Едни палат, сите плаќаат – стотици илјади евра годишно се трошат за нови контејнери

Фото: ЈП Комунална хигиена

Од ЈП „Комунална хигиена“ велат дека од почетокот на годинава биле опожарени вкупно 14 контејнери, додека во 2022 година биле запалени вкупно 33 садови за отпад, најмногу во Чаир и Ѓорче Петров.

Неколку десетици контејнери секоја година се палат низ Скопје. Претпоставка е дека дел од нив се намерно запалени, а дел страдаат од недоизгаснато догорче. Досега нема информација дали некој од сторителите е откриен и казнет за стореното дело. Покрај ова, бројни контејнери претрпуваат и многу други оштетувања, особено на тркалата.

Како и да е, сето тоа предизвикува значителна материјална штета за претпријатието задолжено за собирање и транспорт на отпадот во Скопје, ЈП „Комунална хигиена“, која на крајот ја плаќаат граѓаните и финансиски, но и еколошки, поради тоа што намалениот број контејнери директно влијае врз комуналната хигиена во градот.

Од јавното претпријатие велат дека од почетокот на годинава биле опожарени вкупно 14 контејнери, додека во 2022 година биле запалени вкупно 33 садови за отпад. Најмногу опожарувања биле пријавени во општините Чаир и Ѓорче Петров. Последниот ваков случај беше регистриран пред дваесетина дена, кога само за два дена пламнаа три контејнери за комунален отпад лоцирани на главната улица во Ѓорче Петров, едниот спроти Европската очна клиника, додека останатите два во непосредна близина на Геријатриската болница.

Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ ги исчистија остатоците од изгорените контејнери и поставија нови садови и повторно, по којзнае кој пат, апелираа до несовесните граѓани укажувајќи на последиците од нивните постапки.

– Опожарувањето на контејнерите значително ја нарушува динамиката на одлагањето, собирањето и транспортот на комуналниот отпад во градот Скопје. Апелираме да престане уништувањето на садовите наменети за одлагање на отпадот, за екипите на ЈП „Комунална хигиена“ да можат навремено да ги извршуваат своите работни обврски на терен, согласно Оперативната програма за работа. Сите случаи на опожарување на контејнерите се пријавени до надлежните органи од страна на Претпријатието и очекуваме да бидат преземени соодветни мерки за изнаоѓање и санкционирање на сторителите – рече директорката на претпријатието, Косана Николиќ Мазнева.

Од претпријатието потсетуваат дека со ваквите случаи полицијата мора да се занимава посериозно.

– ЈП „Комунална хигиена“ претрпува значителна финансиска штета, а по истото неопходно е да постапува Министерството за внатрешни работи бидејќи можно е да се предизвика, покрај штета на претпријатието, и посериозна штета на околни објекти, животната средина и пред сѐ на здравјето на граѓаните – велат комуналците.

Во моментов на територијата на градот Скопје се поставени повеќе од 4.200 надземни и подземни контејнери, а во годишниот план за јавни набавки годинава е предвидено и набавка на нови. Па така, претпријатието планира да потроши 3 милиони денари за купување метални контејнери од 1,1 метар кубен, уште два милиони за пластични контејнери со иста зафатнина, пет милиони денари за набавка на габаритните пластични контејнери од 3,2 метри кубни и за пластични контејнери со зафатнина од 2,2 кубни метри се планирани 2,7 милиони денари. Вкупно нешто повеќе од 200.000 евра

За одржување на хигиената најмногу пари се планираат за купување на пластични канти за индивидуалните домаќинства од 120 и 240 литри, за што се предвидуваат 10, 5 милиони денари, односно 22,5 за поголемите канти. Значи само за канти се планирани половина милион евра.

Само за купување вртливи и фиксни тркала на металните и на подземните контејнери во планот беа се предвидени 3 милиони денари. Нивната набавка е извршена во март.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот