Евроинтеграции: Албанија нема време да нѐ чека на патот кон ЕУ

ЕК/ Фото архива

Ако до пред една година Албанија беше солидарна со земјава по бугарското вето за добивање датум за преговори, сега веќе нема дилема дека соседната земја ќе ги следи своите интереси и ќе продолжи кон Брисел.

Историјата се повторува. Македонија и Албанија после една година повторно се наоѓаат на крстосница на патот кон Европската Унија и ќе се види која од двете земји по кој пат ќе тргне, заедно во ист правец кон Брисел или едната кон ЕУ, другата кон непознато.

Ако до пред една година Албанија беше солидарна со земјава по бугарското вето за добивање датум за преговори, сега веќе нема дилема дека соседната земја ќе ги следи своите интереси и ќе продолжи кон Брисел. Потврда за тоа се изјавите од политичарите во регионов, вклучувајќи ги хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, албанскиот премиер Еди Рама, како и македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи. Првите двајца токму од Софија најавија дека е можно раздвојување на Македонија и Албанија во преговарачкиот процес со ЕУ доколку земјава не го исполни ветеното менување на Уставот, односно уставните амандмани со кои во него треба да се вклучат Бугарите, Хрватите, Црногорците, веројатно и Евреите.

Министерот Османи по неговиот неодамнешен престој во Брисел рече дека за Западен балкан се појавува нова патека, која што е поврзана пред сѐ со геополитичкиот момент и со Украина. Според него, сега е во наши раце одлуката дали ќе бидеме дел од таа патека или ќе се изолираме, односно дали Албанијаќе се приклучи на Србија и на Црна Гора, а ние ќе останеме со БиХ и со Косово.

– Ова го кажувам отворено. Очигледно за Украина ќе има еден нов момент во однос на европската перспектива дури оваа година. Не може да се премине Западен Балкан за да се овозможи таа патека, што значи дека ќе мора да има патека и овде и таму. Сега е во наши раце дали ќе бидеме дел од таа патека или ќе се изолираме. Со тоа Албанија ќе се приклучи на Србија и на Црна Гора, ние ќе останеме со БиХ и со Косово – изјави Османи по престојот во Брисел и средбата со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.

Од Софија деновиве се огласи хрватскиот претседател Милановиќ кој беше во официјална посета на Бугарија и по средбата со бугарскиот шеф на државата Румен Радев рече дека „за жал, постои можност Албанија и Македонија да бидат одвоени во преговарачкиот процес за влез во ЕУ, бидејќи Македонија има одредени услови кои доколку не ги исполни, нема да може да продолжи“.

Во тој случај, Албанија најверојатно сама ќе може да го продолжи преговарачкиот процес.

– Сега ќе дојдеме до таму што најверојатно Македонија, доколку не ги направи овие уставни измени на кои се обврза, ќе треба да почека време кога ќе го стори тоа. Тоа е услов што постои, а кој ЕУ го прифати. Македонија го потпиша овој услов и мора да го исполни – изјави Милановиќ со коментар дека сите земји од регионот веќе треба да бидат дел од Унијата.

Само неколку дена пред него, исто така од Софија се огласи албанскиот премиер Рама со порака дека неговата земја и Македонија на патот кон ЕУ не треба да бидат разгледувани во пакет.

– Денес сметам дека нашите патишта природно се разделија. Затоа што од моментот кога една земја ќе ги започне пристапните преговори, нејзиниот пат зависи од нејзините заслуги, а не од политиката или од геополитиката. Барем така е на хартија. Е, знаеме дека понекогаш, а и сè повеќе, она што е напишано на хартија не се случува во реалноста. Но, не гледам причина да бидеме држани заедно повеќе. Секој си има свој пат – изјави Рама.

Хрватскиот претседател во Софија изјави дека Албанија најверојатно сама ќе може да го продолжи преговарачкиот процес.

„Сега ќе дојдеме до таму што најверојатно Македонија, доколку не ги направи овие уставни измени на кои се обврза, ќе треба да почека време кога ќе го стори тоа. Тоа е услов што постои, а кој ЕУ го прифати. Македонија го потпиша овој услов и мора да го исполни“, изјави Милановиќ.

Хрватскиот претседател коментира дека сите овие земји веќе треба да бидат дел од ЕУ, вклучувајќи ги Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија.

Дека секоја земја, во случајов Албанија, си ги штити своите интереси не е воопшто чудно ниту невообичаено, велат експертите и нормално е да се бори за сопствениот напредок.

– Процесот на проширување подразбира индивидуална оценка на напредокот на секоја држава-кандидат, и тоа е еден од аспектите што ќе биде во наша полза, откако ќе ги започнеме преговорите – вели за „Слободен печат“ Васко Наумовски, универзитетски професор и поранешен вицепремиер за европски прашања.

Според него, до сега имаше ситуации во кои Македонија била понапред, и била забавена заради недоволниот напредок на Албанија, бидејќи бевме во заедничка група. Сега, пак, Албанија ќе ги започне преговорите, а почетокот на нашите преговори е доведен во прашање.

– Логично е Албанија да ги заштити своите интереси, и да се бори за сопствениот напредок. За жал, од предводници на процесот на европеизација на Западниот Балкан, остануваме на крајот, без јасна перспектива, што е и причина за драстично намалување на поддршката за влез во ЕУ кај нашите граѓани. Единствена можност е да се интензивираат реформите, и во некој иден момент да се приклучиме на останатите држави кои ќе преговараат со ЕУ – додава Наумовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот