Давкова го прозва Груби дека како менаџер повикува на вработувања во „Бехтел и Енка“, тој ѝ одговори дека нема разлика од кампањите на Груевски за вработувања

Фото: Артан Груби, Фејсбук

Од каде му право на првиот вицепремиер Артан Груби да се однесува како менаџер на приватна фирма „Бехтел и енка“ и да повикува на вработување, праша пратеничката Гордана Силјановска Давкова на седницата за пратенички прашања. Груби ѝ одговори дека нема никаква разлика од неговиот повик за вработување со повиците на експремиерот Никола Груевски и поранешните министри за вработувањата во економските зони.

-Се сеќавам во минатото во три влади на ВМРО-ДПМНе дека при секоја странска инвестиција министрите или премиерот повикуваа на вработувања во компаниите во индустриските зони. Нишро не е различно ниту со овој проект кој што го финансира државата и ве повикувам и вас да ги повикате граѓаните да ја искористат можноста за вработување на коридорите 8 и 10 а. Тие ќе стекнат искуство кое ќе им биде од голема корист понатаму оти секоја комапнија ќе ги бара. Друга работа е лажната вест која се произведуваше во Собранието дека ќе се увезува работна сила, ќе се плаќаат пенали ако не се донесе некој закон, но нула од тоа не се случи – рече Груби.

Додека одговараше првиот вицепремиер пратеници од ВМРО-ДПМНЕ дофрлваа од седиште, на што Груби праша како се вика пратеничката.

-Лажна вест е, не се платени пенали, немојте со лажни вести. Вршите агенда за нешто што не знаете. Слушате наредби од партијата. Секоја теза која ја кажавте, Ви е наметна од партијата, како чипирани зборувате.  Цела ваша партија 11 години апелираше на вработување, правеше камапњи за вработување. Зошто се нервирате, мое убедување е тоа, респектирајте различно мислење. Професорке многу ми е жал, вие не сте член на партија и може не ги знаете ставовите на партијата која ве кандидирала за претседател на државата, може повторно да ве кандидира, ве номинирала за пратеничка. Сега дознав дека не сте членка на ВМРО-ДПМНЕ, исто како Данела која ја кандидиравте за градоначалничка. Очигледно не сте знаеле што правела ВМРО-ДПМНЕ 11 години со кампањите и очекувам да ми се извините за тоа- рече Груби.

Пратеничката Давкова му одговори на Груби дека тој бил во владите и коалициите со Груевски, а не таа.

-Не кажувајте Вие кој е партиски послушник. Вие велевте „тој доаѓа“, „тој е тука“. Вие сте прв заменик премиер за политички систем. Па каква врска има политички систем со инфраструктура. Вие треба да браните општо добро , а не како да сте вработени во „Бехтел и Енка“, Вие треба да повикувате на јавен ангажман, најдобрите во администрација, на мерит систем, а не за вработувања во „Бехтел и Енка“. Ако им помагате излегувате од политичката рамка и станувате сомнителен – рече Силјановска Давкова.

Во отсуство на министерот за правда Кренар Лога, пратеничката Силјановска Давкова ќе добие писмен одговор на прашањето што мисли министерот за измените на кривичниот законик, на кој не се потпиша и дали предложениот закон за амнестија е поради недостиг на простор во затворите. Пратеничката констатира дека ова ќе биде седма амнестија, односно дека по седми пат се случува упад во судството, дека Собранието се претвора во преки суд и дека исто како за скриената амнестија преку кривичниот законик сега со законот за амнестија повторно ќе има злосторство но ќе нема казна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот