Економските приоритети на новата влада предводена од Зоран Заев: Платите ќе продолжат да растат

Фото: МИА

Заев нагласи дека новата влада има план за иновативна, стабилна конкурентна македонска економија, подготвена да одговори на новите предизвици и да понуди шанса за секој.

Новата македонска економија и забрзаниот економски раст се на првите страници на Програма за работа на Владата за мандатот 2020-2024 година, истакна во експозето мандатарот Зоран Заев на денешната собраниска седница за избор на новата македонска влада.

– Во претходните 3 години, во време на решавање на најголемите отворени прашања на надворешен и внатрешен план,  покажавме дека можеме да се обезбедиме повисок економски раст кој создава нови работни места, паралелно со повисоки плати и пензии. Покажавме дека може да се постигне историски најниска невработеност, а минималната плата да се зголеми за дури 60 отсто, од 9.000 денари на 14.500 денари за нецели три години, рече Заев.

Тој нагласи дека во Северна Македонија во изминатите три години влегле вкупно 1 милијарда и 177 милиони евра странски директни инвестиции.

– Во првиот квартал во 2020 година кога се случи официјалниот прием во НАТО кој веќе беше најавен на европската и светската сцена и беше сигурен, во државата влегоа за 2,8 пати повеќе странски инвестиции во однос на првото тримесечје од 2019 година. Покажавме што значи да се спасуваат работни места и да се одржува стабилна економија и во време на огромни последици предизвикани од светската пандемија од невидени размери. Ова за нас е дополнителен мотив да работиме двојно повеќе. Не само за да излеземе од кризата со што помалку последици, туку и брзо да се вратиме на претходните стапки на раст. Бидејќи очигледно е дека – можеме, рече Заев пред пратениците.

Тој нагласи дека новата влада има план за иновативна, стабилна конкурентна македонска економија, подготвена да одговори на новите предизвици и да понуди шанса за секој.

– Во таква економија, платите ќе продолжат да растат.  За време на кризата се обврзуваме да ја задржиме минималната плата на висина од 14.500 денари и со нови пакет мерки да ги помагаме ранливите категории граѓани, компаниите, работните места, сите. По завршувањето на кризата, Владата ќе продолжи со своите докажани заложби: раст на минимална плата до крајот на мандатот во висина од 20 до 40% и раст на просечната плата до крајот на мандатот од 20 до 30%, во зависност од должината и влијанието на коронакризата врз светската и домашната економија. Нашите цели се јасни, 20.000 денари минимална плата и 34.000 денари просечна плата до крајот на четиригодишниот мандат. Знаеме како и можеме, до крајот на мандатот да ја вратиме нашата економија на солиден и одржлив раст од 4 %, рече Заев.

Иновативноста, дигитализацијата, претприемачкиот дух ќе го водат главниот збор во трансформацијата на нашата економија, според програмата на новата коалициона влада предводена од Заев.

– За да биде успешна трансформацијата на нашата економија во динамично, отворена и конкурентна, нудиме стабилна макро економска рамка во која даночниот систем ќе биде предвидлив, ефикасен, праведен и сериозно ќе ја намали сивата економија, а ќе ја поттикне приватната иницијатива и инвестициите. Данокот на добивка останува на ниво од 10% во целиот период 2020-2024. Данокот на личен доход останува исто така на 10%, но остануваме доследни на воведувањето на правичното прогресивното оданочување преку инклузивен процес на разговори и креирање на консензус за воведување на истиот. Овој данок ќе се намали на 0% за ИТ индустријата и тоа скалесто, 5% во 2021, 3% во 2022 и 0% во 2023 година. Ќе воведеме единствена даночна стапка на ДДВ од 10% за ресторанските услуги, намалување од 18% на 5% на занаетчиските услуги. Ќе го укинеме персоналниот данок за обуки, квалификација и добивање на лиценци. Ќе започнеме процес на укинување на парафискалните давачки заедно со коморите. Фирмарината нема да ја плаќа ниту една ново-формирана фирма во првите две години. Ќе ги ослободиме од даноци сите ново-формирани и основани фирми од млади луѓе до 30 години и жени се додека прометот на нивната фирма не надмине 3 милиони денари. Ќе воведеме и многу други поволности, со  цел вработливост на граѓаните и раст на економскиот стандард, рече Заев.

Износот на нето странските директни инвестиции, според Заев е планирано на ниво од најмалку 1 милијарда евра. Нивото на јавните инвестиции, според програмата на Владата ќе порасне на 2,2 милијарди евра, а очекуваните директни приватни инвестиции ќе бидат над 1,2 милијарди евра за четири години.

Стапката на невработеност, за време на кризата ќе ја држиме стабилна, а по завршувањето на кризата ќе продолжиме да ја намалуваме за 3% годишно како што тоа го правевме во изминатите 3 години. Конечна цел е – едноцифрена стапка на невработеност до крајот на овој мандат, потенцираше во експозето Зоран Заев.

Тој нагласи дека домашните и странските инвестиции ќе ги подржат со 300 милиони евра од домашните буџети и 300 милиони евра од европските фондови.

Ќе изградиме 260 километри автопатишта, 300 километри експресни регионални патишта, 950 километри локални патишта и ќе рехабилитираме 1.500 километри постојана патна инфраструктура.  Ќе изградиме нови 500 километри канализации и водоводи за што ќе обезбедиме 100 милиони евра за сите општини во Република Северна Македонија. Еден од клучните приоритети останува изградба на прочистителни станици за отпадни води и фабрики за преработка на цврст отпад. Националната гасоводна мрежа целосно ќе ја завршиме и уште во 2021 година во договор со ЗЕЛС ќе почнеме да ја градиме секундарната и терцијалната гасоводна мрежа по градовите, општините и индустриските зони.  Ќе продолжиме со изградба на железниците, посебно на Коридорот 8 кој е во вредност од преку 500 милиони евра, а и целосно ќе ја рехабилитираме железницата на Коридорот 10 и воопшто целата железница во нашата земја. Ќе продолжиме со интензивно градење на детски градинки, болници и училишта како и спортски објекти, рече мандатарот Заев.

Според Заев во процесот на рестартирање на економијата, во рамките на стратегиите за закрепнување, новата Влада во потполност ќе ја следи политиката на зелена и дигитална транзиција во духот на Европскиот зелен договор.

– Ваквиот пристап, овозможува економија која е во функција и на интересите на луѓето и на планетата, и на здравата животна средина. За да го постигнеме тоа потребна ни е стабилност и предвидливост. Затоа е важно новата влада да го заокружи целиот мандат од 4 години, за да се обезбеди поволен амбиент за остварување на економската програма, како и за нашите евроинтеграции, рече Заев откако ги образложи економските приоритети на новата македонска влада.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот