Венко Филипче / Фото: Слободен печат - Слободан Ѓуриќ

Филипче: Нема заткулисни договори, граѓаните да гласаат по сопствено убедување во општините каде СДСМ нема кандидати

Тој негира дека има договор за поддршка на Сотир Лукровски од ВМРО-ДПМНЕ во Карпош, откако синоќа беше објавена заедничка фотографија на Маја Мојсовска од СДСМ со Лукровски.

Лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче ги повика гласачите во општините каде партијата нема свои кандидати да гласаат по сопствено убедување и потенцираше дека во тие општини партијата нема да навлегува ниту навлегле во некакви калкулации и заткулисни договори. Филипче ги повика гласачите масовно да излезат на изборите и да ги поддржат кандидатите на СДСМ и коалицијата. Тој ја обвини власта за притисоци.

-Ние нема да навлегуваме, ниту навлеговме, во калкулации или во некакви заткулисни договори. Секој граѓанин, секој член, секој симпатизер има целосно право да одлучи согласно сопственото убедување според тоа кој кандидат носи вредности блиски до социјалдемократската идеја и до социјалдемократските вредности за чесно владеење, за почит, за еднаквост и за развој – рече Филипче.

Тој тврди дека СДСМ нема формална соработка ниту разговори со ниту една партија за  избор на градоначалник на Скопје каде во вториот круг се кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ Орце Ѓорѓиевски и на Левица Амар Мециновиќ.

– Немаме формална соработка ниту разговори со ниту една партија, ниту со ВМРО-ДПМНЕ, ниту со Левица, нашите членови и симпатизери нека одучат врз основа на тоа кој сметаат дека ќе може подобро да го води градот – рече Филипче.

Тој негира дека има договор за поддршка на Сотир Лукровски од ВМРО-ДПМНЕ во Карпош, откако синоќа беше објавена заедничка фотографија на Маја Мојсовска од СДСМ со Лукровски.

– Не станува збор за никаков договор, разговарав и со Маја ќе се видиме во текот на денов, таа напиша и едне пост, тоа го препишувам на политичко неискуство, нема никаков договор за поддршка на кандидат на ВМРО-ДПМНЕ во општина Карпош, каде и ние се боревме во првиот руг – рече Филипче.

Тој повика на масовна излезеност во вториот круг в недела и поддршка од граѓаните за кандидатите на СДСМ и коалицијата.

– Сите кандидати ќе бидат на ваша страна за програми кои се реални и кои може да се испорачаат. Со гласот за нив, порачувам до граѓаните дека гласаат за чесност, за отчет и за луѓе со резултати зад себе – рече Филипче.

Кандидатите на СДСМ кои се бореле за вториот круг во 17 општини, според него,  покажале што значи да се направат програми и истрчале добра кампања,  но „се соочиле со притисоци, заплашувања и злоупотреба на институциите од страна на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ“.

– И за време на периодот во првиот круг и во изминатите две недели сведоци сме на континуирани притисоци и врз нашите кандидати, членовите на тимовите, од страна на полицијата, единиците за брзо распоредување, од службите за социјална работа, од единиците на Управата за јавни приходи и тоа го детектиравме во буквално сите општини посебно засилено во 17 општини во очи на вториоит круг. Јасно е дека е карактеристика на ВМРО-ДПМЕ секогаш кога се на власт да го злоупотребуваат државниот апарат и да се обидуваат и да спроведуваат поткуп кај граѓаните – рече лидерот на СДСМ.

Тој потенцира дека во вториот круг бараат поддршка од сите граѓани и гласачи без оглед за кого гласале во првиот круг.

– Ги повикувам и сите кандидати и нивните поддржувачи кои не поминаа во вториот круг да се приклучат во оваа борба за поддршка на овие вредносни политики – рече лидерот на СДСМ.

Лидерот на СДСМ рече оти смета дека треба да продолжи, како што кажа, трендот на пад на поддршката на оваа владејачка гарнитура, што, додаде, било евидентно во првиот круг на изборите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот