Актерите Дарја Ризова и Григор Јовановски во сцена од претставата „Марта Верина“

Души поврзани на некој мистичен начин се вплетени во дејството на претставата „Марта Верина“

Во Македонскиот народен театар на 8 ноември се одржа праизведбата на драмскиот текст „Марта Верина“ од Драгана Лукан Николоски, во режија на Нина Николиќ, а во копродукција помеѓу „Перипетија продукција“ и Македонски народен театар во соработка со Фондација „Ацо Шопов“.

Текстот „Марта Верина“ е првенствено приказна за жена што истовремено е и херој и антихерој. Жена што поради своите „погрешни“ избори не му припаѓа на општеството во кое живее и човек што засекогаш мора да живее со товарот на „грешката“ што ја направил.

Претставата, всушност, отвора клучни прашања за тоа колку е присутна стигматизацијата во општеството и времето во кои живееме, ставајќи го гледачот во позиција на воајер, кој бесрамно гледа, суди и пресудува за нечии животни постапки. „Грешки“ што сите ние сме ги направиле, но кои се обидуваме да ги закопаме длабоко во себеси, мислејќи дека таму долу се сигурни, заштитени од светот што безмилосно отфрла.

Инспириран од поезијата на Ацо Шопов, текстот анатомски ги расчленува меѓучовечките односи давајќи детална слика за тоа како постапките на родителите влијаат врз нивните деца и како „жртвите“ кои тие се подготвени да ги поднесат се покажуваат како погрешен избор. Отворајќи прашања за тоа дали космички сме предодредени да ги плаќаме „гревовите“ на нашите родители или, сепак, станува збор за избори што се предизвикани од наученото однесување со кое сме растеле, текстот наметнува отворање многубројни прашања.

Драгана Лукан Николоски (1984) е драматург, драмски писател, сценарист и раскажувач. Дипломира на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 2010 година, каде што и магистрира Филмско и телевизиско сценарио во 2011 година. Нејзините приказни сакаат да буричкаат во интимата на луѓето и се обидуваат да го кажат она што сите го гледаме, а одбиваме да го видиме. Јазикот во нејзината најнова драма „Марта Верина“ е жив, динамичен и современ, а нејзините ликови се изградени со многу прецизни психолошки нијанси.

Нејзината соработка со режисерката Нина Николиќ вродила со чиста, разбирлива и течна претстава која лесно ја вовлекува публиката во приказната. Во претставата играат Дарја Ризова, Григор Јовановски, Благој Веселинов, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Амернис Нокшиќи, Софија Насевска-Трифуновска и Саша Ханџиќ.

Станува збор за збир на различни актерски енергии и сензибилитети. Главната улога со ликот Марта Верина со многу чувство, романтични мечти и храброст да се прифатат животните предизвици го носи актерката Дарја Ризова. Таа, без да знае, е вплетена во љубовен триаголник од кој одлучува да излезе со позитивно решение.

Во триаголникот умешно се снаоѓаат актерите Григор Јовановски и Благој Веселинов, кои со текот на дејството спознаваат дека се души поврзани на некој мистичен начин. Другите улоги во претставата имаат функција на засилување на дејството од различни агли на гледање.

Плакат за претставата „Марта Верина“

Едноставно склопената и функционално елегантната сценографија е на Илина Ангеловска, костимографијата која го доловува современиот начин на живот е на Ивана Каранфиловски Угуровска, а одличната музика, во која се вклопени сонгови со песни/стихови од Ацо Шопов, е на Оливер Митковски и Андреја Салпе. Дизајнот на постерот е на Сара Митова. Како дел од проектот е објавена и книга со драмскиот текст во издание на „Софија“, Богданци.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 255, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 9-10.11.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот