Тоше Проески со малечко девојче на неговиот последен концерт / 5 октомври 2007 / Фото: ROBERT ATANASOVSKI / AFP / Profimedia

Денеска се навршуваат 45 години од раѓањето на Тоше Проески, ѕвезда што никогаш нема да згасне

На денешен ден, 25 јануари 1981 година, е роден Тоше Проески, македонски пејач чиј музички опус и хуман ангажман го направија една од најзначајните личности на современата македонска култура.

Тодор „Тоше“ Проески е роден во Прилеп, а потекнува од влашко семејство од Крушево. Музичките почетоци ги имал уште во детството, кога во 1992 година настапил на детскиот фестивал „Златно славејче“ во Скопје. Музичкото образование го стекнал во музичко училиште во Битола, а подоцна и на Музичката академија во Скопје.

Професионалната музичка кариера ја започнал во 1997 година на фестивалот „Мелфест“ во Прилеп, каде што победил со изведба на песната „Yesterday“ од „Битлси“. Истата година настапил и на „Макфест“ со композицијата „Пушти ме“, со што го привлекол вниманието на пошироката јавност. Песните „Пушти ме“ и „Остани до крај“ го означија неговиот ран подем, а пресвртна точка во кариерата претставува настапот на Скопскиот фестивал во 1999 година со „Твоите бакнежи на моите бели кошули“.

Во 1999 година го објавил деби-албумот „Некаде во ноќта“, по што следел период на интензивна продукција и концертна активност. Во 2000 година учествувал на „Скопје фест“ со песната „Солзи прават златен прстен“, а истата година го промовирал и албумот „Синот Божји“, кој содржи неколку од неговите најпрепознатливи песни. Во следните години неговата кариера добива регионална димензија, со изданија на македонски, српски и други јазици.

Тоше Проески
Тоше Проески за време на концерт во Тетово / 15 септември 2001 / Фото: EPA PHOTO/EPA/GEORGI LICOVSKI

Посебно значаен момент во неговиот професионален развој е победата на „Беовизија“ во 2003 година со песната „Чија си“, што го позиционира како една од водечките поп-ѕвезди на Балканот. Во 2004 година ја претставува Македонија на Изборот за песна на Евровизија во Истанбул со песната „Life“, англиска верзија на „Ангел си ти“, и го освојува 14. место во финалето.

Во текот на кариерата, Тоше Проески соработувал со бројни истакнати автори, композитори и изведувачи од Македонија и од регионот, меѓу кои Григор Копров, Жељко Јоксимовиќ, Леонтина Вукомановиќ, Марина Туцаковиќ, Миро Буљан, Антонија Шола и Тони Цетински. Неговата дискографија вклучува албуми кои оставија силен печат на регионалната музичка сцена, а „По тебе“ се смета за едно од најуспешните поп-изданија на Балканот.

Тоше Проески за време на националниот Избор на песна за Евровизија / 14 февруари 2004 / Фото: EPA/VLATKO PERKOSKI

Во 2004 година Тоше Проески бил именуван за Амбасадор на добрата волја на УНИЦЕФ, а во тој контекст ја сними и песната „За овој свет“, која стана препознатлив симбол на неговиот хуман ангажман. До крајот на животот одржа бројни хуманитарни концерти, а неговиот последен голем настап се одржа на 5 октомври 2007 година на Градскиот стадион во Скопје, посветен на поддршка на образованието.

Тоше Проески трагично загина на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, Република Хрватска. Посмртно беше прогласен за заслужен граѓанин на Македонија, а 17 октомври 2007 година беше прогласен за Ден на национална жалост.

ФОТО+ВИДЕО | „Тоше, те сакаме“: Ученици и уметници се собраа во ОУ „Лазо Ангеловски“ во чест на Тоше Проески

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот