До среда да ги нема членовите на „Лев Тахор“ или не ги пуштаме децата на школо, се заканија селаните од Лакочереј

Фото: ТВ Алфа/принтскрин

Жителите на охридското село Лакочереј, во кое во моментов престојува еврејската верска група „Лев Тахор“, вчеравечер се собрале на протест на сретсело, по што отишле пред хотелот каде се сместени припадниците на сектата и му дале рок на сопственикот до утре да ги избрка. Во спротивно, селаните се заканиле дека ќе излезат на масовни протести, а децата нема да ги пуштат на училиште, пишува СДК.мк.

„Синоќа се собравме стотина луѓе спонтано. Го побаравме газдата на хотелот каде е сместена групата ‘Лев Тахор‘. Газдата од за него познати причини ни рече дека не може да присуствува на собирот кој беше сред село. Сите отидовме пред хотелот и му кажавме до среда напладне да си ги дислоцираат луѓето. Тој кажа дека работел на тој проблем и со туроператорот барале решение. Имаше и полиција на собирот“, вели Илче Настоски, жител на селото.

Тој најави масовни протести пред хотелот доколку ова не се случи, а рече и дека селаните нема да ги праќаат децата на училиште, бидејќи школото било само на 500 метри од хотелот, па стравувале припадниците на верската група да не им ги киднапираат.

37 членови на религиозната група „Лев Тахор“, кои претходно престојуваа во Куманово и Скопје, каде исто така беа прогласени за непожелни, во неделата навечер дојдоа во охридското село, а жителите оттогаш се вознемирени и бараат групата да замине од Лакочереј.

Фото: ТВ Алфа/принтскрин

Во меѓувреме, на социјалните мрежи се појавија видеа и фотографии навредливи за групата, а можеа да се прочитаат и говор на омраза и закани. Полицијата денеска соопшти дека жена од Охрид добила кривична пријава откако во коментар повика „да се запали сектата сосе хотелот“.

Групата во која членуваат американски, канадски, белгиски и државјани на земји од Јужна Америка, до пред десетина дена престојувала во Сараево, Босна и Херцеговина, па откако завршил престојот дошла во Македонија. Припадниците на групата повеќепати повторија дека не планираат да останат во земјава.

ВИДЕО: Параноја и закани за „Лев Тахор“ на социјалните мрежи, полицијата ги бара заканувачите

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот