ФОТО | Емилија Џипунова, една од основоположничките на балетската уметност во Македонија: Убавите работи ги ставам во фокус, а грдите – во мојот заборав

Емилија Џипунова / Фото: Приватна архива
Јас сум обичен човек, или жена, со сите мани и доблести, скромно вели раскошната пеперутка од нашето соседство.  
Емилија во „Дундо Марое“ / Фото: Приватна архива
Во сферата на балетската уметност зачекорила мошне рано, неподготвена. Вели дека тоа се случило некако одеднаш, ненадејно околностите ја втурнале во тој долг и сложен процес на животно и професионално зреење и созревање. Во мошне далечната 1948 година веќе била член на балетскиот ансамбл при Македонскиот народен театар, а веќе во 1949 година, со неполни тринаесет години, со нејзината прва соло нумера професионално застанала на балетската сцена при „Куќата покрај Вардар“.

Чест ни е што разговараме со Емилија Џипунова, балерина во пензија и теоретичар на балетска уметност, еминентна претставничка на првата балетска генерација на македонскиот балет. До нејзиното  пензионирање во 1975 година,  Џипунова има одиграно повеќе од триесетина соло и дуетни танци.

Стефанија Гаштарска, прва македонска балерина која стана дел од светски познатиот театар „Бољшој“ во Москва, прашува: Моето прашање за ценетата Емилија Џипунова, врвна македонска балерина солист, денес истакнат балетски критичар, која била дел од првиот состав на балетски уметници, состав кој остави голем белег во нашата македонска култура и благодарение на кој денес може да уживаме во благодетите што ги носи оваа прекрасна професија, и ние како млади играчи и секако публиката: Во која улога најмногу сте уживале и ја сметате за врв во својата уметничка кариера, а која улога Ви останала како голема желба?

– Ѝ припаѓам на онаа, веќе добро позната на нашата културна јавност, група на пионери од пионерскиот дом „Карпош“, која и официјално е запишана и прогласена за прва балетска генерација на македонскиот балет. Девојчиња кои храбро зачекоруваат во лавиринтите на строгите канони на врвната естетика на играта – балетот. Девојчиња, врз кои понатаму ќе се базира целокупната репертоарска програма со најголемите дела од класичната балетска литература.

Емилија во 1958 година / Фото: Приватна архива

Уште на самиот почеток, со неполни тринаесет години, ја добивам и одигрувам мојата прва соло варијација, во првата целовечерна балетска претстава „Бахчисарајска фонтана“ на Борис Асафјев, во кореографија на Ѓорѓи Македонски. Претставата постигнува голем успех и публицитет во културната јавност на Македонија. Од самиот почеток па сè до моето пензионирање во 1975 година, имам одиграно повеќе од триесетина соло и дуетни танци. Со секоја нова улога, нов предизвик, ново самоиспитување и самодоизградување. Сите ти се драги и сите ги паметиш, но некои од одредени причини, се врзуваат посилно во твојата меморија, како улогата на девојчето во балетското дело на Јохан, Едвард, Јозеф, Штраус „Штраусијада“ во кореографија на Нина Кирсанова, при едно наше гостување на големата балетска сцена на „Народно позориште“ во Белград. По одиграната варијација, бев трипати вратена на сцената од бурниот аплауз на публиката. Како и улогата на девојката во „Балерина и бандити“ на Волфган Амадеус Моцарт во кореографија на Александар Доброхотов, за која проф. д-р Драгутин Ортаков, во својата критика ќе напише: „А што да речеме за полетната, слично на пеперутка, алегро балерина Ема Џипунова, за нејзиното полетно и оптимистичко упаѓање во танцот на младите селани. Секако тоа е врвно олицетворување на оној моцартов оптимистички лајв-мотив сублимиран во целата музика врз која е граден овој Балет“…

Фото: Приватна архива
Стефанија Гаштарска прашува: Доколку творите во денешно време, со кој балетски уметник би сакале да ја делите сцената?

Балетот, како и танцот, во својата есенцијална потреба се во постојан и веќе недоприрлив процес на движење, истражување и создавање, што во креативна и интерпретативно танцово-техничка смисла, достигнати се висини од навидени граници. Граници, до кои Стефанија, Марко и сите наши денес талентирани млади уметници да се стремат кон тие висини.

Ивана Балабанова, танчерка, педагог, основачка на „Битрикс“, прашува: Бидејќи во изминативе години, по Вашето заминување од сцената, постојано го следите развојот на современата танцова уметност, што е она што Ве радува, што Ве возбудува кај изведбата на младите генерации и што е она што Ве допира?

– Како балетски критичар, но и интимно како балетски уметник и една од основоположниците на балетската уметност во Македонија, го следам, го поддржувам и се радувам на развојот и растежот на лирската убавина на балетот и енергијата и моќта на танцовата уметност кај нас. Се радувам на создавањето на нови балетски кадри и балетски уметници кои со своите креации како одраз на духот, времето и просторот, ги шират хоризонтите и ги сублимираат старите и нови тенденции. Класичната балетска техника ја обојуваат со елементи на модерниот балет, или се определуваат за формата и естетиката на современиот танц.

Фото: Приватна архива
Ивана Балабанова прашува: Како го воочувате квалитетот кај младите и по што би биле препознатливи новите генарции според Вас?

– Прашањето е мошне интересно и бара мошне опсежно елаборирање. Но со оглед  на лимитираниот простор, ќе се потрудам да дадам што поконцизен одговор.

Балетот како врвна естетика на играта, е една од најсуптилните и најсложени сценски уметности, исткаена од убавината на движењето, но и од исклучително сложениот систем од знаци, пози и движечки елементи во кои нема ништо случајно и ништо непотребно. Систем и техника која се совладува преку осум годишната едукација во балетското училиште, а се надоградува и усовршува на балетската сцена преку континуирано учество во балетските претстави. Истиот тој процес на едукација и сценско искуство го имам поминато и јас самата. Покрај тоа треба да се осознаат и совладаат сите иманентни елементи содржани во претставата (режија, сценографија, костим, музика), да се знаат и препознаваат балетските стилови (романтичен, класичен, неокласичен, модерен, национален и современ), да ги перцепираш работите и да бидеш опсерватор на сè ново што се случува во балетската и танцовата уметност, но и многу повеќе од тоа. Тогаш ќе можеш, условно речено, да ги препознаеш работите.

Емилија во „Франческа Да Римини“ / Фото: Приватна архива
Искра Шукарова, поранешен солист при Македонската опера и балет, професорка на Факултетот за музичка уметност, прашува: Драга Емица, моја професорка и балетски критичар, со голема почит Ви го поставувам следното прашање: Од каде наоѓате инспирација и свежина во животот?

– Животот ни дава многу опции за инспирација, за опстојување и живеење, но самите треба да ги откриеме и да ги ставиме во нашиот објектив, бидејќи тоа се сосема мали, скоро незабележливи, но мошне значајни нешта по својата суштина. Убавите работи се трудам да ги ставам во мојот фокус, а грдите ги оставам зад себе трудејќи се да ги заборавам и да ги ставам во мојот заборав.

Потекнувате ли од уметничко семејство? Како реагираа Вашите родители на Вашата одлука да станете балерина? 

Не, татко ми беше воен инженер и егзактните науки беа приоритет, мајка ми домаќинка, а баба ми учителка – од оние со солунска гимназија. Во почетокот тоа за нив беше детска игра… но, потоа ме условија, „гимназија и факултет, а балетот паралелно со нив“. Во моето семејство постоеше хармонија, љубов и взаемна почит и разбирање. Басните на Крилов и Езоп беа тие преку кои, мојот брат и мене, татко ми нè упатуваше во животот и нè изградуваше како личности.

Фото: Приватна архива
Имавме ли во тоа време добри професори по балет или беше потребно дообразување во други држави, од кого Вие најмногу научивте за балетот?

– Имавме одлични професори. Она што Ѓорѓи Македонски, како прв играч и прв педагог и кореограф, го започна, со несмален интензитет го продолжуваат Нина Кирсанова и Александар Доброхотов, уметници со висока репутација произлезени од најголемата балетска школа во светот, школата на Баљшој театар во Москва. А, подоцна и професорот Јуриј Мјачин од Ленинград (денес Петроград), со кого наставата во балетското Училиште „Илија Николовски Луј“ и работењето во балетскиот ансамбл при Македонскоиот народен театар доживуваат вистинска преродба со внесувањето на духот на колевката на балетската уметност, најчистата академска класична балетска техника.

Како се снаоѓавте, односно од каде ги набавувавте балетските костими, балетските чевли?

Грижата околу снабдувањето на специјалните балетски патики и балетската гардероба беше на одговорните за тоа во театарот. Приказката околу овие работи е прилично долга и необична, но за тоа… потоа… во некоја друга прилика.

Родени сте во Велес, но животот го минавте во Скопје, носталгични ли сте по старото Скопје?

Да, родена сум во Велес и во право сте, животот го поминав и еве уште сум тука во Скопје. Носталгија, или незаборав, како и да е, ми недостасуваат многу работи. Некои времето ги брише, а некој луѓето непромислено тоа го чинат.

Фото: Приватна архива
Кои беа Вашите најголеми откажувања во животот, на приватен план, поради професионалниот?

Имаше многу приватни откажувања, но пак дополнителни професионални задоволства со кои ги компензирав таквите откажувања.

Koja e Емилија Џипунова надвор од сцената и професијата?

– Обичен човек, или жена, со сите мани и доблести.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот