Дивна Пешиќ Грозданов: Во Македонија постои менталитет на завист, особено ако некој е поуспешен од друг! (ФОТО)

Мојот поим за жена е мајка ми, на лик поубава од Софија Лорен, во душата подобра од ангел, во срцето похрабра од маж, цел живот среќно вљубена во татко ми, посветена на семејството, вредна, паметна, духовита, образована, хумана…, вели Дивна.

Нашата најдобра стрелачка, со 37 државни рекорди во машка и женска конкуренција, со два златни медала на Балканот, 14-то место во Европа, 15-ти резултат во светот во стрелаштво, денес пука во платната. Со бои. Со сопругот Блаже и двете деца, Стефан и Виктор, живеат во Америка. Вели, ѝ се смениле работните обврски, приоритетите, исчезнала безгрижноста. Во разговорот за „Женски печат“, Дивна ни открива како се живее во Америка, каков е односот на американското општество кон жената, како е да се биде домаќинка и мајка, дали ќе му се врати на стрелаштвото, што ѝ недостига од Македонија, а што најмногу ја иритира.

Како дојде до одлуката да го продолжиш животот во Америка. Беше ли тешка адаптацијата, на почетокот? Што најмногу те плашеше?

– Во Америка останав да живеам прво поради мојот сопруг Блаже, кој живееше во Америка подолго време. Се сретнавме случајно во Њујорк, додека јас престојував таму поради мојата ликовна изложба на Менхетен и, иако со Блаже се знаеме од деца и сме растеле заедно во исто друштво во Кавадарци, токму во Њујорк се роди нашата љубов.
Почетокот на мојот живот во Америка беше голема промена за мене, многу измешани чувства и моменти. Бев пресреќна што го најдов човекот на мојот живот и со него заедно ја градевме смислата на нашето постоење. Дојде првата бременост, па првото дете, па набргу втората бременост, па второто дете. Најтешко ми беше што најубавите моменти од мојот живот не можев да ги споделам во присуство на моите родители и сестра ми, туку преку телефон. И до ден денес, најмногу ми недостига моето потесно семејство и вистинските пријатели кои се во Македонија. Се сменија работните обрски, приоритетите, исчезна безгрижноста…

Мајка си на две дечиња, на какви вредности ги учиш децата? Која е предноста или недостатокот на тоа децата да растат во САД, наместо во Македонија?

– Децата ги учам на истите вредности на кои мене ме научиле моите родители, дека најважно во животот е семејството, љубовта, пријателството, образованието, напорната работа, инвестирањето во знаење, спортот и уметноста, моралот, достоинството, издржливоста, упорноста, чесноста, храброста, добрината. Понекогаш имам револт поради некои неправди кои му се случија на моето семејство во последните три години и посакувам да можам да ги воспитам поинаку, за да бидат подготвени на суровоста на монструмите кои сè повеќе постојат во светот, но тогаш јас нема да бидам Дивна. Децата најдобро учат од тоа што гледаат и слушаат пред себе, а јас и Блаже ги воспитуваме и ги растеме во многу љубов и хармонија. Според мене, најдобро е децата да растат со поширокото семејство и да ја почувствуваат љубовта и од бабите и од дедовците, од тетките, стрините, вујковците, првите братучеди…, зашто никој и ништо не може да ја надомести таа важна улога во развојот на децата. Америка нуди многу можности и дава подеднакви шанси на сите деца во нивниот едукативен и креативен развој, но сепак, овие предности според мене се ништовни доколку децата не ја почувствуваат слободата и безбедноста во растењето, детските игри пред зграда, другарството од маалото, превоспитувањето и галењето од бабите. Затоа, колку што можеме, престојуваме со децата за време на летниот период во Македонија.

Прочитајте и...  Ви се насобрал стар леб? Денес за вечера подгответе ја оваа сочна и мека пита која се топи во устата (ВИДЕО)

Како се снаоѓаш во улогата на мајка и домаќинка?

– Да се биде мајка е благодет, а да се биде мајка на Стефан и Виктор е привилегија на квадрат. Се радувам што ги научив да ја сакаат храната и да уживаат во неа, па така, сечкањето во кујна појадок, ручек, вечера, не ми паѓа воопшто тешко. Им пеам и кога не ми се пее, си играм и кога не ми е до игра, но затоа се радувам на нивната среќа. Понекогаш ми фали интелектуалната работа и ме убива монотонијата од работата дома, но сè си има приоритети во различните животни периоди. Иако доста често сум и физички и психички изморена, наоѓам време за сликање и тоа многу ме исполнува.

Во текот на животот, како се менуваше твоето гледиште за тоа што значи да се биде жена?

– Мојот поим за жена била мајка ми, на лик поубава од Софија Лорен, во душата подобра од ангел, во срцето похрабра од маж, цел живот среќно вљубена во татко ми, посветена на семејството, вредна, паметна, духовита, образована, хумана… Разликата во моето гледиште кон поимот жена е што откако јас станав мајка ја почувствував безусловната љубов и силата која ти ја дава семејството.

Прочитајте и...  Подвиг на италијанските хирурзи: Успешно раздвоија сијамски близначки споени во черепот (ВИДЕО)

Крена ли сосема раце од стрелаштвото? Сосема ли ѝ се посвети на уметноста, на сликарството? Што моментно најмногу те окупира?

– Стрелаштвото ми е болна точка во изминатиот период. Таа голема неправда врз мојот татко кој цел живот ми е тренер по стрелаштво, дојде токму преку тој спорт. Три години главна преокупација ми е борба со злото, борба со измамници, борба со неписмени. Обид да се најде еден ЧОВЕК во институциите да прочита и правилно да толкува фаќање за рамо, обид еден ЧОВЕК да го почитува законот и да разбере дека не бараме милост, туку правда. Навистина се надевам дека ќе профункционира правната држава и дека ќе ја дочекаме толку посакуваната правда, живи и здрави, па дури тогаш можеби би се вратила назад во пукалната и би ја прифатила понудата која ја имав во најголемото стрелиште во Њу Џерси да бидам инструктор. Сега засега, пукам по платната. Со бои.

Минатата година по петти пат го освои првото место на натпреварот по уметност Американ арт авард со делото „Македонско богатство“. Во еден разговор објасни дека името на делото се однесува на твоето семејство во кое си израснала. Кои се најзначајните пораки од твојата мајка и од твојот татко во однос на женските прашања?

– Навистина сум горда за победата на светскиот натпревар по уметност Американ арт Авардс 2019, во категорија на апстрактен експресионизам, со учество на 65 држави од светот, со моето дело „Македонско богатство“. Точно така, за мене македонско богатство е моето семејство во кое сум пораснала, а всушност семејството е најголемото богатство на една нација, доколку го нема или го разделиш, многу полесно ќе ја манипулираш целата нација. Моите родители нè одгледале мене и сестра ми со многу љубов и поддршка во сè што сакаме да работиме. На шест години почнавме да пукаме, па потоа трениравме атлетика, кошарка, пинг-понг, свиревме клавир, пишувавме поезија. На 13 години татко ми ми го направи првиот штафелај и ми донесе книга за да научам како се импрегнира платно и се мешаат бои, и така започнав да сликам масло на платно. Никогаш не ни кажувале приказни за Пепелашка ниту пак нè разгалувале со комплименти вообичаени за девојчиња. Се подразбирало дека треба да учиме, да спортуваме, да бидеме одговорни, дисциплинирани, истрајни, доследни во сè што работиме, а никогаш не ни кажале конкретно вака или така треба. Најверојатно нивниот животен стил и учинок беше пример за нас што е добро, а што е лошо. Бескрајно им благодарам што ме создале силна и чувствителна, добронамерна жена.

Прочитајте и...  ПО „ЈАВНА СОБА“, СЕГА И „ГЕВГЕЛИЈАХАБ“: Порнографски клипови од жени од Гевгелија се шират по приватни пораки на Фејсбук

Каков е односот на американското општество кон жената, особено кон вулнерабилните групи. Можеш ли да направиш споредба со Македонија?

– Во Америка, за разлика од Македонија, сите се еднакви. Мажи, жени и останати. Сите се дојдени од некој крај од светот и не се придава важност дека не си роден Американец. Речиси сите се љубезни, учтиви и ретко кој ќе те опцуе без причина. Постои закон за сите, особено се заштитени вулнерабилните групи, и за разлика од Македонија, тој закон функционира за сите подеднакво.

Ќе те видиме ли со изложба во Македонија? Кои се твоите приоритети за 2020 година?

– Би сакала наскоро да направам изложба и во Македонија, со оглед на тоа што мојата последна самостојна изложба во Македонија беше во 2009 година, сигурна сум дека со новите дела ќе ги воодушевам љубителите на уметноста, но да почекаме подобро време. Наскоро, се надевам. А приоритети за 2020, да сме живи, здрави и среќни.

Со 37 државни рекорди во машка и женска конкуренција во стрелаштво, какво беше чувството да се биде признаена жена во овој машки спорт? Те гледаа ли мажите малку со љубомора, или „попреку“?

– Во Македонија, за жал, постои еден менталитет на завист, особено на завист кон некој ако барем малку е поуспешен од некој друг. А доколку тој некој е млад, убав и женско, па и знае да пука подобро од мажите, тогаш подобро да не си во Македонија. Затоа и тешко ни оди како нација. Многу малку од луѓето знаат да почитуваат и да се радуваат на нечиј успех. Трагично е што уште помалку се радуваат и почитуваат ако некој направи успех за својата земја Македонија. Сепак, им благодарам на сите оние кои се радуваа на успесите што ги постигнав за Македонија, 37 државни рекорди, 2 златни медала на Балканот, 14-то место во Европа, 15-ти резултат во светот…

 

Прочитај повеќе

Како да изберете совршена лубеница?

Слободен печат

Во судница прикажана слика од крвавиот Џони Деп на носилки, актерот првпат кажа што му направила Амбер (ФОТО+ВИДЕО)

Слободен печат

Разладете го домот во најтоплите денови без климатизер

Слободен печат

Во Европа има сѐ помалку работа за странци: Ни се заканува раст на невработеноста и пониски плати

ПО „ЈАВНА СОБА“, СЕГА И „ГЕВГЕЛИЈАХАБ“: Порнографски клипови од жени од Гевгелија се шират по приватни пораки на Фејсбук

Мирослава Бурнс

Кејти Пери и Орландо Блум повторно докажаа дека имаат интересна смисла за мода (ФОТО)

Слободен печат

Остави Коментар

Прочитај повеќе

Лек за 100 болести: Боровинките се едни од најлековитите овошки

Слободен печат

Интервју со Андријана Јаневска: Чест ми е да ја претставувам Македонија во ваков светски проект

Јасмина Кантарџиева Димков

Измените во системот за евиденција на здравствените услуги ги скара ФЗО и матичните лекари

Тачи: Ахмети создава тензии со барањето за премиер Албанец, гарантирам, ако станам заменик-премиер, ДУИ ќе бидат мирни како кокошки (ВИДЕО)

Слободен печат

Хали Бери се откажa од улогата на трансродов маж (ВИДЕО)

Слободен печат

Многумина мислат дека носењето на маската под носот е неправилно, но еве во кои ситуации е потребно

Слободен печат