ФОТО | Бритни Спирс одлучи: Никогаш нема да се вратам во музичката индустрија

Фото: EPA-EFE/NINA PROMMER

Американската пејачка Бритни Спирс изјави дека „никогаш нема да се врати во музичката индустрија“ откако минатата недела се појавија гласини дека планира да се врати во студио и да снима нова музика, пишува „Би-би-си“.

Со објава на социјалните медиуми, „принцезата на поп музиката“ одговори на тврдењата во американските медиуми дека веќе е во потрага по текстописци за нејзиниот потенцијален 10. студиски албум.

„Да бидеме на чисто – повеќето вести се ѓубре. Тие (новинарите) продолжуваат да пишуваат дека комуницирам со случајни луѓе за да направам нов албум. Никогаш нема да се вратам во музичката индустрија“, тврди пејачката.

Некои медиуми сугерираа дека Спирс искомуницирала со Џулија Мајклс и Чарли Екс-си-екс, како нејзини потенцијални соработници на новиот албум. Но, пејачката додаде дека пишувала музика само за забава и откри дека напишала повеќе од 20 песни за други луѓе во последните две години.

„Кога пишувам, јас пишувам за да се забавувам или пишувам за други луѓе. За оние кои ја прочитаа мојата книга – има уште многу нешта кои не ги знаете за мене. Јас напишав повеќе од 20 песни за други изведувачи во последните две години. Јас сум писател од сенка и, искрено, уживам да работам на тој начин“, напиша таа во својата објава на Инстаграм.

Покрај текстуалниот дел, Спирс ја дополни објавата и со ренесансната уметничка слика „Саломе ја носи главата на свети Јован Крстител“ на италијанскиот сликар Гвидо Рени.

Фото: Скриншот/Инстаграм

Да потсетиме, Бритни Спирс ѝ се врати на музиката во 2022 година, по шестгодишна пауза, со дуетската песна „Hold Me Closer“ со легендата на британската сцена – Елтон Џон. Ова им даде надеж на нејзините обожаватели дека, сепак, таа ќе продолжи да се занимава со музика како во минатото.

Американската поп ѕвезда периодов беше актуелна со нејзините мемоари „Жената во мене“ („The Woman in Me“), кои ги објави во октомври минатата година. Меѓу другото, таа сподели детали за животот под конзерваторство и за болниот период кога морала да абортира за време на врската со пејачот Џастин Тимберлејк.

Фото: Chris DELMAS / AFP / Profimedia

Мемоарите на Бритни Спирс го принудија Џастин Тимберлејк да направи голема промена на Инстаграм

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот