Долга е сенката на Мијалков

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Додека ова го читате, Мијалков можеби (А) го спроведуваат во Шутка, откако е фатен по неуспешното бегство од македонската правда; (Б) го нарачува второто претпладневно фрапе на некоја од плажите во Грција, ползувајќи го грчкиот правен преседан со неекстрадирање на овдешните криминалци илегално амнестирани од Иванов; (В) уште чека седнат во некој подрум во Србија или Бугарија да му дојде превозот до Хрватска или Чешка чии државјанства, наводно, ги поседува; (Г) ужива во секое друго сценарио што, по неговото исчезнување, сте го прочитале на Фејсбук…

Неговото бегство, пак, е посреден доказ дека нешто во македонскиот правен систем мора да се сменило „од неговото време“, бидејќи се уплашил, па побегнал, во очи на долгогодишната затворска казна што очекува(ше) во петок да му биде пресудена… Или посреден доказ дека во македонскиот правен систем ништо не се променило, штом и нему му успева да ја „кидне“ пред судот да му ја испорача правдата.

Како и да се гледа на работите, превладувачкиот впечаток во јавноста е дека ваквиот скандалозен расплет е резултат на „договорот“ меѓу Мијалков и Заев – тој, Мијалков, да помогне во „испорачување“ на сите неопходни двотретински мнозинства во Парламентот за усвојување на Преспанскиот договор, за зачленувањето на Македонија во НАТО, за усвојувањето на судските реформи итн. Ако имало таков договор, Мијалков го остварил својот дел од договореното. Сега дошло време тој да си ги „наплати побарувањата“ – особено со оглед на тоа што претходните бегалци ништо не „испорачаа“, а сепак безбедно пребегаа.

Љубителите на политичкиот цинизам ова „сценарио“ ќе го прогласат за реално, а со оглед на познатите околности, дури и неопходно. Без валканите маневри од таа „скрипта“, можеше Македонија сè уште да биде „ни на небо, ни на земја“, во една бескрајна политичка, безбедносна и секаква друга криза.

Љубителите на политичкиот морализам тврдат дека нема одржливи решенија што се темелат врз гнили договори. Заради валканите маневри, Македонија постигна некои од стратегиските аспирации негувани од осамостојувањето до денес, но остана заплеткана во персоналните и партиските агенди на своите главни протагонисти, заради што не може решително да мрдне од своето валкано внатрешно-политичко минато.

Љубителите на опозицијата, пак, имаат хаос во главата, бидејќи не знаат дали да се радуваат или да плачат во врска со бегството на Мијалков, кога ни Груевски уште не им е асолно прежален. Додека други гласно ги рушеа од власт, тие на Мијалков не смееја ни името со шепот да му го изговорат, и тоа сите заедно, од двете сега спротивставени страни во партијата.

А, да останеше Мијалков на власт, уште ќе му се моткаа околу скутовите и беспоговорно ќе ги извршуваа сите негови наредби чиј кривичен регистер е подолг од телефонскиот именик во партијата. Токму тој, заедно со пребеганиот братучед, им го устоличија сегашното партиско раководство, кое, за возврат, ги вложи апсолутно сите напори да не дојде до никаква, па ни реформа на судството, што ќе ги осуди братучедите и нивните најистакнати соработници. Тие судењата на сопствениот, претходен режим – вклучително и оние против Мијалков – уште официјално ги претставуваат како „политички реваншизам“, но бараат од „судството на Заев“ да го осуди Мијалков на највисоки казни во процесите кои го разобличуваат криминалниот карактер на сопствената организација, под водство на избраниците на Мијалков… Тотален хаос.

Да, да, долга е сенката на Мијалков под чија „ладовина“ се направени премногу матни дилови.

Во овој момент, јавноста не знае како/каде се случило бегството на Мијалков. Јасно е дека тоа е однапред подготвувано, а Мијалков не можел сам да го изведе. Како и во случајот со Груевски. Само што сега јавноста нема да толерира дескриптивни извештаи од истрагата, без утврдување на одговорноста на оние кои помагале, премолчувале или не си ја вршеле работата за која се платени. Бидејќи, едно е дали се направени пропусти во тајмингот или содржината на одредувањето на мерката притвор за Мијалков, а друго е како Мијалков ги искористил евентуалните пропусти во таквата постапка за незабележано да исчезне.

Доколку набрзо не биде лоциран и приведен – па, дури и да се случи тоа – за тоа ќе мора да има и законска и политичка одговорност на различни нивоа на власта. Всушност, не е претерано да се каже дека власта ќе им зависи од тоа.

Извор: Цивилмедиа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот