Директорот Христовски допрва ќе „пресече“ дали ќе биде асистентот Христовски

Бојан Христовски / Фото: Слободен печат, Слободан Ѓуриќ

Директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски ќе чека формално да ја добие одлуката на Наставно-научниот совет дека е избран за асистент на Факултетот за безбедност, па потоа ќе каже дали ќе се откаже од директорското место на АНБ.

– Сè уште не сум формално известен за евентуалната одлука на Наставно-научниот совет. Штом бидам известен, ќе ве информирам – вели Христовски во изјава за „Слободен печат“ на нашето прашање дали ќе се откаже од директорската функција ако избере да работи како асистент.

Претходно од Факултетот за безбедност за „Слободен печат“ потврдија дека Христовски на седницата на Наставно-научниот совет е избран за асистент на научната област криминалистички науки.

– Ве известувам дека на седницата на Наставно-научниот совет директорот на Агенцијата за национална безбедност м-р Бојан Христовски е избран во соработничко звање асистент на научната област криминалистички науки – се вели во службениот одговор што го добивме од Факултетот.

Инаку, седницата завчера беше закажана за во 12 часот, но членовите на Советот не успеаја да обезбедат кворум, па ја презакажаа за вечерта во 19 часот.

Прашањето што се наметнува по неговиот избор за асистент е дали сега ќе треба да се откаже од директорското место во АНБ, а за одговор од Факултетот за безбедност нè упатија да се обратиме до Христовски.

Според законските процедури, ако Христовски сака да биде асистент на Факултетот за безбедност, треба да се откаже од директорското место во АНБ, да даде отказ од Министерството за внатрешни работи каде што работното место му е во мирување и да заснова нов работен однос со Факултетот за безбедност.

Всушност, неговиот избор за асистент треба да заврши со засновање работен однос до крајот на оваа година. Кога беше избран за директор на АНБ, тој беше вработен во МВР, а со решението за именување, работниот однос тој го ставил во мирување.

Со оглед на тоа дека Владата го именуваше со решение, ако одлучи да биде асистент, Владата треба да донесе решение за негово разрешување.

За да заснова работен однос со Факултетот за безбедност како асистент, пак, тој во Министерството за внатрешни работи треба да однесе решение за престанок на мандатот на директорското место и да го одмрзне мирувањето на работниот однос. Потоа треба да даде отказ од МВР и да заснова работен однос на Факултетот.

Владата го назначи Христовски за директор на АНБ на 16 октомври, а оттогаш не престануваат реакциите за неговото именување и дали тој ги исполнува условите да ја води Агенцијата. Најспорен беше неговиот ТОЕФЛ сертификат за англиски јазик издаден од јазичниот центар „Јулија“ од Пловдив, Бугарија, за кој во јавноста беше откриено дека не постои и не се занимава со полагање. За ваков ист фалсификуван сертификат две директорки веќе биле осудени на условни казни.

Од ДКСК за „Слободен печат“ откриваат дека кон првичната пријава за Христовски доставени сè уште седум пријави.

– Во однос на предметот за директорот на АНБ, Бојан Христовски кон првичната пријава доставени се уште седум пријави до Државната комисија за спречување на корупцијата. Доставени се барања за прибирање на потребната документација за утврдување на фактичката состојба, за што сè уште течат законските рокови за доставување на истата. По утврдување на фактичката состојба, ДКСК ќе донесе одлука на јавна седница и ќе ја објави на веб-страницата на Комисијата, велат од ДКСК за „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот