Фото: Приватна архива

Ексклузивно интервју со Данијела Мартиновиќ: Знаев дека Јосип е вистинскиот, кога место поздрав ми рече, секогаш нека те следи насмевката

Во изминатиов период Мартиновиќ особено го привлекува вниманието откако е во љубов со инспекторот Јосип Плавиќ, а нивната љубовна приказна почна под необични околности.

Хрватската пејачка Данијела Мартиновиќ на 17 март ќе одржи концерт во Скопје, во Македонската филхармонија, во организација на „Авалон продукција“. Во изминатиов период Мартиновиќ особено го привлекува вниманието откако е во љубовна врска со инспекторот Јосип Плавиќ, а нивната љубовна приказна почна под необични околности.

Пред концертот во Скопје, ексклузивно за „Слободен печат“, со Данијела разговараме за љубовта со Јосип, за нејзината новата книга „Туширање на душата“, која е најпродавaна во Хрватска, за музиката…

Се ближи концертот во Скопје, што да очекуваме?

– Искрено, едвај чекам да дојдам повторно во Скопје и воопшто во Македонија. Скопскиот концерт ќе биде ноќ полна со емоции, музика и добра забава.

Кога доаѓате во Македонија, имате ли можност да седнете во некој автентичен македонски ресторан?

– Општопознато е дека македонската храна е одлична, полна со деликатеси, разни специјалитети што мене лично ми се допаѓаат. Затоа и одењето во автентичен ресторан е неопходна работа без која не се може при секоја посета на Македонија.

Фото: Приватна архива

Крајот на 2023 година ја објавивте Вашата петта книга „Туширање на душата“, која е најчитаната автобиографија во Хрватска. Која беше причината да се откриете себеси?

– Со денови пишував, иако немав намера да објавам книга. Но, ете, за цело време ме водеше инспирацијата и некоја необјаснива потреба да пишувам. Дури на крајот се роди идејата за книга и денес сум многу среќна поради тоа.

Очекувавте ли дека книгата ќе биде најчитаната во Хрватска?

– Немав никакви очекувања. Мојот ментор Бранислав Глумац ми рече: „Никогаш не можеш да знаеш каква ќе биде судбината на книгата, таа има свој пат и свој живот.“ Оваа негова реченица длабоко ме трогна, бидејќи сфатив дека ако сѐ она што го напишав, тргнувајќи од сопствените искуства, на кој било начин ќе инспирира, ќе мотивира или ќе утеши некого, е тоа е најголемата награда за мене.

Фото: Приватна архива

Љубовта со партнерот Јосип Плавиќ почна на необичен начин откако ја пријавивте кражбата на Вашиот идентитет на интернет. Која е првата работа на која се сеќавате кога се запознавте?

– Нашата прва средба, всушност, беше телефонски, но многу добро се сеќавам на бојата на неговиот глас. Разговорот беше пријатен, а кога требаше да се поздравиме, наместо вообичаен поздрав, ми рече: „Секогаш нека те следи насмевката“, молчев неколку секунди и точно знаев дека тој е исклучителна, посебна личност.

Покрај тоа што е и моторџија и добро пее, колку често е во кујната?

– Јосип е навистина сестрана личност и многу работи го прават среќен. Една од нив е секако готвењето, кое го опушта и речиси секој ден ме изненадува со некој нов деликатес.

Фото: Приватна архива

„Од 14 години сум на сцената, под светлата на рефлекторите, а поголемиот дел од мојот живот бев невидлива“. Зошто го кажавте ова на промоцијата на Вашата книга?

– Секој човек има свој внатрешен свет, свои борби и моменти кога мисли дека е невидлив. Тоа се болни и осамени моменти, а таа реченица е потсетник за сите луѓе дека секогаш постои некој што ќе ни подаде рака.

Сепак, Вие сте една од најпопуларните пејачки и во Хрватска и во регионот. Тешко ли е да ја одржите популарноста сиве овие години?

– Популарноста е резултат на мојата љубов кон пеењето и уметноста, а фактот што луѓето ме сакаат сиве овие години е потврда дека единствената важна работа во животот е да го следиш своето срце и кога сето тоа изгледа невозможно, само срцето нè води на вистинската дестинација.

Фото: Приватна архива

Дали Ве плашат годините?

– Искрено не. Годините ни носат искуство, искуството носи мудрост и кон тоа се стремиме сите. Затоа и немам страв од годините.

Што Ве прави среќни, а што може да Ве изнервира?

– Не можам да кажам дека нешто може премногу да ме изнервира, но не сум љубител на градскиот метеж.
Она што ме прави среќна е пролетниот дожд, прекрасен облак во облик на срце, тишина, музика, мачките Лу и Пико, грст моменти што се случуваат во еден ден и создаваат нешто прекрасно – животот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот