Филипче блокиран уште при првиот обид за промени по негов вкус
На состанокот е решено наместо еден, да се воведат двајца партиски организациски секретари и формално е одлучено на 24 ноември да се одржи 30. Конгрес на партијата, на кој ќе се избере новиот Централен одбор и ќе се разговара за идните политики на партијата.
Првата покрупна промена предложена од претседателот на СДСМ Венко Филипче за организацијата на партијата – укинување на функцијата заменик-претседател – наиде на блокада од партискиот Централен одбор во оставка. На состанокот на ЦО, прв што не се одржува онлајн, туку со физичко присуство на членовите откако партиски лидер е Филипче, не присуствувале повеќе функционери од првата партиска постава.
Ова, сублимирано, се главните поенти од состанокот, на кој е решено наместо еден, да се воведат двајца организациски секретари и формално е одлучено дека на 24 ноември ќе се одржи 30. Конгрес на партијата, на кој ќе се избере новиот Централен одбор и ќе се разговара за идните политики на партијата.
Коментарите во партијата се дека отсуството на дел сопартијци и обидот да се укине заменик-претседателската позиција, се порака до Филипче дека тешко ќе му оди консолидирањето на СДСМ по историскиот изборен пораз доколку тој не излезе од сенката на експретседателот Зоран Заев, под претпоставка дека тој тоа го сака. Од друга страна, дел сопартијци оставаат простор Филипче да ја крене партијата, но повторно со задршка, очекувајќи сликата да биде појасна по изборот на најтесното партиско раководство.
Неуспешниот обид да се укине заменик-претседателската позиција, како и предлогот на Конгресот да бидат предложени измени на партискиот Статут со воведување уште еден организациски секретар, кој доби виза на вчерашниот состанок, некои сопартијци ги коментираат како потези на Филипче што не покажуваат капацитетност за консолидација на партијата, туку за укинување или воведување плус функции според моментната кадровска понуда со која располага партијата.
На состанокот на ЦО отсуствувале екслидерот Димитар Ковачевски, генералниот секретар Миле Зечевиќ, потоа Бојан Маричиќ, Славјанка Петровска, Петре Шилегов, Бисера Костадиновска-Стојчевска, Стефан Богоев и Андреј Петров.
Против укинување на заменик-претседателската функција биле мнозинството членови. Предлогот на Филипче го толкуваат дека без таа функција губи демократичноста во партијата и дека преголема моќ ќе се концентрира во генсекот што, пак, како што велат, била фактичка ситуација во изминативе две години, по доаѓањето на Ковачевски за претседател на СДСМ. Според едни, заменик-претседателката во оставка Сања Лукаревска, само на хартија била на функцијата, односно била заобиколувана за многу клучни одлуки во СДСМ. Според други, од функционерот зависи дали ќе се наметне и како ќе ја практикува функцијата.
Функцијата заменик-претседател ја воведе поранешниот премиер Зоран Заев како претседател на партијата во 2013 година, кога на таа функција ја назначи Радмила Шеќеринска во обид да ја консолидира и тогаш поделената и раскарана СДСМ.
На синоќешниот состанок не поминал ни предлогот на член на ЦО од Куманово да нема нови избори за претседател во март, туку на актуелниот Филипче да му се продолжи мандатот. Според информациите, на ова се спротивставил и лично Филипче, па предлогот отпаднал. Овој потег на претседателот на СДСМ за дел сопартијци е показател дека на Филипче треба да му се даде шанса да профилира автентични партиски политики односно дека не работи по директива на Заев.
Според партијата, воведувањето на два организациски секретари е поради потребата од засилување и подобрување на оперативната работа на партијата. Според информациите, еден од организациските секретари ќе биде фокусиран само на Скопје. Централниот одбор одлучил и дека пред одржување на 30-тиот конгрес да продолжи со работа и 29-тиот конгрес, кој беше прекинат на барање на општинските организации. Сепак, според извори од СДСМ, на 29-тиот конгрес се очекува да бидат прифатени оставките на функционерите и на ЦО, можеби и ќе се анализира катастрофалниот пораз на последните парламентарни избори, но без да се посочи лична одговорност.
– Заедничка е оценката дека интензивната работа во изминатиот период води кон консолидација на СДСМ. Забележано е подобрување на атмосферата во општинските организации и до постепено враќање на довербата. СДСМ и во опозиција останува на страната на граѓаните и ќе продолжи да се спротивставува на погрешните политики на власта, но и со активностите кои значат грижа за стандардот на граѓаните, преку предлагање законски решенија во Собранието – велат од СДСМ.