Делеа за да владеат – сега ќе обновуваат!

Фото: Манчо Митевски / Слободен печат/Архива

Висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека СДСМ форсирала поделби во општеството, а тие кога ќе дојделе на власт, ќе го обновувале! Голема измама! Во земјата постои судир на два сосема спротивставени концепта за развој на општеството. Едниот е граѓански, на СДСМ и коалицијата, а другиот е национален/националистички, кој заговара национална исклучивост и затвореност, што форсира општествени поделби по многу линии.

Се одржа првиот ТВ-дуел во пресрет на претстојните априлски предвремени парламентарни избори меѓу лидерите на најголемите партии на власта и на опозицијата. Иако е сè уште рано, сепак се забележаа контурите на стратегиите на програмите и на предизборните кампањи на двете партии, меѓутоа и нивото на политичка култура што ќе се манифестира. Уште за време на дуелот искоментирав дека начинот и стилот со кој настапуваше опозицискиот лидер покажува дека не само што нема политичка култура за дебати, туку нема ни елементарна култура и воспитување. Наредниот ден, тој, замолен да го коментира телевизискиот дуел, рече дека „се забавувал со Заев“! Таа неодмерена ноншалантност ми го заокружи впечатокот што го стекнав. Учеството на еден дуел што треба да почне да ги обликува првите елементи на граѓаните околу определбите за кого да гласаат на изборите – да се оцени како „забава“, не само што е несериозно и политички неодговорно, туку зборува обратно. Всушност, тој се забавувал со својата партија и со нејзините членови и симпатизери кои слепо му веруваат. Се забавувал и со некои „разочарани“ новинари, НВО-активисти и „шарени првоборци“ кои уживаат во вакви штосови кон лидерот на владејачката партија, живеејќи со својот „стокхолмски синдром“. Меѓутоа, има нешто уште пострашно: оваа изјава покажува дека ако сега се „забавува“ со вака сериозни работи, кој гарантира дека така нема да се „забавува“ со државата и граѓаните ако случајно (во што не верувам) тој и неговата партија дојдат на власт!?

Покрај ова, забележав уште една теза, слично извртена, релативизирачка и одбранашка како онаа претходната. На барањето став за „крвавиот четврток“ и за сите криминали и злосторства што ги направи режимот на Никола Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ во 11-годишното владеење, што резултираше со заробена држава, а потоа со судски процеси и обвинителски постапки против голем дел од поранешното и дел од сегашното раководство – по линија на најмал отпор изговараше: „за тоа прашајте го Груевски“! Како да заборавил дека во својата политичка кариера бил и советник на Груевски, и директор од негова доверба во државна фирма што врти најмногу пари, и член на регионални и централни изборни штабови, и на партиски комисии, и генерален секретар, а како круна на сè – предложен/октроиран за челник на партијата лично од Груевски и избран како единствен кандидат. А, тој се однесува како „ни лук јал, ни на лук мириса“!

Деновиве, исто така, еден висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека актуелната партија на власт СДСМ форсирала поделби во општеството, а тие кога ќе дојделе на власт, ќе го обновувале и помирувале и сплотувале поделеното општество! И тука се провлекува една голема измама и релативизација, бидејќи во земјата постои судир на два сосема спротивставени концепта за развој на општеството. Едниот е граѓански, на СДСМ и коалицијата, кој се залага за едно општество за сите, што го докажуваат повеќе конкретни проекти законски нормирани и некои и практично реализирани, а партијата не се стеснува да се декларира како мултиетничка. Другиот е национален/националистички, кој заговара национална исклучивост и затвореност, квазипатриотизам, страв од другите и поинаквите, со што форсира општествени поделби по многу линии. Партијата делбите ги прави и околу стратегиските приоритети на земјата – не ги признава и сака да ги поништи Преспанскиот договор („името не го даваме“, „никогаш Северна“, секогаш… северџани…) и Спогодбата со Бугарија, кои ја внесоа Македонија во НАТО и ја донесоа до датум за преговори со ЕУ, а сака во НАТО и ЕУ, што нема логика.

Овие две тези на високи личности на опозициската партија, неосновани, бидејќи не се поткрепени со факти, бегаат од вистината и играат на еден од најголемите синдроми на голем дел од населението во земјава – кусото паметење! Тоа ми е и поентата на овој текст: потсетување на заборавните, односно на оние со кратко паметење на широкиот спектар на поделби што ВМРО-ДПМНЕ ги направи за двата мандата на своето владеење, особено во вториот, во ерата на груевизмот, кога како владејачка партија и државни функционери поделија сè во општеството што можеше да се подели, а тоа продолжија да го прават и како опозиција. Тоа е во принцип – и најголемиот грев во владеењето на оваа партија. Имено, со изобилна примена на максимата на Јулие Цезар „скарај/подели, па владеј“, поделбите им беа најзначајниот инструмент за долгото владеење.

Со поделбите како дел од системот на владеење, кој беше во функција на зачувување на власта на ВМРО-ДПМНЕ и заробувањето и ограбувањето на државата, екстремно го подели општеството, македонскиот народ и граѓаните. Можат да се детектираат неколку видови поделби што ги форсираше ВМРО-ДПМНЕ цела декада како власт: партиски (во прв ред, и главна причина за сите други), идеолошки, идентитетски, национални (внатренационални и меѓунационални), верски, економски, социјални, статусни… Сепак, како врв, најтрагични и најапсурдни, поради карактерните особини на македонскиот човек – беа и сè уште се поделбите по партиска припадност, кои се спуштаа до семејно ниво, меѓу родители и деца, браќа и сестри, другари, пријатели, колеги од работа…

Според причините, мотивите и начините, поделбите предизвикани од политики и проекти кои ги форсираше владејачката структура на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, условно кажано, можат да се разглобат на: препрочитување и пишување нова историја, антикомунизам и дисконтинуитети, негирања, маргинализирања на сè што направиле комунистите и партиите од лева провиниенција во минатото (па и создавањето на државата) и во поблиското минато кога биле на власт, продлабочување на идентитетот со нов, со барање подлабоки корени од словенскиот во античкото минато, „името не го даваме“, „Скопје 2014“, „не дозволуваме двојазичност, федерализација, кантонизација…“, растурање на сите државни системи (образование, здравство, безбедност, администрација, дипломатија…) според дпмнеовско сфаќање и модел, прогласување „наши“ и „ваши“, при што е добро сé „наше“ (на ДПМНЕ), а сè што не е добро е „нивно“ (на тогашната опозиција, неистомислениците, другите, инаквите, никаквите…), со привилегираната позиција на општините каде што градоначалници беа од ВМРО-ДПМНЕ од централната власт (инвестиции, донации, проекти, повластици), и со казнување, сатанизирање, блокирање на функциите, сметките и проектите на четирите општини, а со тоа и на граѓаните со коишто раководеа градоначалници и совети од опозицијата, со лустрација на политичките противници и неистомисленици, дури и починати – само со двата прста на мнозинството провмровски лустратори – без пресумција на невиност и докази, со апсења и јавни жигосувања на ривалите и неистомислениците… Да не зборуваме за контрапротестите, контрапленумите, паралелните синдикати, НВО…

Како инструменти, односно именувања, поистоветувања, жигосувања и етикетирања од спектарот на поделбите од овој вид, системот на владеење најчесто ја (зло)употребуваше поделбата на „патриоти“ и на „предавници“ кога сакаше да ги разграничи и да ги потенцира љубовта и посветеноста на ВМРО-ДПМНЕ кон народот и татковината, наспроти националната „неосознаеност и нелојалност“ на СДСМ кон овие доблести. Системот оваа поделба со извртена теза ја форсираше не на релацијата кон татковината (што е вистинското), бидејќи никој не е против својата татковина, туку со поистоветувањето на партијата и државата, како предавници беа етикетирани оние кои не гласаа „за“ и не размислуваа како партијата. Во овој контекст може да се набројат и други, често употребувани поделби (иако како финеси ги има безброј): ВМРО – закон, Груевски бог, најдобар, СДСМ и Бранко, а потоа Заев – најцрни ѓаволи (ова како потсетување за Црвенковски и неговите пред изборите), соросоиди (не знам што сега мисли Милчин), антички Македонци (вистински) и Македонци – Словени, демохристијани и неверници/комуњари, православци и муслимани, реформисти и транзициски остатоци, преродбеници и регресивци, херои – страдалници и кодоши…

Можат да се редат уште многу примери на поделби и од времето додека беа на власт, но и отсега, кога се во опозиција. Меѓутоа, едно треба да биде јасно – ВМРО-ДПМНЕ нема реални изгледи повторно да ја освои власта со создавање перцепции преку лажни вести, извртени тези, блеф обнови – конструирани во партијата и агресивно распространети преку многубројните поткупени јавни и социјални медиуми. Сето тоа се прави за да се релативизираат состојбите со играње на картата на кусо паметење, со идеја да се создаде перцепција дека „сите се исти“ кај дел од граѓаните и особено сé уште неопределените, со цел тие да се разочараат и да не излезат на изборите, со што ДПМНЕ не би имало некаква корист, но тоа би било многу штетно за СДСМ, другите партии и демократијата. Оваа партија може да стане релевантна и фаворит за победник само ако се реформира (сé уште сé е исто, само него го нема), ако се извини за груевизмот и заробената држава (што не го направи) и ако прифати правна/судска одговорност за партијата и поранешните/сегашните функционери за криминалите и ограбувањето на државата (штo не го прифаќа)…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот