Евровизиските претставници на Израел, Финска и Романија / Фото: EPA

Финалистите се познати — кои се најголемите фаворити за победа на годинашната Евровизија?

Евровизија отсекогаш била спој на музика, спектакл, драма и контроверзии, а ни 70. издание на фестивалот во Виена не е исклучок.

Според обложувалниците и евровизиските аналитичари, неколку земји веќе се издвојуваат како најсериозни кандидати за победа, а меѓу нив има сè – од моќни балади и електро-поп хитови до песни што предизвикаа скандали уште пред да започне натпреварот.

Главен фаворит оваа година е Финска со песната „Liekinheitin“, што во превод значи „Пламенофрлач“. На сцената настапуваат финската поп-ѕвезда Пете Парконен и виолинистката Линда Лампениус, која беше голема светска сензација уште во 1990-тите. Песната е драматичен спој на поп и виртуозна виолина, а организаторите на Евровизија направија редок исклучок и ѝ дозволија на Лампениус да свири виолина во живо на сцената, бидејќи инструменталниот дел е клучен за настапот.

Австралија исто така се наметна како еден од фаворитите благодарение на Делта Гудрем и песната „Eclipse“. Познатата пејачка, која светска слава стекна уште како тинејџерка, на сцената во Виена донесе типичен евровизиски спектакл – високи тонови, ветар, пиротехника, блескави костими и златен клавир. По полуфиналниот настап, Австралија се искачи меѓу првите фаворити за победа.

Австралиската претставничка Делта Гудрем / Фото: EPA/HANNIBAL HANSCHKE

Една од најконтроверзните песни годинава доаѓа од Романија. Александра Капитанеску настапува со „Choke Me“, песна што предизвика жестоки реакции од дел од организациите за права на жените поради текстот. Сепак, пејачката објасни дека песната не зборува за сексуални практики, туку за анксиозност и негативни мисли. И покрај контроверзиите, Романија останува миленик на голем дел од публиката.

Грција годинава се потпира на Акјлас и „Ferto“, модерна песна со етно елементи и електронски звук. Пејачот, кој до неодамна настапувал по бродови и пеел по улиците на Атина, денес е меѓу најголемите евровизиски изненадувања. Во песната пее за желбата за успех, богатство и подобар живот – тема со која, според него, се идентификува цела генерација Грци по економската криза.

Грчкиот претставник Акјлас / Фото: EPA/HANNIBAL HANSCHKE

Франција ја претставува 17-годишната Монро со „Regarde!“, моќна балада со оперски вокали. Таа веќе ја освои француската публика преку музичко талент-шоу, а евровизиските фанови ја споредуваат со последните победници што комбинираа поп и класична музика.

Италија оваа година изненади со изборот на 57-годишниот Сал да Винчи и диско-песната „Per Sempre Sì“, која многумина ја споредуваат со музика од италијанска свадба. Иако дел од критичарите ја нарекоа „саундтрак за мафијашка свадба“, песната има најмногу слушања на Спотифај од сите евровизиски песни годинава.

Италијанскиот претставник Сал Да Винчи / Фото: EPA/HANNIBAL HANSCHKE

Израел повторно се најде во центарот на политички тензии. Ноам Бетан настапува со француската поп-песна „Michelle“, но неговиот настап беше проследен со протести и извици од публиката поврзани со војната во Газа. Организаторите оваа година воведоа нови правила за гласање по минатогодишните обвинувања за политичко влијание.

Меѓу фаворитите е и Данецот Сорен Торпегард Лунд со „Foer Vi Gaar Hjem“, енергична денс-песна што ја освои публиката уште на националниот избор. Лунд, кој доаѓа од музичкиот театар, вели дека токму Евровизија е место каде уметниците можат целосно да бидат свои.

Во меѓувреме, организаторите го објавија и официјалниот редослед на настапите за големото финале во сабота.

  1. Данска – Сорен Торпегард Лунд – „Før vi går hjem“
  2. Германија – Сара Енгелс – „Fire“
  3. Израел – Ноам Бетан – „Michelle“
  4. Белгија – Есила – „Dancing on the Ice“
  5. Албанија – Алис – „Nân“
  6. Грција – Акјлас – „Ferto“
  7. Украина – Лелека – „Ridnym“
  8. Австралија – Делта Гудрем – „Eclipse“
  9. Србија – Лавина – „Kraj mene“
  10. Малта – Ајдан – „Bella“
  11. Чешка – Даниел Зизка – „Crossroads“
  12. Бугарија – Дара – „Bangaranga“
  13. Хрватска – Лелек – „Andromeda“
  14. Обединето Кралство – Look Mum No Computer – „Eins, Zwei, Drei“
  15. Франција – Монро – „Regarde !“
  16. Молдавија – Сатоши – „Viva, Moldova!“
  17. Финска – Линда Лампениус и Пете Парконен – „Liekinheitin“
  18. Полска – Алицја – „Pray“
  19. Литванија – Лион Цека – „Sólo quiero más“
  20. Шведска – Фелисија – „My System“
  21. Кипар – Антигони – „Jalla“
  22. Италија – Сал Да Винчи – „Per sempre sì“
  23. Норвешка – Јонас Лов – „Ya Ya Ya“
  24. Романија – Александра Капитанеску – „Choke Me“
  25. Австрија – Космо – „Tanzschein“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот