„Дупките“ се затвораат и со брзи пари, иако се прескапи, сè повеќе граѓани стануваат кредитонеспособни

Граѓаните со кои разговараше „Слободен печат“ велат дека најчесто ги користат ваквите брзи кредити кога итно им се потребни пари за да покријат одредени трошоци. Аплицирањето е со минимум документи, најчесто со лична карта, без жиранти и без докажување на приходи

Наредниот период ќе покаже дали новата регулатива за нефункционална кредитна изложеност ќе ги натера граѓаните да се свртат кон компаниите што даваат брзи кредити? Нивните реклами може да се видат на билбордите, на социјалните мрежи или на флаери.

Се популаризира дека „Првиот кредит е бесплатен“, дека „Земаш колку сакаш, како сакаш, кога сакаш“, дека „Парите се добиваат на сметката за 15 минути“. Се нудат потрошувачки, пензионерски и земјоделски кредити, но и потрошувачки ненаменски кредити и кредити со залог возило, злато или хипотека. Една од рекламните кампањи нуди 1.000 денари ако препорачаш кредит на твојот пријател!

Неспорно е дека овие компании имаат право да привлекуваат клиенти, но е дискутабилно од етички аспект, велат дел од граѓаните што ги добиле овие понуди во нивните поштенски сандачиња. Граѓаните со кои разговараше „Слободен печат“ велат дека најчесто ги користат ваквите брзи кредити кога итно им се потребни пари за да покријат одредени трошоци. Аплицирањето е со минимум документи, најчесто со лична карта, без жиранти и без докажување на приходи. Отплатата на кредитот е на повеќе рати кои може да се плаќаат директно во филијалите на овие финансиски друштва или преку комерцијалните банки. Дел од нив дури нудат можност и за одложување на рокот за отплата од неколку дена до еден месец. Сѐ поприсутните јавни критики на финансиските друштва поради несоодветната идентификација на клиентите при одобрувањето онлајн кредити и злоупотребата на туѓите лични податоци за добивање кредити од овие друштва е причина за новата кампања за заштита на личните податоци.

– Сите финансиски друштва се трудат да се брендираат, а рекламите се користат за да се допре до граѓаните и тие се запознаат со нивната работа и да стекнат доверба. Во секое општество постојат луѓе што не може да бидат услужени од банките, па се обраќаат до овие друштва. Дел од друштвата користат рекламни кампањи кои со години постојат во САД. А што се однесува до високите трошоци на овие друштва, тие произлегуваат од фактот дека нивните пари се скапи, бидејќи се финансираат од сопствени средства – велат во Групацијата за финансиски друштва при СКСМ.

Можеби еден од најзначајните очекувани исходи од новата регулатива на Министерството за финансии е подобрувањето на транспарентноста на услугите и цените што ги нудат финансиските друштва.

– Со појасните информации и ценовни структури, клиентите ќе можат да донесат поинформирани одлуки кога бараат финансиски услуги. Зголемената транспарентност се очекува да донесе и здрава конкуренција меѓу финансиските компании, охрабрувајќи ги да обезбедуваат најсовремени технолошки решенија и приспособени услуги за да се задоволат потребите на клиентите- изјави неодамна Никола Јошевски, претседател на Групацијата на небанкарски финансиски друштва при СКСМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот