Десничарските лидери од целиот свет отворено го поддржуваат Трамп

epaselect epa08756469 Demonstrators participate in 'Latinos for Trump' demonstration, a parade in support of US President Donald J. Trump, at Tamiami Park in Miami, USA, 18 October 2020. EPA-EFE/MARIO CRUZ

Претстојните претседателски избори во Соединетите Американски Држави, на кои ќе се соочат актуелниот претседател Доналд Трамп и кандидатот на Демократската партија Џо Бајден, многумина ги сметаат пресудни за земјата.

Појдовните точки од кои поаѓаат и двајцата кандидати, како во ниту еден друг момент во историјата не биле толку различни, па изборите повеќе наликуваат на референдум, на кој Американците ќе бираат како во иднина ќе им изгледа државата.

Според досега направените анкети, Бајден има двоцифрено водство пред Трамп, но аналитичарите предупредуваат дека тоа не мора ништо да значи, бидејќи изборите ги решаваат изборните гласови на сојузните држави, а токму на таков начин Трамп победи на претходните избори, иако Хилари Клинтон имаше повеќе од три милиони гласови на своето конто.

Трамо има поддршка и од латино заедницата во САД/ Мајами, Флорида 18 октомври 2020/ Фото: EPA-EFE/MARIO CRUZ

Поделбите во американското општество се огромни, а поддржувачите на двајцата кандидати покажаа и дека се подготвени на насилството, во блиските средби со активистите од другата страна. Но, поделбите околу Трамп и Бајден не се тема само во САД, туку и во светот. Важноста на политиката на оваа земја е големо значење и за остатокот на светот, па поддршката за едниот или другиот пристигнува од сите страни. Интересно е што за Трамп отворено навиваат огромен број лидери и политичари, профилирани како десничари, кои се стремат кон авторитарно владеење во своите земји.

Орбан не сака да ги види демократите на власт

Неколку анкети покажуваат дека светот не му е многу наклонет на Трамп, но додека естаблишментските политички лидери одбегнуваат јавно да поддржат страна, докажаните десничари недвосмислено се ставија на страната на претседателот.

– Добро сме запознаени со надворешната политика на администрацијата на Демократската партија на САД, изградена на темелите на моралниот империјализам. Го имаме пробано тоа, под голем притисок. Не ни се допадна тогаш, нема да ни се допадне ниту во иднина – посочи унгарскиот премиер Виктор Орбан, како одговор на изјавата на Бајден, кој претходно посочи дека Трамп ги обединил „неранимајковците“ од целиот свет.

Отворено за нов мандат на Трамп навива и Андзеј Дуда, претседател на Полска, кој во кампањата за неговата кандидатура се залагаше за „семејни вредности“, напаѓајќи ја ЛГБТИ-заедницата во неговата земја, порачувајќи дека нивните гласови не му се потребни. Во текот на кампањата Дуда дури и отпатува за Вашингтон, каде што се сретна со Трамп, од кого доби голем број пофалби и суперлативи. Сега кога на Трамп му е потребна помош, Полјаците му возвратија.

– Трамп е како Јован Павле Втори, полскиот папа. Полскиот народ ќе те поддржи на изборите на 3 ноември – напиша на Твитер блискиот соработник на Дуда, Доминик Таржински.

И во другите европски земји на власт се приврзаниците на Трамп. Меѓу нив е и словенечкиот премиер Јанез Јанша, кој по ТВ-соочувањето на Трамп и Бајден, радосно изјави дека „Доналд победил убедливо“.

Моќниот опозициски политичар од Италија, Матео Салвини, исто така се вбројува меѓу горливите поддржувачи на американскиот претседател, како и потесното раководство на десничарската шпанска партија Вокс. Секако дека тука може да го вметнеме и бразилскиот претседател Жаир Болсонаро, кој неколку пати посочи дека Трамп е инспирација за неговата политика, како и првиот човек на Филипини, Родриго Дутерте, кој иако никогаш јавно не изјавил дека навива за Трамп, но според неговите изјави станува јасно дека тој воопшто не би бил среќен со изборот на Бајден.

Трамп е трендсетер

Голем број политичари од десна провиниенција се угледаа на Трамп, па од својата реторика ја отфрлија политичката коректност, што секако дека им донесе повеќе гласови од одредени слоеви на електоратот.

Парада за поддршка на Трамп/ Мајами, Флорида 18 Oктомври 2020. Фото: EPA-EFE/MARIO CRUZ

– Трамп е огромна инспирација за голем број луѓе од целиот свет. Тука станува збор за патриотски сили што се борат против глобализацијата. Но, во исто време и отфрлање на политичката коректност, која никогаш претходно не била успешно предизвикана, а е омилено средство за комуникација на левичарите, кои само ги повторуваат своите мантри, испраќајќи закани на сите страни. Поразот на Трамп ќе биде лоша вест не само за Шпанија, туку за целиот Запад, кој е најдоброто место за живот во историјата на човештвото – вели Иван Еспаноса де лос Монтерос, портпарол на Вокс.

Агостон Мраз, политички аналитичар од Унгарија, вели дека Трамп е своевиден трендсетер за политичарите во неговата земја, но и за десничарите од целиот свет. Неговата парола „Америка на прво место“, веднаш беше инкорпорирана од сите лидери, кои сметаат дека таквата реторика е иднината на политичкото делување.

– Трамп е трендсетер и тоа што тој го направи во САД, веднаш беше прифатено од нашата владејачка партија Фидес. Орбан и неговите соработници внимателно ги следеа неговите настапи и пораки и тоа добро го анализираа, па почнаа да влечат слични потези – вели Мраз.

До претседателските избори во САД преостанаа помалку од три недели.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот