Два „ер трактори“ нуди ДЗС за справување со пожарите, но има само еден пилот

Фото: Слободен печат /Ристе Пејовски

Оваа сезона два „ер трактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување ќе бидат во целосна функција за гаснење на пожари, но засега има само еден пилот кој ќе биде вклучен во борбата со пожарите кои секојдневно ги има на територијата на државава. Од ДЗС информираат дека ер тракторите се испратени во сервисен центар во Хрватска и ќе пристигнат до крајот на месецов, но на третиот во јули му истекува лиценцата.

-Двајца пилоти од вкупно тројца кои минатата година беа вклучени со „ер тракторите“ во гаснењето на големите пожари заминаа во пензија, па се очекува новата влада и евентуално новиот менаџмент во ДЗС да изнајдат компромисно решение во делот на платата и работата по договор со двајцата пензионирани пилоти за тие да се вратат и да ги пилотираат воздухопловите, информираат од ДЗС за „Слободен печат“.

Поради ваквата ситуација во ДЗС од ЦУК вчера информираа дека не ги планираат „ер тракторите“ да се вклучат во гаснењето пожари, а поради тоа што пензионираните пилоти побарале хонорари од 3.000 евра месечно, неизвесно е дали ќе добијат нов ангажман по формирањето на владата. Станува збор за специфичен и дефицитарен пилотски кадар кој реално недостасува секаде во светот.

На последниот конкурс во ДСЗ биле примени 4 пилоти, од кои остана само еден, додека двајца не ја поминале обуката во странство, а третиот замина во пензија. На Дирекцијата реално и се потребни минимум 6 пилоти, но постапката не е едноставна бидејќи се бараат професионални пилоти со одреден број на часови на летање кои потоа одат на неколкумесечна обука за „ер трактори“.

„И јас би сакал да бидам пилот, но, не може лесно да се биде пилот“, саркатично забележа вчера државниот советник во ЦУК Драги Тарчуговски и објасни: „За да се биде на „ер трактор“ е дури потешко, отколку пилот на обичен, комерцијален авион што превезува стотина патници. Зашто тој треба да полни вода во лет, треба да испушта вода на точно определена точка, тоа е една од најкомплицираните професии. Платени се согласно можностите кои ги имаме во моментов“.

Стојановски и Тарчуговски од ЦУК/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

-Со оглед на фактот дека ќе имаме високи температури кои најверојатно ќе предизвикуваат пожари, а ресурсните ни се ограничени во државата со оглед на фактот што „ер тракторите“ не се функционални ова лето и не можеме да ги очекуваме, ни остануваат на располагање 3 хеликоптери од МВР и еден хеликоптер од АРМ, интервентен, затоа што тој е оперативен и кога има имаме такви ситуации ќе можеме секако да го користиме, рече Горан Стојановски, раководител на Секторот за операции и кординации во ЦУК.

Според него критична е и состојбата во ЈП „Национални шуми“ каде чиј буџет е празен и моментално немаат финансиски средства за набавка на гориво, со што се оневозможени да излезат на терен и да интервенираат за гаснење на шумските пожари.

-Останува да се потприме исклучиво на Бригадата и ТППЕ единиците што ги имаме во рамки на општините, како и доброволните противпожарни друштва, како и МВР. Тоа се ресурските кои во кои во овој момент располагаме. Како ќе биде понатаму, дали Владата ќе преземе нешто во таа насока, а обезбеди дополно средства за „Национални шуми“, исклучиво за гаснење на шумски пожари од пошироки размери на отворен просто, ќе видиме, нагласи Стојановски.

Во текот на изминатото деноноќие се регистрирани 11 пожари на отворено и сите се изгаснати, соопшти утрово ЦУК. Горела претежно сува трева и ниска вегетација, а пожари имали и на диви депонии.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот