Девојки и жени, но и мажи и малолетници меѓу 330 регистрирани сексуални работници во Гостивар

Проституцијата станува сѐ позастапена во Гостивар и регионот, а со сексуална работа во градот се занимаваат околу 330 луѓе, меѓу кои има девојки и жени, но и мажи, како и малолетници, пишува „Гостивар прес“, повикувајќи се на податоците на невладините организации кои се занимаваат со оваа проблематика.
Тие посочуваат актуелна бројка од околу 330 сексуални работнички/ци во Гостивар, со оценка дека тешко е да се даде прецизна статистика и дека реалната бројка сигурно е поголема.
„Нашата организација спроведува Програма за заштита на сексуални работници од 2008 година и со неа се опфатени личности кои даваат сексуални услуги и сакаат да се испитаат за сексуално преносливи инфекции, да се советуваат за заштита и сл. Лани преку таа програма кај нас се пријавија околу 330 сексуални работници, меѓу кои има и тројца машки. Инаку, лани имаме 11 нови сексуални работнички, односно такви кои за првпат се обратиле кај нас. Вкупно, од почетокот на спроведување на програмата, евидентирани ни се околу 1.300-1.400 лица, меѓу кои има и малолетни, под 18 години, но има и доста од други градови и други држави и затоа е тешко да се направат прецизни податоци. Во Тетово неколку години не работи таа програма, па преземаме и од таму, колку што можеме финансиски да издржиме. Реално, бројката на лица кои даваат сексуални услуги во Полог е сигурно поголема“, вели Зоран Попоски, претседател на организацијата ХЕЛП Гостивар.
Сексуалните работници спаѓаат во високо ризична категорија за сексуално преносливи болести, поради што преку организацијата добиваат прегледи и анализи.
„Еднаш до двапати месечно доаѓа комбе за бесплатни гинеколошки прегледи, им се нуди терапија, кондоми и лубриканти за сигурен сексуален однос. Исто така, може да направат испитување и за ХИВ СИДА. Доста од нив се зависници од дрога, па добиваат услуги и од Програмата за заштита на корисници на дрога како размена на игли и шприцеви, медицинска помош и сл“, вели Попоски.
Проституцијата во Македонија и натаму е забранета, и покрај долгогодишните апели на дел од невладиниот сектор оваа дејност да се легализира. Полицијата во полошкиот регион често прави акции по локалите, при што се откриваат девојки и жени наводно ангажирани како танчерки и пејачки, од кои дел се странски државјанки кои непријавено престојуваат и работат како сексуални работнички.