Демант од синдикати на пет јавни универзитети на изјавата на техничкиот премиер Џафери

Прес-конференција по повод примопредавање на премиерската функција/Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Во име на вистината, ви испраќаме демант на неколку наводи од денешната прес конференција на техничкиот премиер Талат Џафери во врска со непотпишувањето на колективните договори на пет јавни универзитети.

Имено, Синдикатите на вработените на петте јавни универзитети, Универзитетт „Св. Климент Охридски“ – Битола, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, Универзитетот во Тетово, Универзитетот „Мајка Тереза“ – Скопје, Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ – Охрид одговорно тврди дека целокупната документација за потпишување на Колективните договори уредно е доставена до претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, основач на Универзитетот во периодот од Мај 2023 година до Декември 2023, соодветно од страна на сите универзитети поединечно.

Во однос на хронологијата, односно развојот на настаните околу (не)потпишувањето на колективните договори, ве потсетуваме и дека во почетокот на Декември мнозинството од овие пет јавни универзитети испратија предупредувачки писма до претседателот на Собранието на Република Северна Македонија за потпишување на колективните договори. Значи, ги опоменавме дека веќе истекува моментот за потпишување на колективен договор. Во текот на месец февруари, оваа година, беше ставен во оперативна употреба Колективниот договор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и беа исплатени платите по новиот Колективен договор. Веднаш потоа сите пет синдикални организации на јавните универзитети испративме барање за итен прием кај претседателот на Собранието. На 15.02.2024 година бевме примени од претседателот на Собранието, на средбата беше укажано дека ги имаме доставено сите документи и, дека, ако постоел проблем со документацијата, требало да се информира секоја синдикална организација. Во меѓувреме беше побаран и прием кај техничкиот премиер на РСМ, којшто требаше да се одржи на 02.03.2024 година, но истиот не се реализираше. Поради тоа на 04.03.2024 година се одржаа мирни протести, со дигнитет и достоинство…Ние не се занимаваме со политика!“

Уште еднаш сакаме да ја истакнеме граѓанската димензија на синдикалниот активизам на синдикатите на вработените во петте јавни универзитети и дистанцирањето од какво било политичко влијание, особено ако се земе предвид предизборниот период во кој се одвива и овој синдикален напор, не по вина и избор на синдикатите, туку поради немање желба и волја на Собранието и на Владата да го
потпишат колективниот договор и со останатите пет јавни универзитети поради непредвидените буџетски средства за реализација на истиот.

Со почит,

Синдикат на Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип

Синдикат на вработените на Универзитетот во Тетово

Синдикат на вработените на Универзитетот “Св. Климент Охридски”-Битола

Синдикат на вработените на Универзитетот “Мајка Тереза”-Скопје 

Синдикат на вработените на Универзитетот за информатички науки
и технологии “Св. Апостол Павле”-Охрид

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот