Белградската дискографска куќа „Поп депресија“ објави видеоспот со песна за Скопје

Во последниот ден од 2022 година, пред влезот во новата година, белградската дискографска куќа „Поп депресија“ објави видеоспот со песна за Скопје на македонски јазик.

Насловот на песната е „Отвори го прозорецот“, а автор на музиката и на текстот е македонскиот поет Јовица Ивановски. Песната е напишана далечната 1994 година, а сега е облечена во ново руво од белградскиот музички состав Ема & Џими, потпомогнат од извонредниот вокал на Јулија Кастелучи.

– Песната ги спојува хоризонталата и вертикалата. Напишана е во 1994 година во Скопје и останала таму спакувана во фиока. По 29 години излегува од фиоката, се сели во Белград и ја здогледува светлината на денот, на самиот крај на 2022 година и на почетокот на новата 2023 димензија. Песната е артефакт на едни дух и време кои ќе останат и ќе траат – објаснува Јулија Кастелучи, која е мултимедијална уметница во форма на сонична скулптура, а истовремено е сопственичка на онлајн-музејот „Дигитална имовина“.

Видеоспотот за песната е дело на Јулија Кастелучи и е своевиден омаж за Скопје. Ема (Емилија Ѓорѓевиќ) е член на белградската група „Коикои“, додека Џими (Никола Мијушковиќ) на групата „Турбо Транс Туристи“, и ова им е трет заеднички проект.

– Песната е од минатиот век и едвај се сеќавам кога сум ја напишал. Беше спакувана за заборав (како и многу други мои песни). Но, по низа околности се појави екипа од Белград која го сфати тоа што многу други не успејаа. Јулија, Ема и Џими, како што им доликува на млади и талентирани музичари, ја облекоа песната во ново руво, според најновата мода на нивните префинети умови. Искрено се надевам дека песната ќе дејствува на слушателите како што дејствува на мене, дека ќе ги размрда, развесели, распее… од денес сум на целодневна игранка, не престанувам да танцувам. Се радувам! – го опишува своето чувство Јовица Ивановски.

Видеоспотот со песната „Отвори го прозорецот“ е објавен на Јутјуб, а од средината на јануари ќе го има на сите дигитални платформи, истакнуваат од „Поп депресија“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот