ФОТО | Две деца нападнати и повредени од домашни кучиња во Кичевско, мајката бара итна реакција од надлежните
Мајката на нападнатите деца додаде дека најстрашна од сè била реакцијата на сопственикот на агресивните кучиња, кој, како што вели таа, само ладнокрвно кажал дека на нејзиниот повреден син „не му е ништо“.
Две малолетни деца биле нападнати од две агресивни кучиња во кичевското село Другово, објави нивната мајка Лени Ангелоска-Здравеска од Гостивар.
Препорачано
Таа јавно побара реакција од институциите откако на 22 мај, додека шетала со нејзините деца, се случил овој инцидент.
„Во паника, помалото дете го кренав во раце, а со другата рака се обидував да го заштитам поголемото девојче и ја криев зад мене. Во тој момент едното куче ми го повлече малото дете од раце и тоа падна на бекатон“, напиша таа.
Кратко по овој напад, како што вели таа, се појавило уште едно, второ куче кое исто така ги нападнало.
„Ми го фати за дуксерот и повторно ми го повлече детето. Детето беше влечено по бекатонот“, вели Ангелоска-Здравеска.

При нападот, едно од децата кое завршило на бетонот, се нашло во непосредна близина од автомобил и, како што вели таа, за малку ќе завршело под тркалото. Мајката додаде дека детето се здобило со телесни повреди констатирани во Медицинскиот центар во Кичево.
„Со последни сили успеав да го извлечам, го зедов во раце и влегов во двор кај соседите за да се спасиме. Но, кучињата продолжија да се враќаат по нас“, пишува таа.
Мајката додаде дека најстрашна од сè била реакцијата на сопственикот на агресивните кучиња, кој, како што вели таа, само ладнокрвно кажал дека на повреденото дете „не му е ништо“.

„Најстрашно од сè е што човекот кој ги чува кучињата ладнокрвно одговори дека ‘не му е ништо’ и не покажа никаква грижа, одговорност или човечност“, наведува таа.
Мајката го пријавила случајот во МВР преку Брзата помош, а таа дала и официјална изјава и посочи дека настанот не го споделува бидејќи сака драма, туку затоа што, како што вели, тој ден било нејзиното дете, утре може да биде нечие друго.


