Елдорадо за батерии

Марко Бислимоски

Веста дека за само една година во државава се изградени централи од обновливи извори со вкупен инсталиран капацитет од 152,2 MW што е еднаква на три стратешки енергетски капацитети кои државата ги градела со години како ХЕЦ Козјак, ХЕЦ СВ Петка и ветрениот парк Богданци ја препознаа за интересна не само домашните туку и регионалните медиумски куќи. Тоа говори дека енергетиката конечно си го најде своето место во јавноста како стратешка тема, и тоа во најголема мера е резултат на енергетската криза и последиците со кои е засегнат секој граѓанин.

Овој податок говори прецизно дека сите предуслови за приватна иницијатива се овозможени за да можат да реализираат ваква импозантна инвестиција, кумулативно процената од околу 60 милиони евра. Овие 267 централи, на кои за една година им се издадени лиценци, со инсталираниот капацитет можат да ги задоволат потребите на  65 700 домаќинства кои имаат просечна потрошувачка на електрична енергија или, да бидам прецизен, би се задоволиле потребите на домаќинствата во шест градови низ државава како Охрид, Тетово, Кратово, Свети Николе, Крушево и Крива Паланка.

Ако се земе предвид дека либерализацијата на пазарот на електрична енергија во претходните години испорача до 40% пониски сметки за струја, пред да настане оваа експлозија на цени на светските берзи, тоа сепак делуваше инспиративно кај стопанствениците. Дел од нив, својата претходно акумулирана добивка одлучија да ја реинвестираат, а дел и се задолжија за да ги изградат централите со крајна цел да ја намалат енергетската зависност и да си обезбедат струја од сонце, ветер, биогас и вода за сопствените потреби.

Интензитетот и ентузијазмот не е опаднат и само ќе се засилува во годината која е пред нас. Тоа значи дека енергетската транзиција е реалност. Во првите три недели од месецов поднесени се околу 40 барања за нови лиценци за обновливи извори.

Централите од обновливи извори се најдобри од аспект за животна средина, но од аспект на водење на електро-енергетскиот систем се предизвикувачки затоа што произведуваат струја само кога има сонце и ветер. Еден облак може да направи проблем и да предизвика дебаланс кој треба да се надополни со струја од дополнителни извори за да влезе системот во рамнотежа.

Со цел да се балансира снабдувањето со електрична енергија, Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), заедно со преостанатите чинители од енергетскиот сектор во годината што е пред нас, ќе има клучна задача да воспостави процедура со која оние што што ќе градат фотоволтаични централи ќе треба да инсталираат и батерии.

На тој начин ќе обезбедиме предвидливост и сигурност во реализацијата на инвестициите во енергетската транзиција дека секој произведен вишок на струја може да се акумулира и да биде пуштен во мрежата кога ќе им треба на корисниците. Па така струјата произведена од сонцето преку ден, ќе може да се користи и навечер благодарение на батериите.

Првичните проценки и анализите се движат дека батериите ќе треба да имаат капацитет да акумулираат 10-20 отсто од инсталираниот капацитет на фотоволтаичната централа.
Дека во батериите е иднината кога се во прашање обновливите извори на енергија, говори и податокот дека Европската комисија има обезбедено фондови токму за батерии. Проценките се дека инвестицијата би се зголемила за околу 20 до 30 отсто.

Ако во 2022 година Северна Македонија стана Елдорадо за инвестиции во обновливи извори на енергија, тогаш во 2023 година ќе стане Елдорадо за батерии.

Марко Бислимоски,
Претседател на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги и претседател на Бордот на регулатори на Енергетска Заедница

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот