Една изборна единица шанса за сите, шест – само за најголемите

Фото: Слободен печат

Дванаесет пратеници од 10 политички партии и еден независен пратеник ја покренаа иницијативата за дефинирање на пропорционален изборен модел, односно намалување на бројот на изборните единици од сегашните шест на – една. Потписниците на Иницијативата тврдат дека најголемиот недостаток на актуелниот изборен модел е ограничувањето на листите на партиите или на поединците да обезбедат пратенички мандат доколку немаат концентрација на гласови во една изборна единица.

Во минатото, велат тие, се случувало да отпаднат листи кои на ниво на цела држава имале 40.000 гласови, а во парламентот влегувале само неколку поголеми партии. Како што објаснуваат пратениците, со промената на изборниот модел, односно со сведувањето на само една изборна единица, во земјава ќе се обезбеди поголема транспарентност и инклузивност, како и почитување на волјата на граѓаните што очекуваат демократизација.

Пратениците инсистираат да бидат вклучени во процесот на измена на Изборниот законик и веќе побарале и состанок со претседателот на Собранието, Талат Џафери, како и со лидерите на трите партии СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, кои го водат овој процес.

Транспарентност и инклузивност

Речиси две децении, од 2002 година досега, во Македонија на сила е пропорционален изборен модел со шест изборни единици, а ние сметаме дека ќе има поголема транспарентност и инклузивност доколку тие шест изборни единици се сведат само на една. Ова го тврдат потписниците на Иницијативата зад која засега стојат пратениците Лилјана Поповска, Маја Морачанин, Рубин Земон, Ферид Мухиќ, Мирослав Јовановиќ, Панчо Минов, Самка Ибраимовски, Јулијана Николова, Јусуф Хасани, Реџеп Мемеди, Алија Камбероски и Амди Бајрам.

„Периодот од 17 години е повеќе од доволен за да може да се видат и да се анализираат позитивните и негативните ефекти од сегашниот пропорционален изборен модел. Тој е секако подобар од претходниот изборен мнозински модел, зашто обезбеди поправичен избор на пратеници според бројот на гласови на гласачите. Сепак, распределбата на остатокот од гласовите од листите кои не обезбедиле мандат, преку Донтовиот метод, оди во прилог на најголемите субјекти“, наведено е во Иницијативата.

Таму е посочено и дека најголемиот недостаток на актуелниот модел е токму ограничувањето на листите на партиите или на поединците, кои не можат да обезбедат пратенички мандат доколку немаат концентрација на гласови во една изборна единица.

„Ова имаше директно негативно влијание врз македонската демократија, стимулирајќи само неколку големи партии, принудувајќи ги другите политички субјекти во предизборни коалиции, а на граѓаните оневозможувајќи им да влијаат директно врз изборот на пратеник од одреден идеолошки профил, надвор од понудата црно-бело“, наведено е во документот.

Голем отпор

Пратеникот Ферид Мухиќ, кој е еден од потписниците на Иницијативата за промена на изборниот модел, вели дека борбата ќе биде многу тешка, но дека сепак би можело да се постигне позитивен резултат.
– Повеќе од неопходна е промената на изборниот модел, но искрено ќе кажам дека не очекуваме лесна борба, особено кога главните противници се токму најголемите и најмоќните политички партии.

Едноставно, тој модел што ние го бараме не им оди во прилог на водечките политички субјекти, па тие со нивното влијание имаат можност да ни се спротивстават и целата иницијатива да ни падне во вода. Сепак, вреди да се обидеме. Досега се потпишаа 12 пратеници, но очекувам во наредните неколку дена да се зголеми таа бројка. Но, дури и да нема проширување на листата, сепак бројката од 12 пратеници е релативно сериозна бројка – објаснува Мухиќ.

И политичкиот аналитичар Петар Арсовски смета дека промената на изборниот модел ќе биде повеќе од добредојдена, бидејќи на тој начин помалите политички партии ќе имаат поголемо учество во Собранието.

– Во пропорционалните модели, многу помалку гласови се губат ако изборната единица е голема. Кога има мнозински модел, гласови се губат во сите 120 изборни единици. Кога има шест изборни единици, гласови се губат во сите шест изборни единици, а кога има само една изборна единица, гласови се губат само на едно место. Тоа значи дека моделот што го бараат дел од пратениците е 6 пати порепрезентативен од сегашниот. Тој нов модел ќе го зголеми учеството на помалите партии во Собранието и ќе ги натера партиите да прават постизборни коалиции наместо предизборни. Тоа се големи предности на овој модел и така ќе живне политичката сцена во земјава. Сепак, постојат и негативни страни, а прва работа е што со тој модел многу потешко ќе се формираат нови влади. Подолго ќе траат преговорите, а и самите влади нема да бидат толку стабилни како што се сега. Лесна е промената од шест на само една изборна единица. Разликата е во тоа што граѓаните ќе гласаат список од 120 кандидати за пратеници, наместо од 20. Како и да е, сметам дека таква промена ѝ е потребна на државата – објаснува Арсовски.

СДСМ: Една изборна единица е проблем за Скопје

Владејачката СДСМ пред три години предлагаше измена на изборниот модел и воведување една изборна единица и отворени листи, а сега вели дека треба добро да се провери што ќе донесе оваа промена.
– Најпрво да ја видиме иницијативата детално и длабински да ја разгледаме, па потоа ќе ја коментираме. Наша програмска определба е една изборна единица и отворени листи, но мора да се разговара со меѓународни експерти и со сите партии во Собранието – вели Костадин Костадинов, пратеник и портпарол на СДСМ.
Од партијата неофицијално велат дека можеби подобро во моментов е фокусот да се стави на преференцијалните листи, кои се тип на отворени листи со преференцијал на првите кандидати. Оттаму објаснуваат и дека со една изборна единица се јавува проблем во Скопје, бидејќи ќе добие многу мандати. За сметка на Скопје, помалите општини кои сега имаат свои претставници во Собранието може да не добијат мандати.

Касами бара три, а Села осум изборни единици

Откако 12 пратеници покренаа Иницијатива за намалување на изборните единици од шест во една, реагираше опозициската БЕСА, која побара намалување на изборните единици од шест на три.
– Тоа ја одразува реалноста во државата, а тоа е дека одредени етнички заедници гласаат во одредени региони. Исто така, наместо затворени изборни листи, како што се во моментов, ние се залагаме за отворени изборни листи – рече Фадиљ Зендели, пратеник од партијата на Биљал Касами.
Од партијата на Зијадин Села, Алијанса за Албанците, не прифаќаат една изборна единица, бидејќи сметаат дека партиите така не би имале контрола на изборниот процес на целата територија, а се сомневаат и дека тоа може вештачки да го крене цензусот онаму каде што нема контрола.
– Ние размислуваме за нов модел. Бараме осум изборни единици согласно регионалната поделба што постои, со отворени листи. Притоа не сите изборни единици би носеле ист број пратеници, туку согласно со бројот на гласачи во тој регион – посочи Села.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот