„Договореното“ меѓу Ковачевски и Таравари вечерва оди на Извршен на СДСМ

Фото: Колаж на „Слободен печат“

Програмските определби на Алијанса за Албанците за влез во Владата како и поделбата на ресорите, вчерва претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски ќе ги презентира пред Извршниот одбор (ИО) на партијата, брифира за „Слободен печат“ висок функционер од СДСМ.

Состанокот на ИО ќе следи по денешната лидерска средба помеѓу Ковачевски и претседателот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари закажан за 13 часот во Владата, на која освен за програмските решенија двајцата лидери ќе разговараат и за понудата на министерските позиции со кои ќе раководи Алијанса ако стане дел од „Илинденска“.

На состанокот се очекува Ковачевски да ги информира сопартијците и за позицијата на владиниот партнер Алтернатива дека се противи на влезот на опозициската партија во Владата.

Премиерот и лидер на СДСМ Ковачевски вчера ја потврди средбата соТаравари, на која ќе се разговара за можен влез на Алијанса во владината коалиција.

„Утре ќе имаме состанок со Таравари. Ќе разговараме за напредокот од последниот пат кога сме се виделе, но ќе разговараме, исто така, и за можна соработка и за законски и за програмски решенија што можат да ги унапредат капацитетот на државата и Собранието и донесување на оние одлуки за остварување на нашата зацртана цел 2030 да бидеме земја членка на ЕУ“, рече Ковачевски.

Таравари пак, информира дека Алијанса за Албанците подготвила програма од пет точки и ако таа биде прифатлива за Владата ќе се преговара за кадровските решенија. Таравари вчера не сакаше да открие повеќе детали околу тоа кои се нивните пет точки, пред да се сретне со премиерот.

„Веќе имаме подготвено програма со пет точки во кои што ќе бидат нашите барања до мнозинството, до Владата. Ако се прифатливи за нив, ќе продолжиме да преговараме и за кадровските решенија. Ако не се подготвени, тогаш мислам дека наскоро ние треба да ја завршиме оваа приказна. Или ќе се договориме наскоро или ние ќе продолжиме во опозиција. Ќе делуваме како што сме делувале овие последни седум-осум години“, рече Таравари.

Од Алијанса брифираат дека програмскиот пакет кој Таравари ќе го понуди на Ковачевски ќе биде од областите реформи во правосудството и администрацијата, добро владеење и борба против корупцијата.

Од Алтернатива и вчера информираа дека остануваат конзистентни на нивната позиција.

„Немаме намера да навлегуваме во мотивите зошто Алијанса за Албанците толку сака да влезе во Владата, дали е тоа за спас на ДУИ или со тоа ја условуваат нивната поддршка за уставните измени. Тоа е нивна работа. Алтернатива има договор со СДСМ за коалицирање, постигнат кога ние го спасивме ова парламентарно мнозинство и тој договор нашата партија целосно го почитува. Ако коалицискиот партнер сака да го повлече или да го смени договорот, тие треба да одговорат за евентуално нови опции за коалицирање. Додека не добиеме таква информација, не сакаме да навлегуваме во шпекулации што е за нас прифатливо, а што не е“, велат од Алтернатива.

Според информации од власта и од опозициската Алијанса, понудата за влез на Алијанса во Владата ќе бидат министерствата за правда и за здравство и во зависност од рокадата на ресори меѓу СДСМ и ДУИ меѓу министерствата за образование, екологија и за земјоделство, едно ќе биде за Алијанса. Доколку пак, Алтернатива реши да излезе од Влада, тогаш Алијанса ќе го добие ресорот информатичко општество и администрација. Алијанса ќе треба да добие и две заменик министерски позиции и повеќе директорски места.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот