ДПМ ги врачи наградите „Книжевен жезол“ на поетската манифестација „Празник на липите“

Традиционалната меѓународна поетска манифестација „Празник на липите“ на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) се одржа на 28 јуни. Манифестацијата била основана од писателите Светлана Христова-Јоциќ, Христо Петрески и Јордан Даниловски.

Настанот е инспириран од липите како симбол на градот Скопје. Липите и нивниот опоен мирис се белег на Скопје и се инспирација за поетите да пишуваат поезија на оваа тема.

Добитници на убавата награда „Книжевен жезол“ за 2022 година се поетот Аднан Озер од Турција и Гордана Михаилова – Бошнакоска од Македонија.

Аднан Озер и Гордана Михаилова-Бошнакоска

На настанот беше промовирана заедничка книга „Бесконечното“ од Гордана Михаилова-Бошнакоска и „Поезија“ од Аднан Озер. Промотивни беседи за наградените автори имаа академик Влада Урошевиќ и Ерол Туфан.

Аднан Озер е поет, преведувач, книжевен критичар, есеист, уредник и издавач од Турција. Долг период бил новинар, уредник и основач на значајни издавачки куќи и весници. Досега повеќепати бил во Македонија на СВП и на Рацинови средби. Гордана Михаилова-Бошнакоска е поетеса, раскажувачка и есеистка. Академик Влада Урошевиќ истакна дека таа е „посебна личност во мозаикот на македонската поезија“.

Манифестацијата „Празник на липите“ содржи и конкурс за песна или краток есеј на тема: липа. На конкурсот пристигнале повеќе песни, а жири-комисијата во состав Васил Тоциновски, Југослав Петровски и Пунторие Муча Зиба едногласно одлучи наградата да ја понесе песната „Градот, рајот“ од Стефан Марковски.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 135, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 2-3 јули 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот