Пропадна користењето руски пари – ЕУ ќе ја финансира Украина со заедничко задолжување од 90 милијарди евра
По 15 часа разговори во Брисел, самитот на ЕУ постигна договор за заем од 90 милијарди евра за финансирање на Украина за двегодишниот период 2026-2027 година, објави претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, преку Икс.
Препорачано
„Одлуката за издвојување на 90 милијарди евра за поддршка на Украина за 2026-2027 година е одобрена. Ние ја исполнивме нашата обврска“, нагласи Антонио Кошта.
We have a deal.
Decision to provide 90 billion euros of support to Ukraine for 2026-27 approved.
We committed, we delivered.
— António Costa (@eucopresident) December 19, 2025
Парите ќе бидат собрани преку заедничко задолжување меѓу 24 од 27-те земји членки на ЕУ, но сите тие требаше да се согласат со планот бидејќи тој е загарантиран од централниот долгорочен буџет на ЕУ, пренесува Ројтерс.
Сите земји членки на ЕУ, освен Чешка, Унгарија и Словачка, ќе се здружат и ќе соберат 90 милијарди евра заеднички долг, поддржан од буџетот на ЕУ. Тие пари ќе ѝ бидат позајмени на Украина во текот на следните две години.
Потоа Киев ќе ги користи идните руски воени репарации за да ѝ ги врати парите на ЕУ. И ако Русија одбие да ги плати парите, „Унијата го задржува правото да ги користи“ своите замрзнати државни средства „за да го отплати заемот“, напишаа лидерите на ЕУ во конечните заклучоци на самитот, заедничката изјава што земјите ја издадоа на крајот од разговорите.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека замрзнатите средства на Русија во Европа ќе бидат искористени за отплата на заемот на Украина доколку Русија не одлучи доброволно да го стори тоа кога ќе заврши војната во Украина.
„Замрзнатите руски средства ќе останат замрзнати сè додека Русија не ги плати репарациите на Украина“, рече тој.
„Украина треба да го врати заемот само откако Русија ќе ги плати репарациите. И ние јасно ставаме до знаење: Доколку Русија не ги плати репарациите, ние ќе ги искористиме – во целосна согласност со меѓународното право – замрзнатите руски средства за отплата на заемот.“
„Претпоставувам дека парите ќе бидат достапни најдоцна во втората половина на јануари“, рече германскиот канцелар кога беше прашан кога заемот од повеќе милијарди евра ќе му биде достапен на Киев. Парите ќе ја одржат земјата на површина во текот на следните две години, рече Мерц, додавајќи дека договорот на лидерите на ЕУ е „добра вест за Украина и лоша вест за Русија“.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го поздрави договорот на Европскиот совет за задоволување на „итните финансиски потреби на Украина за следните две години“.
Земјите членки се согласија да ја финансираат Украина преку задолжување на ЕУ на пазарите на капитал, обезбедувајќи 90 милијарди евра во текот на следните две години. Ова ќе се направи преку „засилена соработка“, поддржана од буџетската маргина на ЕУ и врз основа на едногласен договор за измена на тековната повеќегодишна финансиска рамка, објасни Фон дер Лајен.
Како и со заемот за репарации, Украина ќе треба да го врати заемот само ако добие воени репарации од Русија. Дотогаш, руските средства ќе останат замрзнати, а ЕУ продолжува да го задржува правото да ги користи парите од руските фондови за финансирање на заемот.
Финансирањето на Украина по 2027 година ќе биде дел од тековната дискусија за следната повеќегодишна финансиска рамка (2028-2034).
„Во октомври одлучивме дека Европската Унија ќе ги покрие итните финансиски потреби на Украина за 2026 и 2027 година. Минатата недела одлучивме дека Русија нема да ги врати своите средства сè додека не ги прекине своите агресивни дејствија. Денес одобривме распределба на 90 милијарди евра за Украина за следните две години“, рече Кошта.
Според претседателот на Европскиот совет, како итна мерка, ЕУ ќе ѝ додели заем на Украина, кој ќе биде обезбеден од буџетот на Заедницата, со цел веднаш да ги покрие финансиските потреби на земјата. Како што појасни, „Украина ќе го врати овој заем само кога Русија ќе плати компензација“.
Во исто време, Унијата го задржува правото да користи замрзнати руски средства за да го отплати заемот, додека Европската комисија беше задолжена да продолжи со работата за создавање заем за компензација врз основа на замрзнатите руски средства.
Во истиот контекст, „27“-те, исто така, се согласија да ги продолжат санкциите против Русија. Како што подвлече Антонио Кошта, „нашата цел не е да ја продолжиме војната“, нагласувајќи дека денешните одлуки имаат за цел да постигнат „праведен и траен мир за Украина“.
„Единствениот начин да се донесе Русија на преговарачка маса е зајакнување на Украина“, истакна тој, додавајќи дека овие одлуки ќе му обезбедат на Киев потребни средства „да се одбрани и да го поддржи украинскиот народ“.
Претседателот на Европскиот совет, исто така, испрати јасна порака до Москва, велејќи: „Прво, не сте ги постигнале вашите цели во Украина. Второ, Европа стои покрај Украина денес, утре и колку што е потребно. Трето, Русија мора сериозно да седне на преговарачка маса и да прифати дека нема да ја добие оваа војна“.
Како што заклучи, „единствениот пат напред е прекин на огнот и договорен мир“, јасно ставајќи до знаење дека политичката и финансиската поддршка на Европската Унија за Украина нема да се намали, со цел изградба на „слободна и просперитетна Украина во рамките на Европската Унија“.
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави во раните утрински часови денес, по постигнатиот договор во ЕУ за доделување бескаматен заем од 90 милиони евра на Украина, дека „повторно би можело да стане корисно“ за Европејците да водат дијалог со рускиот претседател Владимир Путин.
„Во наредните недели, исто така, мора да се најдат начини и средства за Европејците, со добра организација, да можат да продолжат со целосен дијалог со Русија, со целосна транспарентност“, рече тој за време на прес-конференција во Брисел.


