Фестивалот РУТА донесе театарски продукции со врвна актерска игра и естетика во Драмски театар Скопје

Фестивалот РУТА во Скопје ќе заврши со претставата „Отело“

Драмски театар Скопје од 3 до 8 октомври е регионален театарски центар, односно домаќин на фестивалот РУТА (Регионална унија на театри) во чија програма се шест театарски претстави.

Првата половина на фестивалот РУТА во Скопје помина со значајно учество на македонски актери и автори во подготовката на претставите. Домаќинот Драмски театар Скопје одлучи фестивалот да биде отворен со премиера на својата најнова театарска продукција.

Станува збор за претставата „Фирма“ во режија на Нела Витошевиќ, поставена на текст на Роланд Шимелфенинг. Режисерката Нела Витошевиќ ликовите од овој современ и актуелен текст ѝ ги додели на актерската екипа составена од Ирена Ристиќ, Ивана Павлаковиќ, Сања Арсовска, Филип Трајковиќ, Игор Ангелов и Стефан Вујисиќ. Сценографијата е на Константин Трпеноски, костимографијата на Роза Трајческа-Ристовска, а изборот на музиката е на Нела Витошевиќ. Премиерата на претставата се одржа на 3 октомври на сцената во Драмски театар.

Прва гостинска претстава на фестивалот беше „Декамерон“ во режија на Дејан Пројковски. Претставата е копродукција на Градско позориште Подгорица, Народно позориште Ниш и „Барски летопис“, а во Скопје беше изведена на 4 октомври. Претставата „Декамерон“ е поставена на текстот на Џовани Бокачо, драматург е Стеван Копривица, додека во уметничката екипа на претставата се сценографот Валентин Светозарев, костимографот Марија Пупучевска, асистентот на драматургот Сашо Димоски и композиторот на музиката Горан Трајкоски од Македонија, додека сценските движења и кореографијата се на Тамара Вујошевиќ – Мандиќ, корепетитор е Рената Перазиќ, асистент на режија е Бранка Кнежевиќ, а дизајнот на промотивниот материјал е на Ена Вучковиќ.

Режисерот Пројковски посочи дека со текстот на Бокачо ги поврзала појавата на коронавирусот и ковид-пандемијата што му се случи на современото човештво пред три години, а главната тема на претставата е човековата слобода, а во суштина и личната слобода на човекот.

Актерките и актерите во претставата „Нора“ / Фотографија: Петер Џодани

Претставата „Нора“ на Местно гледалишче Љубљана, Словенија, на сцената на Драмски театар гостуваше на 5 октомври. Режијата на претставата е на македонската режисерка Нела Витошевиќ, која истакна дека драмата „Нора“ е првиот феминистички текст на Ибзен напишан во 19-иот век и познат е по тоа што главната хероина е симбол на женскиот отпор и на женската слобода.

Членови на Регионалната унија на театри се и „Камерни театар 55“ од Сараево, Београдско драмско позориште и Театар „Улисис“ од Загреб.

„Камерни театар 55“ од Сараево настапи на 6 октомври со претставата „Син“ на режисерот Дино Мустафиќ, работена по текстот „Син“ од трилогијата на Флоријан Зелер. Во претставата играат Адмир Гламочак, Давор Голубовиќ, Сабина Бамбур, Џана Пињо и Амар Селимовиќ.

Београдско драмско позориште настапи на 7 октомври со претставата „Самрак на боговите“ со текст на Ивор Мартиниќ во режија на неодамна починатиот Јагош Марковиќ. Пораката на претставата е дека секој човек има влијание на опкружувањето, сите сме соучесници на доаѓањето на лошите времиња и настани. Репликата „Сите сме виновни со своето однесување или недејствување“ е нитка присутна низ целата претстава.

Вториот фестивал РУТА во Драмски театар Скопје ќе заврши на 8 октомври со изведба на претставата „Отело“ на режисерката Оксана Дмитриева од Украина. Работена по текстот на Вилијам Шекспир, претставата е копродукција на театарот „Улисис“ од Хрватска и Сарајевски ратни театар од Босна и Херцеговина.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 199, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 7-8.10.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот