Фото: EPA-EFE/ANTONIO BAT

ФОТО | Повеќе продавачи од купувачи- вака изгледа бојкот на хрватските маркети и бензиски пумпи

Во Хрватска во тек е еднодневен бојкот на продавници, малопродажни синџири и бензински пумпи поради постојаното поскапување, врз основа на иницијатива која започна во Фејсбук групата „Ало, инспекторе“, која е поддржана од Европскиот центар за потрошувачи. Бојкотот е поддржан од компании за заштита на потрошувачите, синдикати, политички партии.

Фото: EPA-EFE/ANTONIO BAT

Во Осијек наместо вообичаената гужва, бројот на посетители на продавниците во центарот на градот и поширокото подрачје е многу мал- пишува Н1.хр. Слична ситуација има и во малопродажен синџир во поширокото градско подрачје каде околу пладне работела една од десетина фискални каси. Отворени биле и касите за самопослужување,но немало гужви.

Фото: EPA-EFE/ANTONIO BAT

Во продавници во Ријека имало повеќе продавачи отколку купувачи. Медиумите пишуваат дека некои дуќани биле речиси празни околу пладне, со повеќе продавачи отколку граѓани кои дошле да пазарат, додека некои имале по неколку муштерии. Паркинзите пред трговските центри се речиси празни, некои имаат автомобили, но само со посетители во ресторани.

Вработените во синџирите за храна, продавници и бензински пумпи во Сплит денес се главно без работа, бидејќи клиентите во голема мера се одзваа на повикот за бојкот поради високите цени за намирниците- пишуваат медиумите. Според продавачите на прсти можеле да се избројат купувачите во месарници и пекари колку што дошле да пазарат. Колку сериозно граѓаните на Сплит го сфатиле бојкотот покажува и фактот што бензинските пумпи се речиси целосно празни. Невообичаено празен бил и градскиот пазар, каде продавачите тврдат дека не очекувале толку голем одѕив. Денеска ќе треба да ја вратат целата роба што ја донеле на пазарот.

Фото: EPA-EFE/ANTONIO BAT

Жителите на Загреб најмасовно одговорија на еднодневниот бојкот на продавниците поради високите цени. Како што пишува Хина, можеле да се забележат само неколку купувачи во трговските центри, како и во помалите маалски продавници во централното градско подрачје. Работниците во продавниците ги редат и бришат полиците, седат на каси и опслужуваат многу малку клиенти.

-Никој ништо не купува, не знаеме како ќе биде подоцна- коментираат продавачите за хрватските медиуми.

Како се одвивала оваа граѓанска иницијатива ќе покажат податоците на Даночната управа за фискализирани сметки. Инаку, во Хрватска потрошувачките цени мерени со ХИЦП во декември минатата година пораснаа за 4,5 отсто во однос на истиот месец во 2023 година, што е нивен најсилен раст од мај. Така, Хрватска е меѓу трите земји на ЕУ со највисока инфлација, зад Романија (5,5 отсто) и Унгарија (4,8 отсто). Годишната стапка на инфлација во ЕУ во декември минатата година изнесуваше 2,7 отсто, а во еврозоната 2,4 отсто, покажуваат најновите податоци на Евростат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот