Досега 32 пријавени за „Водици 2020“, меѓу нив нема ниту една жена

Повеќе од 40 члена стручна служба составена од спасители, логистика и прва помош е подготвена за претстојното одржување на верската манифестација „Водици 2020“.

На 19 јануари, најхрабрите православни христијани, кои не се плашат од ладното време, ќе влезат во студената вода на Вардар, за да го фатат осветениот крст, за кој се верува дека носи здравје и бериќет.

Пријавувањето, кое започна на 2 јануари, е во тек и ќе трае до 17 јануари. Досега, како што информираат од Македонската архиепископија, пријавени се 32 верници, но се очекува бројот да се зголеми во последните денови од повикот, како што било пракса и минатите години.

– Досега се пријавени 32, но очекуваме бројот на пријавени да надмине 100, како и секоја година. До сега меѓу пријавените нема жени, а старосната граница не ја ограничуваме ние, туку ја одредуваат резултатите од бесплатните лекарски прегледи во Спортска медицина, кои се задолжителни за сите кандидати. Единственото ограничување е кандидатите кои ќе учествуваат на манифестацијата Водици 2020 да бидат полнолетни – велат од Македонската архиепископија.

Тимовите за спасување на Црвениот крст се подготвени

Повеќе од 40 члена стручна служба составена од спасители, логистика и прва помош е подготвена за претстојното одржување на верската манифестација „Водици 2020“.

– Трите тима за спасување на вода, на планина и прва помош се веќе подготвени. И оваа година ќе има триажен центар од двете страни на Вардар, каде што ќе биде манифестацијата. Ние како и секогаш ќе дадеме се што е во наша моќ, за да нема инциденти – изјави Арѓент Чиљафи, од тимот за спасување на Црвениот крст.

Тој открива дека секоја година има помали инциденти, од кои најголем број се однесуваат на хипотермија, исекотини или скршеници.

– Секоја година барем по еден од верниците завршува на Ургентен центар, а повеќемина се со хипотермија. Би сакал да апелирам до сите верници кои ќе бидат дел од манифестацијата да не влегуваат во вода пред време, да носат обувки, да не конзумираат алкохол пред влегување во вода, и да го послушаат телото, односно да не влегуваат во Вардар, ако тој ден не се чувствуваат најдобро – апелира Чиљафи.

Големиот христијански празник Богојавление-Водици се празнува на 19 јануари, со положување осветен крст во водите на реката Вардар. Светата литургија ќе започне во 8.30 во црквата пресвета Богородица, по што, Светиот крст точно на пладне во водата ќе го фрли архиепископот Стефан. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа и се верува дека тој што ќе го фати ќе го следи благослов и среќа цела година. Празникот се слави од 2 век и е поврзан со крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од страна на свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител. Овој празник се нарекува уште и Водици, заради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден.

Освен во Скопје, крстови ќе бидат положени и во водите низ останатите скопски општини и градови во Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот