукерџи, пред еден месец, исто така ја претстави и идејата дека камерите на паметните телефони можат да користат фотографии од челото, белките на очите и долните очни капаци со цел да се процени нивото на билирубин во крвта и на тој начин да се следи состојбата на пациентите со цироза на црниот дроб.

– Една од причините што болеста на црниот дроб е толку предизвикувачка е што состојбата на пациентите може многу брзо да се влоши. Несреќен е фактот дека кога пациентите пристигнуваат на клиниката со степен на жолтица поголем од очекуваниот, постојат големи шанси болеста да е многу напредната. Пристапот што го проценивме во оваа студија ни овозможи да ги следиме пациентите во нивните домови многу почесто отколку што е во моментов можно. Се надеваме дека ќе помогне во откривањето на влошување на клиничките симптоми пред состојбата да стане критична – изјавил тогаш професорот Раџ Мукерџи.

Како што напиша „еКлиника“, цирозата на црниот дроб е хронична патолошка состојба во која здравото ткиво на црниот дроб е заменето со (фиброзно) ткиво со лузни. Секое ткиво со лузна е нефункционално, вклучително и она што се формира во црниот дроб, што доведува до тоа, нормалното функционирање на црниот дроб да е отежнато. Колку повеќе лузни има, а помалку здраво ткиво останува, дотолку цирозата на црниот дроб е со потежок степен. Цирозата на црниот дроб е неизлечива болест, а напредната цироза на црниот дроб е опасна по живот.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот