Двегодишното дете што почина не можело да се оперира, тврдат од Министерството за здравство
Министерството за здравство во врска со двегодишното дете кое почина откако за време на новогодишната ноќ беше погодено во главата со метален фрагмент, во соопштение тврди дека хируршка интервенција врз него било невозможно да се изведе затоа што интензитетот на деструкција на мозочното ткиво бил преголем.
Препорачано
Детето беше примено на Ургентниот центар, а поради сериозноста на состојбата беше згрижено на Клиниката за неврохирургија, на одделот за интензивна нега каде почина. За време на лекувањето детето било интубирано, поставено на механичка вентилација, дадени му биле антибиотици и антиедематозни лекови со 24-часовен мониторинг.
И покрај максималните напори на медицинскиот тим, исходот беше трагичен, како резултат на многу тешките повреди на мозокот од страна на метално страно тело. Изразуваме најдлабоко и искрено сочувство до семејството и најблиските во овие неизмерно тешки моменти. Уште еднаш апелираме до сите граѓани, новогодишните празници да се одбележуваат мирно и достоинствено, без употреба на пиротехнички средства, петарди, а особено без користење огнено оружје. Последиците од ваквото неодговорно однесување се сериозни и, за жал, можат да бидат и фатални, велат од Министерството за здравство.
Основното јавно обвинителство издаде наредба за обдукција.


