Десетгодишниот јубилеј на скопскиот „Екс либрис“ одбележан со двојна графичка изложба

Во галеријата на ДСУЛУД „Лазар Личеноски“ во Скопје деновиве беа изложени 80 дела од Меѓународното графичко биенале „Екс либрис“, како и 80 дела од Првата младинска „Екс либрис“ изложба.

Ликовната дисциплина „Екс либрис“, како категорија на ликовно изразување, во светот постои подолго време, но до 19 век кај екслибристите преовладувале исклучително хералдички мотиви. Како специфичен медиум на изразување и како ликовна форма отсекогаш бил интересен за авторите, но дури со појавата на модернизмот и индустриската револуција, некаде на самиот почеток на 20 век, „Екс либрисот“ почнува да се третира послободно во ликовна смисла. Оттогаш, па сѐ до денес, постојат автори и колекционери што се посветени на создавање и собирање на овој вид уметност.

Годинава се навршува една декада од отворањето на Првата меѓународна „Екс либрис“ изложба во Скопје во 2012 година. Од денешен аспект може да се каже дека Меѓународното графичко биенале на мал формат „Екс либрис“ во Скопје веќе е респектабилен и рамноправен сегмент од светската графичка сцена.

– Во изминатите 10 години во рамките на графичкото биенале „Екс либрис“ изложуваа повеќе од 300 автори од целиот свет и беа претставени повеќе од 600 дела, кои скопската и македонската публика имаа привилегија да ги видат. Од година во година, од издание до издание, сѐ поинтензивно се остваруваа целите зацртани на самиот почеток. Идејата и волјата на тимот оваа изложба да се најде на светската графичка мапа не само што се реализираше во целост, туку со оваа изложба, која сѐ уште е единствена од овој тип кај нас, градот Скопје и воедно Република Македонија го зацврсти своето место на истата – истакнува м-р Соња Димовска, иницијаторка и организаторка на изложбата.

Растејќи и испишувајќи нови страници на македонската графичка сцена, Меѓународната „Екс либрис“ изложба во Скопје создаде поглавје што е неизоставен дел од агендите и портфолијата на екслибристите од сите делови на планетава. Десетгодишнината од постоењето на скопскиот „Екс либрис“ беше добра можност за потсетување на почетоците, но и за отворање едно ново поглавје.

– Овој десетгодишен јубилеј го одбележуваме со мала ретроспектива на која се селектирани 80 дела од 68 автори од 26 земји (селекција од третото издание на „Меѓународната ’Екс Либрис‘ изложба Скопје 2016“) и 80 дела од учениците од графичкиот оддел при ДСУЛУД „Лазар Личеноски“ под мое менторство. Изложбата е поддржана од Општина Центар.

Дела изложени на Првата младинска „Екс либрис“ изложба во Скопје

Со отворањето на Првата младинска „Екс либрис“ изложба, се надевам дека таа ќе ги следи стапките на скопскиот „Екс либрис“ и од издание до издание ќе расте и ќе биде добар мотив за новите генерации графичари да се мотивираат, едуцираат и инспирираат. Исто така, се надевам дека во иднина младите графичари, кои своите почетоци ги имаат токму на оваа изложба, успешно ќе ги испишуваат новите страници на македонската и светската графичка сцена – посочува Соња Димовска.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 159, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 17-18 декември 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот