Двојазичните декларации остануваат, Уставниот суд не донесе одлука
Законот за заштита на потрошувачите, беше донесен по скратена постапка на 15 ноември 2022, уште на самиот старт предизвика револт кај трговците и увозниците. Освен производителите на храна и трговците, двојазични деклрации се обврзани да лепат и увозниците на бела техника, облека и обувки, фармација, односно 13 гранки, аосвен на македонски или на некој друг јазик, сите потребни информации за производот мораат да бидат истакнати и на албански јазик
Уставниот суд не донесе одлука за оценување на уставноста на двојазичните декларации, затоа што гласовите биле изедначени, односно непостоело мнозинство. Раправата останува отворена.
Препорачано
Подносител на иницијативата е адвокатот Валентин Пепељуговски, кој во неа наведува дека во „Уставниот амандман V покрај македонскиот јазик е предвидено „друг јазик што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните е исто така службен јазик и неговото писмо, како што е определено со овој член” и смета дека ова се однесува како обврска на државата и институциите, но не и на приватните лица.
-Исто како и уставното уредување, Законот за употреба на јазиците е насочен за регулирање на односот и јазикот помеѓу државните единици и правни лица со јавни овластувања од јавен интерес и не го опфаќа начинот на комуникација меѓу приватните лица како ограничување на слободата на пазарот и претприемништвото. Се наведува дека трговецот има обврска за јасно и видливо информирање на потрошувачите од аспект на амбалажа, налепница, упатство, декларација, сертификат и/или друг документ да му даде прецизни информации на потрошувачот за стоката – објаснува подносителот Пепељуговски, кој го оспорува Член 6 став 2, член 37 став 2, член 111 ставови 4 и 5, член 123 став 1, член 138 став 3 и член 139 став 2, од Законот за заштита на потрошувачите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.236/2022).
Законот за заштита на потрошувачите, кој беше донесен по скратена постапка на 15 ноември 2022, уште на самиот старт предизвика револт кај трговците и увозниците. Обврската да лепат двојазични декларации, освен производителите на храна и трговците, се однесува и на увозниците на бела техника, облека и обувки, фармација, односно 13 гранки, бидејќи, освен на македонски или на некој друг јазик, сите потребни информации за производот мораат да бидат истакнати и на албански јазик. Тоа важи за декларациите, сертификатите, гарантните листови, упатствата за склопување и користење на производот, како и листата на овластени сервиси. За да ја исполнат оваа обврска, сите приватни субјекти ангажираа преведувачи, што беше дополнителен и непотребен трошок во тогашната економска криза. На ваквото решение веќе подолг период реагирааат од двете стопански комори, но и од партијата Левица, од каде што во неколку наврати посочија дека „ова е првпат на приватни субјекти да им се наметнува ваква обврска и дека ќе поднесат предлог-закон за измена на Законот за заштита на потрошувачите со кој ќе се бара враќање на обврската за информирање во претходната состојба“.
– Трговецот е должен информациите од ставот (1) на член 6 на потрошувачот да му ги даде напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните на територијата на Република Северна Македонија и неговото писмо, што не ја исклучува можноста од истовремена употреба и на други јазици, како и на знаци или пиктограми што се лесно разбирливи за потрошувачот – стои во Законот за заштита на потрошувачите во делот за информирање на трговците.
Да потсетиме и дека според измените во Законот за тутун, од ноември 2020 година, на амбалажата на кутиите од цигарите, освен на македонски јазик, текстот е и на албански односно на писмото што го употребуваат најмалку 20 отсто од населението. Како што веќе пишуваше „Слободен печат“, по донесувањето на Законот за заштита на потрошувачите, многу трговци одбиваа да примат производи без соодветни декларации, бидејќи казните се движат и над 1.000 евра и затворање на дуќанот од 15 до 30 дена.
За промена на Законот е потребен Бадентер
Во февруари годинава, пратениците не дадоа зелено светло за Предлог-законот за измена на Законот за потрошувачи, со кој се бараше укинување на обврската за двојазични декларации на производите, поднесен од пратеничката група на Левица. Образложувајќи зошто овој предлог нема да ја добие нивната поддршка, Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ, посочи дека нема да поддржат закон што нема да ги намали цените. Стојановски додаде дека СДСМ и Левица заборавиле дека Законот за заштита на потрошувачите бил донесен со Бадентер. Сашко Јанчев од Левица тогаш порача дека со предложените измени на неколку члена, би се исправила неправдата врз македонските производители и трговците, затоа што предвидува обврска за двојазични податоци, што е против уставно, бидејќи амандманот 5 од Уставот не предвидува обврска за двојазичност за приватни лица во овој случај за трговците.
– Законот за двојазичност што е противуставен не предвидува обврска за употреба на албанскиот јазик за приватници. Во Гевгелија има производи со двојазични декларации, а производите ги купуваат Македонци, Срби, Грци и други странци, но не и Албанци, зашто во Гевгелија ги нема. Оваа обврска е надвор од здравата, економска и од каква било логика, а трговците ги чини и пари и време – образложи тогаш Јанчев.


