Фото: Еколошка катастрофа во долниот дел на реката Пена – коритото затрупано со смет

Коритото на реката Пена, која минува низ Тетово, со години за дел од граѓаните служи како место на кое се „ослободуваат“ од својот отпад. Се фрла разновиден смет: дотраен мебел, бела техника и слично. Најлоша е состојбата во долниот дел од течението, од мостот на булеварот „Индустриска“ кон селото Сараќино, каде реката тоне во илјадници тони ѓубре.
„Се фрла сѐ и сешто во реката, од шпорети до гарнитури, за сето ова треба да има поголема контрола од властите, но исто треба почесто да се чисти реката и да има поголем ред“, вели еден тетовец.
„Ова е срамота што се случува со реката Пена, од бисер на градот, низ реката сега има фекалии и отпад“, додава друг жител.

Од Општина Тетово, велат дека работат на посериозна стратетија и план за чистење на речните корита, што ќе вклучува континуирано одржување на хигиената. Речното корито на Пена сега не го чистат, оти како што рекоа, водостојот на водата варирал.
„Во надлежност на Општина Тетово се реката Пена, реката во Мала Речица, Голема Речица и Поројска река. Конкретно активностите за чистење на реката Пена ќе започнат од јуни, чекаме да помине зимскиот и пролетниот период, за да се стабилизира водостојот на Пена, кој што варира поради топењето на снегот на Шар Планина. Апелираме до граѓаните да бидат посовесни да не фрлаат отпадоци во реките и покрај нив“ изјави Милена Вучевска портпарол на Општина Тетово.
Од Центарот за јавно здравје во градот велат дека водата во Пена, според последните микробиолошки анализи, е од втора категорија, што е добар резултат, со оглед на купиштата ѓубре кои завршуваат во реката, која се влева во Вардар.
„Во реката се фрла многу смет, но сепак таа се уште е во втора категорија според последните резултати, сето тоа се должи на богатото количеството на кислород кое го има во водата. Да не се фрла сѐ и сешто во реката, резултатите би биле многу попозитивни“, велат од Центарот за јавно здравје Тетово.
Последните анализи на ЦЈЗ покажаа дека водата во реката Вардар, во делот каде таа поминува низ тетовско, припаѓа во трета категорија.