Фото: EPA/Neil Hall

ФИФА целосно го менува правилото за офсајд – најголема промена во историјата на фудбалот?

ФИФА подготвува револуционерна промена во фудбалските правила, а таа се однесува на судиските одлуки за офсајд позиции во текот на натпреварите.

Како што потврди претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, светското фудбалско тело е во фаза на тестирање на ново толкување на офсајд, според кое напаѓачот би бил во недозволена позиција само ако целото негово тело е пред одбранбен играч (или кој било), што значително би го променило начинот на кој правилото се применува денес.

– Пред неколку години го воведовме ВАР за да го направиме фудбалот пофер и да им овозможиме на судиите да ги исправат грешките. Ќе продолжиме да ја подобруваме технологијата, но и да ги преиспитуваме правилата за да ја направиме играта попривлечна и поинтересна – рече Инфантино на Светскиот спортски самит во Дубаи, Обединети Арапски Емирати.

Шефот на ФИФА истакна дека се разгледува промена на правилото за офсајд, кое во иднина би барало напаѓачот да биде „целосно пред“ голманот за да се досуди офсајд.

– Во иднина, може да се случи напаѓачот да мора да биде пред дефанзивецот со целото тело за да биде во офсајд. Моментално сме во тест фаза – додаде Инфантино.

Идејата зад оваа промена е на поранешниот тренер на Арсенал, Арсен Венгер, раководител на ФИФА за глобален развој на фудбалот, кој со години се залага за правило кое би ја фаворизирало напаѓачката игра и би ги намалило минималните, милиметарски офсајди кои станаа вообичаени со ВАР технологијата.

ФИФА, исто така, разгледува дополнителни мерки за забрзување на играта и намалување на прекините, а Инфантино потсети на веќе воведеното правило кое доделува корнер на противничкиот тим ако голманот ја држи топката повеќе од осум секунди.

Доколку тест фазата е успешна, таканаречениот „Венгеров закон“ наскоро би можел да се спроведе на најголемата фудбалска сцена, што би претставувало една од најзначајните промени на правилата во модерната фудбалска историја.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот