Плакат со програмата на 18. „Златна лира“

Фестивалот на музичките уметници на Македонија „Златна лира“ ќе се одржи во Музејот на македонската борба

Сојузот на музичките уметници на Македонија – СМУМ го најавува осумнаесеттото издание на фестивалот на камерна музика „Златна лира“, кој традиционално ќе се одржи од 15 до 30 октомври 2025 година. Овој фестивал, со својата богата традиција и препознатлив уметнички печат, останува посветен на промоцијата на врвните достигнувања во домашното камерно исполнителство.

Во рамки на годинашното издание, публиката ќе има можност да присуствува на седум камерни концерти, на кои ќе настапат реномирани македонски музичари што го градат својот уметнички пат во земјата и во странство.

И годинашната програма ја нагласува разновидноста на камерните изрази и интерпретативни пристапи во камерното музицирање, што ја дефинира програмската препознатливост на фестивалот. На подиумот ќе настапат дуата Александра Коцевска и Глигор Гелебешев, Страшо Темков и Елена Атанасовска Ивановска, Даниел Апостолов и Дарко Мариновски, како и триата „Академико“ и „Анимато“.

Во рамки на својата програма, фестивалот „Златна лира“ и оваа година ја продолжува мисијата на поддршка и афирмација на младите уметници, создавајќи простор за нивна промоција и за првите чекори на професионалната сцена. Настапот пред публика во рамките на еден ваков фестивал има особено значење за нивниот уметнички развој и понатамошно изградување на кариерата.

Во тој контекст, Сојузот на музичките уметници на Македонија (СМУМ) традиционално соработува со Меѓународниот натпревар на млади музичари „Охридски бисери“, кој од 2002 година се одржува секоја година во Охрид и обединува талентирани учесници од целиот свет во различни категории и дисциплини. Плод на оваа долгорочна соработка е наградата за најуспешен македонски учесник на натпреварот, што ја доделува СМУМ и која вклучува настап на фестивалот „Златна лира“.

На фестивалскиот подиум оваа година ќе се претстават младите уметници Ѓорѓи Димовски и Маја Божиновска – добитници на ова признание, чие музичко изразување и уметничка зрелост најавуваат нови насоки и свежа звучна перспектива во програмата на фестивалот.

Свеченото затворање на фестивалот ќе се одржи на 30 октомври во Музејот на револуционерната борба, со настап на пијанистот Глигор Гелебешев. Вовед во завршната вечер ќе биде доделувањето на традиционалната награда „Златна лира“, што СМУМ ја доделува на уметници за исклучителен придонес во музичката уметност.

Фестивалот „Златна лира“ се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам. Влезот на сите концерти е слободен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот