Физалис: Плодови корисни за децата и дијабетичарите

Unsplash
Unsplash

Ова овошје што спаѓа во родот домати, има специфични портокалови плодови, кои потсетуваат на мини – домати, но се поинакви по вкус и растат скриени во мешунка, од исушените цветни листови. Тој е познат и како „цариградско грозје“, „перуанска јагода“ и слично.

Физалисот најчесто се одгледува како украсна билка, но може да се одгледува и за плодовите. За одгледување не е проблематичен и успева на секоја почва. Може да се посее директно или да се расади од садници. Билката издржува температура од минус 2 степени, а кога ќе падне на минус 3, треба да се прекрие и да се заштити од ладно.

Природната обвивка од цветни листови ги штити плодовите од оштетувања и им обезбедува трајност до три месеци по берењето, затоа при купување обрнете внимание дали е цела обвивката на плодовите.

Физалисот е богат со антиоксиданти, пектин, витамин А, Ц, органски киселини, микроелементи, влакна.

За желеа, мармалади и десерти

Плодовите од физалис најчесто се користат како декорација на десерти, но поради добриот состав, пожелно е да се јадат свежи. Имаат специфичен киселкасто – сладок вкус, со мала нота на горчливост.

Некои луѓе го додаваат во салати, сосови, туршија, коктели, џемови или компоти. Ако се глазираат плодовите со карамела се одлични за украс на торти и коктели. Сосовите со физалис совршено се вклопуваат со јадења од црвено месо.

Ако го исушите плодот потсетува на суво грозје. Поради високата способност да се желира, физалисот е многу ценет во кулинарството и можете да правите желе или слатко, ама најдобро е да го варите на отворено или во просторија што се проветрува додека се вари, затоа што може да се создаде непријатен мирис, што може да предизвика одбивност кон овие плодови, кои инаку се вкусни.

Моќен антиоксиданс

Физалисот во медицината се користи како моќен антиоксидант. Има смирувачко дејство, а чајот од физалис има диуретско и антиастматично и антисептичко дејство. Тој помага во прочистување на крвта и отстранување на камен од бубрег.

Антисептичките својства го прават одличен за користење при болести на грлото. Една од најдобрите особини на физалисот, ако редовно се консумира, е дека ги уништува внатрешните паразити. Го подобрува варењето и посебно се смета за плод кој е корисен за децата. Дијабетичарите можат да го консумираат без проблем. Според некои истражувања, тој е моќен стимулатор на имуниот систем.

Незрелите плодови не смеат да се јадат, затоа што можат да предизвикаат труење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот