Длабоки и чисти емоции за една „невозможна“ љубов носи новиот роман на Тина Иванова

Промоција на романот на Тина Иванова во „Аудиокултура“ / Фотографија: Виктор Ирвин Иванов

Длабоки, искрени и чисти емоции наталожени на беспрекорната книжевна подлога на Тина Иванова, засилени со суптилно избрана музичка програма на Дино Имери и Дуња Иванова, како и длабок минуциозен прочит на промоторот Џабир Дерала донесе промоцијата на романот „Се чини, сѐ уште постои љубов или: Љубов во време на корона“ во „Аудиокултура“.

Новиот роман на Тина Иванова под наслов „Се чини, сѐ уште постои љубов или: Љубов во време на корона“ е приказна за љубовта помеѓу еден маж и една жена. Од една страна, зборува за љубовта помеѓу Ана и Дениал, љубов помеѓу христијанка и муслиман, за онаа чиста, искрена, невина љубов, речиси нереална – опишувана во некој класичен роман.

Од друга страна, пак, приказната третира уште една верзија на љубов или „нељубов“, како контрапункт на среќната, полетната, безграничната, безусловната, полна со радост, а тоа е онаа грдата, измамничката, полна со сомнежи, непочитување, тага.

Локацијата е Скопје, градот кој дише во наративот како едно соединение со ликовите. Но, во суштина, книгата зборува за предрасудите, пред сè, за религиските, а со тоа и за социјалните судови, за неразумните однесувања и за искривеностите во верувањата, наметнати од религиските авторитети помеѓу луѓето, кои се провлекуваат низ одредени дијалози и размислувања на главниот лик Ана.

Тина Иванова и Џабир Дерала / Фотографија: Виктор Ирвин Иванов

Промоцијата на романот се одржа на 16 декември во „Аудиокултура“. Промотор на книгата беше новинарот, писател и активист за човекови права Џабир Дерала.

– Станува збор за една истовремено брутално романтична и длабоко интимна исповед, за една човечка судбина, а воедно и жестока критика на општеството. За едно неуко, насилничко и исплашено општество, заробено од себе и во себе. Во оваа книга, авторката ги открива најдлабоките чувства на една жена, докрај, без калкулации, без кокетирање и донекаде – со краен фатализам. Нема ниту трошка резерва во опишувањето на животните ситуации, душевните состојби и духовните пловидби по немирното море на мислите и сознанијата. Тоа е живот што со вриеж излегува и блика од страниците на книгата, и сведочи за болката што може да ја предизвикаат луѓето.

Оваа книга е како патничка торба во рацете на одметнат научник, во случајов авторката Иванова. Таа ја отвора таа тешка и преполна торба пред вас и, еден по еден, ги вади сопствените внатрешни органи и ги става на маса пред вас. И ви вели:

– Повелете, јадете. Ова сум јас. Но ова сте и вие!

Може да се каже дека оваа книга е ангажирана, но по интензитетот на пораките во неа, ги надминува и „најславните“ борци, промотори, носители на одлуки и креатори на политики во најодговорните сфери во општеството и политиката. Мултикултурализмот и интеркултурализмот денеска добија важно дело над кое треба секој да се замисли и од кое треба да се извлечат поуки.

Во било која земја, не само кај нас, оние што ја сакаат слободата на изборот лишен од ограничувањата што ги наметнува конзервативната средина – поднесуваат трагична жртва секој ден од својот живот. Истовремено, тоа се луѓето што го движат општеството напред. Иронично. И точно. Овој роман е сведоштво за иронијата и трагичната состојба на светот – меѓу другото рече Џабир Дерала на промоцијата на романот.

Настап на Дуња Иванова и Дино Имери / Фотографија: Виктор Ирвин Иванов

Промоцијата беше збогатена со настап на двајцата извонредни пијанисти Дино Имери и Дуња Иванова, кои длабоко познавајќи ја душата на авторката изнедрија звуци што ги разнежнија сите присутни.

Тина Иванова е авторка на повеќе книжевни дела, за кои е добитничка на неколку значајни награди. „Се чини, сѐ уште постои љубов или: Љубов во време на корона“ е нејзин втор роман, а објавен е како самиздат.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 210, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 23-24.12.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот