Фото: МИА

ЕУ со притисокот си прави противуслуга во Македонија

Наместо кон реформи, интегративниот процес ќе почне да нѐ води кон удоволување на бугарските барања, и тоа со поттекст дека самите сме се согласиле на тоа, коментираат аналитичарите за критиките на еврокомесарот Вархељи кон опозицијата и за изјавата на евроамбасадорот Гир дека без уставни измени, преговорите за членство во ЕУ ќе запрат.

Изразениот притисок што евродипломатите деновиве видливо го вршат врз Македонија за што побрзо да го смени Уставот и да ги внесе Бугарите во Преамбулата, само дополнително ќе ја зголеми недовербата во Европската Унија, затоа што наместо кон реформи, интегративниот процес ќе почне да нѐ води кон удоволување на бугарските барања, и тоа со поттекст дека самите сме се согласиле на тоа, коментираат аналитичарите за отворените критики од еврокомесарот за проширување Оливер Вархељи кон опозицијата и за изјавата на евроамбасадорот Дејвид Гир дека без уставни измени преговорите за членство во ЕУ ќе запрат.

Сличен став изнесе и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, според кого ЕУ го троши својот кредибилитет кога удоволува на мегаломанските барања на поединечни држави.

Сами го легитимизиравме притисокот врз нас

Политикологот Иво Ранѓеловиќ вели дека ако т.н. француски предлог го ставиме во контекст, тогаш тој претставува основа за бескрајни уцени.

– Првата замка што ја поставува овој предлог е вметнувањето на Бугарите во Уставот, чија суштина само по себе и не е така спорна. Спорен е контекстот што нѐ става во заложништво, односно самите на себеси ќе бидеме причина за блокирање на преговорите доколку не го изгласаме вметнувањето. Едноставно, не можете да се обврзете за нешто за што немате основа или гаранција. Ние тоа го правиме. Со прифаќањето на францускиот предлог, за секое неисполнување на условите наведени во него, ние самите ќе бидеме виновни за евентуалниот застој или неуспех во преговорите. Со тоа, го легитимизираме притисокот кој претставниците на ЕУ го вршат врз нас – вели Ранѓеловиќ за „Слободен печат“.

Фокусот на реформскиот процес, додава тој, повеќе нема да биде во суштината на реформите колку што ќе биде во исполнувањето на бугарските норми, кои пак, стануваат европски.

– Причината за ваквиот пристап на ЕУ се покомплексни и почнуваат со внатрешните проблеми во функционирањето, па сè до неуспехот на ЕУ да се наметне како единствен, унифициран актер на глобалната политичка сцена. Денес никој не може да биде про-ЕУ или анти-ЕУ бидејќи содржината на што тоа значи европски вредности е во најмала рака разнишана – смета Ранѓеловиќ.

Аналитичарот Благојче Атанасоски вели дека во овие три децении, Македонија како да е полигон за тестирање на кршењето на меѓународното право и показна вежба до каде може да се оди со тоа.

– Правилата се и повеќе од сурови, тие што се внатре во ЕУ и во НАТО поставуваат уценувачки услови кон своите соседи апликанти, а за тоа добиваат или премолчана или отворена јавна поддршка, како во последниот случај. Тоа ни покажува дека во ЕУ повеќе функционира политиката на беспринципиелна прагма одошто толку споменуваните европски принципи. Мојот најголем бес и фрустрација за македонската евроинтеграција е тоа што на нашиот трансформациски пат кон полноправно членство, наместо да ги исполнуваме предвидените Копенхашки критериуми и да ги подобриме сите општествени сфери на реалното живеење, ние ќе се исцрпуваме со исполнување на барањата на официјална Софија, меѓу кое и ова за промптно внесување на Бугарите во нашиот Устав – вели Атанасоски за „Слободен печат“.

Мицкоски: Единствена помината црвена линија е таа на здравиот разум

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски деновиве беше мета на остри критики од еврокомесарот Оливер Вархељи, според кого партијата ги поминала основните демократски црвени линии и европскиот цивилизиран начин на водење политика со палењето на документи во пленарната собраниска сала и со поттикнување насилство при дејствувањето против „францускиот предлог“. Мицкоски одговори дека единствените црвени линии што се поминати се тие за распродажбата на македонскиот идентитет и грубата трговија со нашите историски наследства. Тој смета дека, соодветно на европската бирократија, Вархељи сака уште едно завршено поглавје на своето биро.

– Разбирам дека му е тешко да го разбере она што за нас е исклучително важно, а тоа е нашиот идентитет и правото како немногуброен народ да опстоиме. И тоа во состојба кога нашиот сосед има аспирации и неоправдано нѐ блокира, искористувајќи ја слабата и корумпирана влада, која, не можејќи да испорача резултати, тргува со идентитетските обележја. Но, исто така и комесарот треба да сфати дека во ситуација кога никој од Владата не ја консултираше опозицијата при изработката на документот, кога целосно беа игнорирани нашите барања јавно да се објави Протоколот со бугарските мегаломански барања, кога се прифати Преговарачка рамка по која немаме вистински старт на преговорите, туку обична фотосесија и истите проблеми кои останаа, единствената црвена линија која се помина е таа на здравиот разум, на идентитетското распознавање на Македонија и народот, како и бескрајната толеранција на ЕУ на неразумните блокади и тапкањето во место – рече Мицкоски во интервју за „Дојче веле“.

Тој додава дека единствено сака доследно почитување на вредностите врз кои почива ЕУ, а тоа е почитување на различностите и силно вреднување на солидарноста.

– Ниту Европа ниту Бугарија ќе има голема корист од тоа што криминална влада и условени политичари исполниле мегаломански барања преку кои довеле една земја и народ во потчинета состојба – вели Мицкоски.

Евроамбасадорот Дејвид Гир завчера изречно предупреди дека без промена на Уставот, нема преговори со ЕУ.

– Промената на Уставот е суверена одлука на оваа земја. Но, земјата веќе има добар извештај за меѓуетничките односи и ако се направи таа промена, тоа дополнително ќе го зацврсти напредокот на тоа поле. Ако промената на Уставот не се случи, процесот едноставно ќе застане таму. Со други зборови, скринингот ќе продолжи до одредена точка и потоа ќе застане да ја чека државата. Тоа не е бидејќи трета држава ставила вето, туку дека самата земја одлучила да се повлече од обврските што ги преземала по ова прашање – рече Гир во интервју за Канал 5.

Станувањето членка во ЕУ, дополни тој, зависи од брзината со која се спроведуваат реформите. Евроамбасадорот Гир рече и дека е впечатливо што пред францускиот предлог немало противења на идејата за менување на Уставот, па „треба да се запрашаме зошто сега има толкава опозиција за тоа“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот