ФОТО | Ја терала да ја бричи главата и да клечи со часови – Британка држела жена како робинка, ропството траело 25 години
Аманда Виксон (56), мајка на десет деца, е осудена на 13 години затвор затоа што 25 години држела жена како робинка во својот дом. Жртвата, која денес е во четириесеттите години, ја терала да ја бричи главата, редовно ја тепала ако не ги завршела домашните работи и ја хранела со остатоци. За време на заробеништвото Виксон од жртвата украла и повеќе од 100.000 фунти социјална помош, пишува Скај њуз.
Препорачано
Полицијата во март 2021 година, по дојава од еден од синовите на Аманда Виксон, упаднала во нејзината куќа во Тјуксбери во Глостершир. Спалната соба на жртвата ја опишале како „затворска ќелија“. Во просторијата имало само едноставен кревет со валкана постелнина, а голите малтерисани ѕидови биле покриени со мувла. Просторијата немала ниту сијалица.
Жената, која поради заштита на идентитетот се нарекува „К“, има потешкотии во учењето, а Виксон ја познавала од детството преку семејни врски. Во куќата на Аманда Виксон била донесена во 1996 година, кога имала само 16 години. Полицијата наведува дека Виксон повеќе од две децении ја држела во валкани услови, ја присилувала да се грижи за нејзините деца, ја заклучувала во куќата и ѝ ускратувала храна, како и лекарска и стоматолошка грижа.

Виксон ќе мора да отслужи две третини од казната
Поротата за време на судењето слушнала дека Виксон ја тепала со дршката од метла, при што ѝ биле искршени забите, ѝ истурала детергент за садови во грлото и ѝ прскала белило по лицето. Не ѝ дозволувала да се бања, па тоа го правела тајно ноќе. Судот исто така слушнал дека ја давела и ѝ ја туркала главата во веце-школка.
Виксон од доцните деведесетти години примала социјална помош наменета за жртвата на својата банкарска сметка, земајќи во текот на годините повеќе од 100.000 фунти. Откако била извлечена од куќата, лекарите утврдиле дека „К“ е неухранета.
Имала лузни околу устата, за кои се верува дека настанале од контакт со средства за чистење, како и плускавци на зглобовите од нозете, што одговара на нејзините тврдења дека со часови клечела чистејќи подови.
При изрекувањето на пресудата, судијата Иан Лори изјавил дека Виксон „упорно ги негира“ своите дела.
„Сериозноста на вашето злосторство е таква што изрекувам значителна затворска казна“, ѝ порача судијата. „Ова дело не беше изолиран случај, туку упорно траеше долги години“, додаде тој.
Виксон ќе мора да отслужи две третини од казната.
„Ништо не може да ги врати 25 изгубени години“
Жртвата денес живее со згрижувачко семејство, посетува колеџ и патувала на одмори во странство. На судот прочитала изјава.

„Поминав 25 години во страв, под контрола и злоупотреба. Ме третираа како мојот живот, мојата слобода и мојот глас да не се важни. Иако мојата злоставувачка сега е прогласена за виновна, траумата и кошмарите и понатаму ги носам со себе секој ден“, навела таа. „Ништо не може да ги врати 25-те години што ги изгубив“, заклучила.
Нејзината нова згрижувачка мајка опишала како „морала да ја води на лекари, да закажува бројни прегледи, да се обиде да ја нахрани и да ѝ покаже љубов“.
„Не беше навикната на такви работи“, изјавила таа.
Раскажала дека „К“ на почетокот не сакала да ја прегрне, но по недели поддршка и труд „се променила и станала полна со љубов“.
Аманда Виксон во јануари на Кралскиот суд во Глостер била осудена за кривични дела поврзани со современо ропство, вклучувајќи присилување на работа, противправно лишување од слобода и нанесување телесни повреди.
„Ова е едно од најстрашните злосторства што ги истражувала полицијата во Глостершир“
Главниот детектив инспектор Дејв Шор-Нај од полицијата на Глостершир даде изјава.
„Нема затворска казна што може да ја одрази болката и страдањето што Виксон ѝ ги нанесе на жртвата, ниту да ги врати децениите што ѝ ги украде“, порача тој.
Неговиот колега, детектив надзорник Иан Флечер, изјави дека ова е еден од „најлошите случаи“ што некогаш ги видел.
„Самата долготрајност на нанесената штета, речиси 25 години страдање и болка… Ова е едно од најстрашните злосторства што ги истражувала полицијата во Глостершир“, заклучи тој.


