Дупнатата брана „Липа“ нема старател!?

Оштетената брана може да загрози човечки животи или да усмрти добиток што од локалните села се пасе по истекот на водите од браната. Засега не се знае ни кој може да ја санира штетата што од ден во ден е сè поголема.

Ниедна јавна институција во земјава, министерство, претпријатие или агенција, не се смета себеси за надлежна за дупнатата неготинска брана „Липа“ од чиишто темели веќе десет дена истекува вода и се заканува да се урне. Оштетената брана може да загрози човечки животи или да усмрти добиток што од локалните села се пасе по истекот на водите од браната. Засега не се знае ни кој може да ја санира штетата што од ден во ден е сè поголема.

Oвој објект е изграден во 70-тите години од минатиот век од сега веќе згасната земјоделска задруга, а браната служела само за нивни интерни потреби. Како објект оваа мала брана никогаш не била предадена на ВодостопанствоТиквеш“, како што било предвидено при реконструкцијата во 2015 година.

Браната била предмет на реконструкција, а како инвеститор се јавува меѓународната финансиска институција УНДП. По спроведената јавна набавка, УНДП избрал најповолен изведувач, бил избран изведувач на работите и надзорен орган над работите за реконструкција на браната. Немаме добиено Извештај за текот на активностите и завршните работи, изведбен проект и технички прием на објект, кои се основа за упис на објектот во Катастар на недвижности и упис на регистарот на брани. Поради тоа АД Водостопанство на Република Северна Македонија во државна сопственост нема дефинирана надлежност врз браната Липа и за сите активности околу работите за нејзина реконструкција се оградува“ – одговорија од АД „Водостопанство“ на прашање од „Слободен печат“.

Од Општина Неготино велат дека по згаснувањето на локалното водостопанство, не знаат кој е надлежен за одржување на браната „Липа“ и упатуваат на можноста тоа да е Министерството за земјоделие. Од Управата за водостопанство при Министерството за земјоделство за „Слободен печат“ исто така одговорија дека тие не се надлежни за браните.
Дека состојбата со браната е ризична, викендов алармираше директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов.

– Состојбата може да ја оцениме како сериозна затоа што истекува вода на повеќе места, а во моментов браната има вода само до половина. При евентуално посилен дожд, браната може да попушти и да биде загрозено населението што живее подолу од акумулацијата или да бидат загрозени луѓето и нивните стада што тука се напасуваат – изјави Ангелов.

ВИДЕО: Брана во неготинско може да се урне, Ангелов вели дека состојбата е сериозна

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот