Агенција за разузнавање / Колаж: Слободен печат

ДКСК пред одлука за заменичката на АР – дали часовите по информатика можат да бидат разузнавачки стаж?

Членовите на Државната комисија за спречување на корупција минатиот месец конечно се комплетираа со безбедносни сертификати за проверка на документите кои имаат степен на класифицираност, но и со тие сертификати, од јули досега не донеле одлука дали Ивана Стојановска ги исполнува условите да биде заменик-директор на Агенцијата за разузнавање (АР), односно дали има најмалку десет години работно искуство од областа на безбедноста, одбраната или надворешната политика како што предвидува Законот за АР.

Антикорупционерите треба да одлучат дали нејзината научно-истражувачка работа од 2006 до 2016 година на два приватни универзитети ќе ѝ се смета за искуство во областа на безбедноста, со оглед на тоа што Стојановска не предавала предмети од областа ниту на безбедноста, ниту на одбраната или надворешната политика, туку била асистент која предавала компјутерска електроника, вовед во програмирање C, односно предмети од областа на информатиката.

На страницата на Агенцијата за разузнавање објавена е нејзината биографија, според која Стојановска од 2006 до 2016 година била асистент за научно-истражувачка работа, додека од 2016 до 2024 година работела во Агенцијата за разузнавање, прво како раководител на одделение во Директоратот за техничко разузнавање и информатичка поддршка, потоа како раководител на овој сектор и на крај раководела со Секторот за информациски и комуникациски технологии.

Тоа значи дека Стојановска околу осум години работела во Агенцијата за разузнавање, но спорни се тие две години за да стигне до десет години, а претседателката Гордана Сиљановска-Давкова при именувањето го зела предвид и нејзиното работно искуство како асистентка по информатика на Факултетот за детективи и безбедност на Универзитетот ФОН.

– Постапката по оформениот предмет по поднесена пријава по однос на именувањето на Ивана Стојановска за заменик директор на Агенцијата за разузнавање е во тек. Одлуката по наведениот предмет ќе биде донесена и реферирана на јавна седница на ДКСК – велат од Антикорупциска комисија.

„Слободен печат“ имаше увид во дописот кој го пратил Американскиот универзитетот на Европа – ФОН до ДКСК уште во септември минатата година, каде Стојановска работела како асистент. Во дописот може да се види дека Стојановска била избрана прво како помлад асистент на Факултетот за политички науки и меѓународни односи по предметот Информациски технологии. Потоа била именувана во звање помлад асистент на Факултетот за информациски и комуникациски технологии, потоа станала асистент, а била избрана од страна на Факултетот за информатика од областа на информатичките технологии.

Како асистент таа предавала по предметите Компјутерска електроника, Вовед во програмирање, Принципи за логички дизајн и дискретни автомати, Објективно ориентирано програмирање, Компјутерски компоненти, Софтверско инженерство, Објектно ориентирана анализа и Теорија на игри.

Освен што била ангажирана како асистент на Факултетот за информатика, таа била ангажирана и на Факултетот за детективи и безбедност по предметот Применета информатика, на Факултетот за политички науки и меѓународни односи, на Факултетот за правни науки и на Факултетот за економски науки по предметот Е- општество.

Пред два месеца пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски пред Законодавно-правната комисија побара автентично толкување на член од Законот за Агенција за разузнавање, односно побара пратениците да истолкуваат дали годините поминати како асистент на приватен универзитет кој врши наставно научна дејност може да се сметаат за работно искуство од областа на безбедноста.

Но, со мислење на Владата на Комисијата едногласно беше одбиено неговото барање за автентично толкување со образложение дека членот 9 е јасен, а во него меѓу условите е тоа дека за раководна позиција на АР, кандидатот треба да има најмалку десет години работно искуство во овие области, а Приватниот факултет е акредитиран за вршење на наставно-образовна дејност.

Освен за Стојановска, ДКСК имаше добиено претставка и за директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева во која било наведено дека не доставувала извештаи за работата на Агенцијата ни до Собранието, ни до претседателот на Владата.

Но, Комисијата се прогласи за ненадлежна за овој предмет уште минатата година и ѝ го прати на претседателката Сиљановска-Давкова под чија надлежност е Агенцијата за разузнавање.

– Во однос на прашањето за директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, оформен e предмет по кој веќе e донесена Одлука на седница на ДКСК, во која е констатирано дека ДКСК нема надлежност во однос на пријавените наводи и дека за истото достави известување до Претседателот на Република Северна Македонија, заради натамошно преземање на мерки за надлежно постапување. По однос на истото ДКСК нема добиено информација од страна на Претседателот на РСМ во однос на преземени активности – велат од ДКСК за „Слободен печат“.

Од Кабинетот на претседателката не одговорија зошто претседателката сѐ уште молчи за барањето на ДКСК.

По промената на власта, ВМРО-ДПМНЕ ги смени челните позиции на безбедносните служби пред да им истечат мандатите на претходниците, па на местото на Еролд Муслиу во Агенцијата за разузнавање ја именуваше Јаковлева и заменичката Стојановска, а во Агенцијата за национална безбедност (АНБ) на местото на Заре Милошевски го именуваше Бојан Христовски за кого имаше девет претставки до ДКСК, но Комисијата не најде ништо спорно во неговото именување. Јазичниот сертификат, кој беше еден од оспорените пред ДКСК, сега го проверува скопското јавно обвинителство. Инаку, во АНБ каде претходно заменикот беше избран во мандат на поранешната влада на СДСМ и ДУИ, сѐ уште нема именувано нов заменик директор.

Сиљановска инаку денеска оствари прва работна посета на Агенцијата за разузнавање на која и бил претставен Годишниот извештај за работата на Агенцијата за 2024 година како и тековните и среднорочните регионални и национални безбедносни закани, ризици и предизвици.

-Претседателката во разговор со раководството на Агенцијата се запозна со оперативните, аналитичките, техничките и кадровските капацитети и можностите за нивно понатамошно унапредување. Се разговараше и за 30-годишнината од донесувањето на првиот закон за Агенција за разузнавање, што соодветно ќе биде одбележана во март годинава- соопшти АР.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот